Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прекрасен залив

Прекрасен залив

Прекрасен залив

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО МЕКСИКО

ПОМЕЃУ копнениот дел на Мексико и полуостровот Баија Калифорнија се брануваат тиркизно-сините води на Калифорнискиот Залив (означен на сликата), порано познат и како Кортезово Море. УНЕСКО го прогласи поголемиот дел од оваа област со пустинско крајбрежје и ридести острови за дел од светското наследство. Зошто е толку посебно ова место?

Калифорнискиот Залив, долг повеќе од 1.000 километри и широк во просек околу 150 километри, се одликува со извонредна убавина и изобилува со жив свет. На северниот крај од заливот, разликата во нивото на водата меѓу плимата и осеката е 9 метри, што е една од најголемите во светот. Сончевото време и изобилството хранливи состојки придонесуваат во него да врие од планктони и најразлични облици на живот. Од таа причина, а и поради бистрата вода во поголемиот дел од заливот, океанографот Жак Ив Кусто го нарекол „аквариум на светот“.

Бидејќи има повеќе од 890 видови риби, од кои околу 90 живеат само тука, овој залив претставува природна лабораторија за испитување на морскиот свет. Но, за жал, многу видови се загрозени, меѓу кои и реткиот кит Phocoena sinus наречен вакита, што на шпански значи „кравичка“.

Вакитата е најмалиот член на фамилијата китови бидејќи достигнува должина од еден и пол метар. Сеедно дали е сив или жолто-кафеав, има црни дамки околу очите. Ова срамежливо животинче ретко може да се види, и тоа само во плитките, матни води на заливот близу до устието на реката Колорадо, поради што не се знае многу за неговите навики. Всушност, за првпат е откриен дури во 1958 год., кога се пронајдени три черепи на една плажа на Баија Калифорнија.

Бидејќи ги има само неколку стотини, овие китови се прогласени за загрозен вид. Сепак, по десетина од нив секоја година умираат во мрежите на рибарите. За да се спасат од истребување, Мексико го претвори живеалиштето на овие ретки цицачи во природен резерват. Други постојани жители и гости, кои навраќаат во заливот при својата годишна преселба, се китовите, џиновската ража, морската желка, морскиот лав и големите јата туни.

Во морските длабочини на јужниот дел од заливот, научниците открија необични облици на живот што малкумина имале можност да ги видат бидејќи можат да се најдат само во ровот Гвајамас, кој е длабок речиси 2.000 метри. Во него има извори на топла вода кои ги одржуваат напредните колонии од суштества што црпат сила од водородниот сулфид наместо од сончевата светлина. Едно од овие суштества е цевчестата глиста која нема ниту уста, ниту црева. Украсена е со темноцрвена реса и живее во заедница со други глисти. Стоејќи исправено, со едниот дел прицврстен за морското дно, постојано се лелее како лист на ветрот — де кон ладната вода на океанот де кон топлата вода од изворот. За да опстане, цевчестата глиста живее во симбиоза со бактериите во нејзиното тело, а темноцрвената реса ѝ служи како жабри.

Иако биолошката разновидност во заливот е доведена во опасност, долгорочно гледано има надеж. Зошто? Затоа што ваквата закана многу го засега Творецот — толку многу што наскоро ќе преземе чекори за да ѝ стави крај на штетата што се нанесува и конечно да ја поправи, во склад со својата првобитна намера (1. Мојсеева 1:26-28; Откровение 11:18). Тогаш Калифорнискиот Залив ќе биде толку убав што зборот „прекрасен“ нема да биде доволно силен за да го опише.

[Слика на страница 25]

Голем северен кит

[Слика на страница 25]

Цевчести глисти

[Извори на слики на страница 24]

Сателитска снимка: NASA/The Visible Earth (http://visibleearth.nasa.gov/); гребен: © Dirscherl Reinhard/age fotostock

[Извори на слики на страница 25]

Плажа: Mexico Tourism Board; кит: © Mark Jones/age fotostock; глисти: © Woods Hole Oceanographic Institution