Сигурна иднина под Божјата влада
Сигурна иднина под Божјата влада
МНОГУ е близу времето кога нема да се грижиме што нѐ чека утре, бидејќи Бог ќе постави свое Царство преку кое ќе ја преземе контролата над Земјата. Исус имал на ум една ваква иднина кога на своите следбеници им рекол да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
Божјето Царство нема да соработува со политичките лидери, ниту, пак, ќе дејствува преку нив. Напротив, тоа ќе ја отстрани секоја трага од самопоставените човечки влади, како што потврдува и пророштвото на Даниел во врска со „последните денови“ во кои живееме (2. Тимотеј 3:1). „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне... Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други [човечки] царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). На луѓето што повеќе би сакале човечка влада, овие зборови не им даваат ниту утеха ниту надеж, но за сите што чекаат Бог да завладее преку своето Царство, овие ветувања се полни со значење.
Прекрасна иднина!
Откако Божјето Царство ќе завладее со целата Земја, ќе нема политички, расни, религиозни или територијални поделби. Наместо тоа, неговите поданици ќе бидат обединети преку вистината за Бог. Тие ќе бидат едно светско братство во кое ќе владее вистинска љубов (Јован 13:34, 35; 17:3, 17). Под оваа влада, „ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината“ (Псалм 72:7).
Освен тоа, подложните поданици на Божјето Царство ќе станат совршени — и умствено и физички — со што ќе ги снема болестите, страдањата и смртта (Откровение 21:3, 4). На крајот, нашата планета ќе стане вистински рај во склад со Божјата првобитна намера изречена во Еден a (1. Мојсеева 1:28).
Единствената добра вест
Кога го дал комбинираниот знак за „свршетокот на овој поредок“, Исус спомнал еден многу важен аспект (Матеј 24:3-7). Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).
Во склад со Божјата волја, во 2007 год., речиси седум милиони Сведоци на Јехова им ја објавуваа пораката за Царството на своите ближни во 236 земји и, на драго срце, одвоија 1,4 милијарди часови од своето слободно време за оваа активност. Зошто Сведоците се толку цврсто убедени во библиските ветувања? Одговорот е многу едноставен. Како што ќе биде објаснето во следната статија, Бог секогаш си стои на зборот (Римјаните 3:4).
[Фуснота]
a Види ја статијата „Што вели Библијата: Дали Земјата ќе биде Рај?“, на страница 10.
[Истакната мисла на страница 7]
Библијата вели дека „ќе има голем мир“