Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Љубов посилна од ураган!

Љубов посилна од ураган!

Љубов посилна од ураган!

Кога ураганите Катрина и Рита го погодија Мексиканскиот Залив (САД) во 2005 год., предизвикаа катастрофални штети и однесоа многу животи. Последиците од нив ги почувствуваа и илјадници Јеховини сведоци.

Под надзор на подружницата во САД, одборите за помош при катастрофи веднаш се фатија за работа. Во Луизијана беа отворени 13 центри за помош, 9 складишта со градежна опрема и 4 пунктови за снабдување со гориво. Одборите им помагаа на луѓето што живеат на површина од 80.000 квадратни километри. Речиси 17.000 Сведоци од сите делови на САД и од 13 други земји брзо пристигнаа за итно да им помогнат на настраданите и да ги реновираат оштетените домови. Резултатите од акцијата за помош покажаа дека природните сили не можат да се мерат со силата на христијанската љубов (1. Коринќаните 13:1-8).

Доброволците поправија повеќе од 5.600 домови на своите соверници и 90 Сали на Царството, како што се нарекуваат местата каде што се собираат Јеховините сведоци. Бројките покажуваат дека практично секој оштетен објект беше реновиран. Но, бидејќи стихот од Галатите 6:10 нѐ поттикнува „да им правиме добро на сите“, Јеховините сведоци им помогнаа и на мнозина што не ги делат нивните верувања.

ДОБРОВОЛНАТА работа бараше лични жртви од оние што се понудија да помогнат, но нивниот труд беше богато награден. Еве што изјавија седум Јеховини сведоци кои надгледуваа различни аспекти од работата.

‚Една од најдобрите работи во животот‘

Роберт: Тоа што служев во одборот за помош при несреќи беше една од најдобрите работи што ми се случиле во животот. Имам 67 години и бев најстар во одборот. Служев со голем број доброволци, меѓу кои имаше извонредни млади Сведоци кои беа многу активни во своите собранија. Колку убаво е да се види како младите покажуваат несебична љубов кон Јехова и кон сохристијаните!

Жена ми, Вероника, исто така многу ми помогна. За да можеме да дојдеме, таа се сложи да дадам отказ од работното место, иако таму работев преку 40 години. Сега еднаш седмично чистиме канцеларии. Научивме да живееме со помалку пари и на поедноставен начин. Тоа што сме меѓу луѓе кои спремно се даваат себеси за Јехова ни помогна да разбереме подобро што значи да се стави Божјето Царство на прво место во животот (Матеј 6:33). Постојано гледаме како Јехова добро се грижи за својот народ.

Френк: Јас го надгледувам одделот за обезбедување храна за доброволците во Центарот за помош во Батон Руж. За да завршиме сѐ што требаше, во почетокот моравме да работиме од 10 до 12 часа дневно, седум дена во седмицата. Но, и благословите беа изобилни. Посебен благослов за нас беше тоа што можевме да ја видиме на дело силата на христијанската љубов.

Многу од доброволците кои помагаа околу храната во период од една седмица или повеќе побараа повторно да дојдат, а некои ни испратија разгледници или ни се јавија и од срце ни заблагодарија што имале можност да помогнат. И мене и Вероника, мојата сопруга, нѐ трогна нивната самопожртвуваност.

Се наежил од глава до петици

Грегори: Со жена ми, Кети, решивме да ја продадеме куќата во Лас Вегас (Невада) и да купиме камионет и камп-приколка каде што ќе живееме. Така си го поедноставивме животот, и можевме да помагаме во Луизијана над две години. Повеќе од кога и да било во нашиот живот се уверивме колку се вистинити зборовите запишани во Библијата, во Малахија 3:10: „,Испитајте ме во тоа, ве молам,‘ вели Јехова над војските, ‚зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов додека не биде доста?‘“

Мило ни е на душата кога некој ќе ни рече дека сме направиле доста жртви. Пред триесетина години, Кети и јас сакавме да служиме во подружницата на Јеховините сведоци во САД, но мораше да се грижиме за нашите деца. Со оваа доброволна работа ни се исполни желбата да правиме повеќе за Бог. Освен тоа, имавме убава чест да соработуваме со наши браќа и сестри и да запознаеме некои што беа многу вешти во својата работа. На пример, еден од нашите готвачи бил шеф на кујна во еден познат ресторан, а еден друг готвел за двајца претседатели на САД.

