Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог сака да користиме религиозни предмети?

Дали Бог сака да користиме религиозни предмети?

Што вели Библијата

Дали Бог сака да користиме религиозни предмети?

„Ме учеа дека религиозните ликови ќе ми помогнат да бидам поблизок со Бог“ (Мак).

„Нашиот дом беше полн со икони. Мислевме дека со тоа го радуваме Бог“ (Херта).

„Се клањавме пред кипови. Воопшто не помислувавме како се чувствува Бог поради тоа“ (Сандра).

ШТО мислиш ти за овие изјави? Мнозина сметаат дека религиозните предмети им помагаат да му пристапат на Бог и да му оддаваат почит. Дали ваквиот став е исправен? Што е уште поважно, што мисли Бог за тоа? Да видиме што вели неговата пишана Реч, Библијата.

Како гледа Бог на религиозните предмети

Иконите и идолите се симболи за она што се обожава или длабоко се почитува. Тука спаѓаат крстови, кипови, слики и сѐ друго што личи на она што е на небото или на Земјата. * Некои ги обожаваат и знамињата.

Луѓето со илјадници години користат вакви предмети при обожавањето на своите богови. Затоа, во 1513 год. пр.н.е., кога на новонастанатиот народ Израел им ги дал Десетте заповеди, Бог јасно го изразил своето гледиште за религиозните предмети, односно ликови. Тој рекол: „Немој да си правиш режан лик, ниту што и да е друго што личи на она што е горе на небото, или долу на земјата, или во водите под земјата. Немој да им се клањаш, ниту да им служиш, зашто јас сум Јехова, твојот Бог, Бог кој бара да му се покажува оддаденост само нему“ (2. Мојсеева 20:4, 5).

Да ја разгледаме повнимателно оваа двојна забрана што ја дал Бог. Како прво, неговите слуги не смееле да прават религиозни ликови, а како второ, не смееле да ‚им се клањаат‘ или да им служат. Зошто нашиот Творец забранува да се прават такви ликови од Бог? Една причина е тоа што „ниту еден човек никогаш не го видел Бог“. Јехова нема материјално тело, туку е дух и живее во духовниот свет (Јован 1:18; 4:24). Освен тоа, не смеат да се прават ликови од што и да е друго бидејќи Бог бара „да му се покажува оддаденост само нему“. Тој вели: „Никому нема да му ја дадам својата слава, ниту на режаните ликови својата фалба“ (Исаија 42:8). Од овие причини, погрешно е да се прават ликови за да му оддаваме почит на Бог, т.е. за да го обожаваме. Не е ни чудо што Јехова многу се навредил кога еден Израелски водач по име Арон направил лик (2. Мојсеева 32:4-10).

Зошто да не им се клањаме?

Во врска со идолите, Библијата вели: „Уста имаат, но не зборуваат, очи имаат, но не гледаат, уши имаат, но не слушаат“. Потоа додава едно сериозно предупредување: „Оние што ги прават, ќе станат како нив“! (Псалм 115:4-8).

Освен тоа, обожавањето идоли е неправда. Запрашај се: ‚Како би се чувствувал кога би му дал на моето дете еден скап подарок, а тоа да отиде и да му се заблагодари на некој сосема непознат човек или на некој мртов предмет?‘ Ова може да ти помогне да разбереш како се чувствува нашиот Творец и Дарител на животот кога благодарноста и почитувањето што му припаѓаат нему ги примаат други — вклучувајќи ги и безживотните идоли (Откровение 4:11).

Исто така, размисли колку понижувачки е кога луѓето, кои се создадени според Божјиот лик, им оддаваат почит на мртви предмети! (1. Мојсеева 1:27). Во врска со таквите луѓе, пророкот Исаија напишал: „Му се клањаат на делото на човечки раце, на она што го направиле човечки прсти. Се понизува земниот човек, се понижува човекот. Тоа, едноставно, не можеш да им го простиш [Боже Јехова]“ (Исаија 2:8, 9).

Освен тоа, преку лажното обожавање им се оддава почит на Божјите непријатели, демоните, што е уште поголема навреда за Бог. Кога Израелците го напуштиле Јехова заради идолите, тие ‚им принесувале жртви на демоните, а не на Бог‘, како што пишува во 5. Мојсеева 32:17.

Дали првите следбеници на Исус Христос им оддавале почит на религиозни предмети или, пак, ги користеле за да го обожаваат Бог? Не! Јован, еден од апостолите на Исус, напишал: „Дечиња, чувајте се од идоли!“ (1. Јованово 5:21). Книгата Историја на раната црква до смртта на Константин (Early Church History to the Death of Constantine) го вели следново: „За првите христијани немало ништо поодбивно од обожавањето религиозни предмети“.

Како треба да му оддаваме почит на Бог

Исус рекол: „Вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23). Значи, Бог сака да го запознаеме како личност — да дознаеме што сака, што мрази, кои се неговите мерила и каква намера има со нас (Јован 17:3). Токму затоа и ни ја дал Библијата (2. Тимотеј 3:16). Освен тоа, бидејќи Бог „не е далеку од никого од нас“, можеме да му се молиме во секое време, на секое место и без религиозни предмети (Дела 17:27).

„Кога влегов во една Сала на Царството на Јеховините сведоци, не видов ниту еден религиозен предмет“, вели Сандра, која ја спомнавме претходно. „Сведоците ми ги покажаа Божјите барања и неговите особини од Библијата. Така научив што треба да правам ако сакам Бог да ми ги чуе молитвите. Сега сум сигурна дека навистина го познавам Творецот и дека сум блиска со него.“ Да, Сандра ги почувствувала слободата и радоста што ни ги носат библиските вистини (Јован 8:32). Истото можеш да го доживееш и ти.

[Фуснота]

^ Види ја статијата „Дали Исус навистина умрел на крст?“, во Разбудете се! од април 2006.

ШТО МИСЛИШ?

◼ Зошто не треба да користиме никакви религиозни предмети? (Псалм 115:4-8; 1. Јованово 5:21).

◼ Како треба да му оддаваме почит на вистинскиот Бог? (Јован 4:24).

◼ Како би можел да ја дознаеш вистината за Бог и како тоа ќе ти користи? (Јован 8:32; 17:3).