На многу доброволци, помагањето при овие несреќи им го сменило гледиштето за животот. Еден 57-годишен човек целиот се наежи додека раскажуваше како им помагал на жртвите на ураганот. Дури и некои Сведоци што не беа во можност лично да дојдат, нѐ охрабрија. На пример, двајца доброволци кои дојдоа за да помогнат во отстранувањето на наносите од кал во куќите ни подарија транспарент кој самите го направиле и на кој се имаа потпишано сите членови — дури и децата — од три собранија во Небраска.

‚Видовме како Бог се грижи за потиштените‘

Вендел: Еден ден по ураганот Катрина, ме повикаа од подружницата во САД да ја проценам штетата врз Салите на Царството и домовите на Јеховините сведоци во Луизијана и Мисисипи. Така започна она што, на крајот, излезе делумно задача, а делумно животна поука. Јас и жена ми, Џенин, 32 години живеевме во област во која има голема потреба од објавители на Царството, и ни беше јасно колку се грижи Јехова за својот народ. Но, сега десетпати повеќе се уверивме во неговата грижа.

Моментално служам како претседавач во Центарот за помош во Батон Руж. Иако не е лесна, оваа задача ми носи огромно задоволство. Навистина, стотици пати во текот на работата, нашиот одбор имаше прилика да види како Бог ги решава проблемите, како ни ги отвора вратите и се грижи за потиштените на начин што би можел само еден Семоќен Татко кој многу нѐ сака.

Мнозина нѐ прашуваат: „Како успевате и ти и жена ти доброволно да работите повеќе од две години?“ Па, не е секогаш лесно. Моравме да направиме безброј промени во нашиот начин на живот. Но, добрата страна на сѐ е тоа што увидовме колку е корисно човек да задржи „бистро око“ (Матеј 6:22).

Кога за првпат тргнавме како група во потрага по преживеани на кои требаше да им се помогне во Њу Орлеанс, работата немаше крај. Ситуацијата уште повеќе ја отежнуваше хаосот што настана по катастрофата и насилство по улиците, поради кои во градот беше испратена војска. Лесно можевме да кренеме раце од сѐ кога сфативме колку огромна работа треба да се заврши.

Се сретнавме со илјадници Сведоци кои претрпеле некаква загуба. Се молевме со нив и се трудевме да ги утешиме. Потоа, со Јеховина помош, се фативме за работа. Понекогаш имам чувство како за овие две години да одживеав два животни века.

Секогаш одново, токму кога се чувствував и физички и психички потполно исцрпен, ќе пристигнеше нова група доброволци — едни за да помогнат одредено време, а други за да останат колку што ќе треба. Тоа што гледавме толку многу помошници кои беа радосни и спремни за работа, меѓу кои имаше и голем број млади луѓе, ни даваше сила да продолжиме.

Јехова ни помогна во многу ситуации. На пример, кратко откако пристигнавме, увидовме дека врз повеќе од 1.000 домови на наши браќа имаа паднато дрвја. Бидејќи ја немавме ниту потребната опрема ниту доволно луѓе за да ги тргнат дрвјата, одборот се молеше во врска со тоа. Следниот ден, еден брат кој има свој камион и точно таква опрема каква што ни требаше, се понуди да помогне. Во еден друг случај молитвата беше одговорена за само 15 минути, а во трет опремата за која се молевме пристигна уште пред да кажеме „амин“! Јехова навистина ни покажа дека „ги слуша молитвите“! (Псалм 65:2).

„Горд сум што сум Јеховин сведок“

Метју: Еден ден по ураганот Катрина имав можност да помогнам да се организира испораката на 15 тони донирана храна, вода и други потребни работи до областа што беше погодена. Ме восхити великодушноста на Јеховиниот народ!

За да можеме што повеќе да помогнеме, јас и сопругата, Дарлин, се преселивме во место што се наоѓаше на два часа оддалеченост од погодената област. Еден наш брат нѐ вработи со скратено работно време, па така можевме најголемиот дел од времето да го посветиме на доброволната работа. Друг брат ни даде стан. Многу сум благодарен затоа што сум дел од едно братство во кое владее толкава љубов. Горд сум што сум Јеховин сведок.

Тед: Кратко по ураганот Катрина, јас и сопругата, Деби, се пријавивме да помагаме како доброволци. За неколку дена пронајдовме користена камп-приколка долга 9 метри која не беше претешка и нашиот камионет можеше да ја влече. Ја купивме за идеална цена, двојно поевтино отколку што вредеше. Тоа беше одговор на нашите молитви. Во таа приколка живееме повеќе од две години.

Во текот на еден краток период кога не помагавме, ја продадовме куќата и поголемиот дел од покуќнината, па сега можеме уште повеќе да помагаме во Њу Орлеанс, каде што служам како координатор на проектот. Најубавото нешто што го доживеавме е тоа што можеме од прва рака да гледаме како Јехова докажува дека, за своите слуги, е ‚Бог на секоја утеха‘. Мнозина не само што останаа без својот дом и Сала на Царството туку, поради евакуацијата, беа одделени од своите собранија па дури го изгубија и подрачјето на кое проповедаа пред тоа (2. Коринќаните 1:3).

‚Нивната вера нѐ трогна‘

Џастин: Во октомври 2005 год. се бараа доброволци кои ќе помогнат во катастрофата што го погоди Мексиканскиот Залив. Со Тифани, мојата сопруга, веднаш ги пополнивме молбите, и во февруари 2006 год. бевме повикани да ѝ помогнеме на групата која местеше покриви, а беше сместена во Центарот за помош во Кенер, близу до Њу Орлеанс.

Секој ден работевме на различна куќа и запознававме нови браќа и сестри. Нивната вера и спремност да се потпрат на Јехова нѐ трогнаа. Постојано гледавме убедливи докази колку е глупаво сигурноста да се бара во материјалните работи. Нема зборови да се опише радоста што ја чувствуваме затоа што можевме да видиме колку многу постигнува Божјиот народ со Јеховина помош и затоа што лично имавме можност да им помагаме на сохристијаните.

[Рамка/слика на страница 18]

Како изгледа еден ден во Центарот за помош

Оние што работат во кујната во Центарот за помош започнуваат со својата работа во 4.30 часот наутро. Во 7 часот наутро сите работници во Центарот се собираат во салата за јадење и десет минути пред појадокот разгледуваат еден библиски стих. Понекогаш претседавачот ја користи таа прилика за да им изрази добредојде на новодојдените и да раскаже некое неодамнешно охрабрувачко доживување.

По благодарната молитва, сите можат да се послужат со хранливиот појадок пред да заминат на своите работни задачи. Некои остануваат во Центарот и работат во канцелариите, во пералницата или во кујната. Готвачите подготвуваат и ланч-пакети за оние што работат на поодалечени места.

Секој понеделник навечер, сите работници се собираат за да ја проучуваат Библијата со помош на списанието Стражарска кула, кое го издаваат Јеховините сведоци. Ова проучување им помага да останат духовно јаки — а тоа е најважно за да можат успешно и со радост да ја вршат својата работа и исправно да гледаат на неа (Матеј 4:4; 5:3).

[Рамка на страница 19]

„Колку погрешно мислење сум имала за вас!“

Една жена од Њу Орлеанс на вратата имала закачено натпис: „Забранет влез за Јеховини сведоци“. Еден ден, група доброволци почнале да ја реновираат куќата спроти нејзиниот дом, која исто така била оштетена од ураганот. Жената секој ден ги набљудувала срдечните, пријателски настроени работници. Наскоро, поттикната од љубопитност, не можела да издржи, и отишла да се распраша кои се. Кога дознала дека доброволно работат и дека се Јеховини сведоци, им кажала дека, по ураганот, никој од нејзината црква не ѝ се јавил ниту по телефон. „Колку погрешно мислење сум имала за вас“, рекла таа. Кој бил резултатот? Го тргнала натписот од вратата, и ги поканила Сведоците да дојдат кога сакаат.

[Слика на страници 16 и 17]

Роберт и Вероника

[Слика на страници 16 и 17]

Френк и Вероника

[Слика на страница 17]

Грегори и Кети

[Слика на страница 17]

Вендел и Џенин

[Слика на страница 18]

Метју и Дарлин

[Слика на страница 18]

Тед и Деби

[Слика на страница 18]

Џастин и Тифани