Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали на планетава ѝ се заканува опасност?

Дали на планетава ѝ се заканува опасност?

Дали на планетава ѝ се заканува опасност?

НЕКОИ сметаат дека глобалното затоплување е најголема закана за човештвото. Според списанието Science, она што ги загрижува научниците „е помислата дека, по наша вина, почна полека да надоаѓа една лавина од промени“. Некои се скептици во однос на ваквите тврдења. Додуша, многумина ќе се сложат дека Земјата се загрева, но не се сигурни која е причината за тоа и какви ќе бидат последиците. Според нив, дејноста на луѓето можеби игра некаква, но не и главна улога. Зошто постојат вакви несогласувања?

Како прво, за сложените физички процеси кои влијаат врз климата на Земјата се знае многу малку. Освен тоа, еколошките здруженија честопати си ги толкуваат научните податоци по свое. Такви се, на пример, податоците што се користат за да се покаже зошто се покачува температурата.

Дали температурата навистина се покачува?

Според еден понов извештај на Меѓународниот одбор за климатски промени (IPCC), кој работи под покровителство на ОН, глобалното затоплување е „факт“, а главна причина за тоа „најверојатно“ е дејноста на луѓето. Оние што не се согласуваат со ваквиот заклучок, а особено со тврдењето дека луѓето сносат најголема вина, не негираат дека една можна причина зошто градовите се загреваат е тоа што постојано се шират. Освен тоа, бетонот и железото брзо ја апсорбираат сончевата топлина и бавно се ладат во текот на ноќта. Меѓутоа, според тврдењата на скептиците, температурата измерена во градовите не дава реална слика за општата состојба, а тоа на крајот може да ги искриви и глобалните статистички податоци.

Од друга страна, пак, Клифорд, поглавар на едно островско село во близина на Алјаска, вели дека промените може да ги види со свои очи. Неговите соселани обично преминуваат до копното преку заледеното море, каде што ловат ирваси и лосови. Меѓутоа, покачените температури го оневозможуваат тој традиционален начин на живот. „Морските струи се изместени, мразот не е толку дебел и Чукотското Море не се смрзнува во исто време како порано“, вели Клифорд. Порано тоа се смрзнувало при крајот на октомври, но сега, како што објаснува тој, дури при крајот на декември.

Во 2007 год., Северозападниот Премин за првпат во познатата историја беше целосно прооден — доказ дека затоплувањето е реалност. „Податоците што ги собравме оваа година укажуваат на тоа дека сезоните кога мразот се топи или кога воопшто го нема траат подолго“, изјави еден научник при Државниот центар за испитување на снегот и мразот во САД.

Ефектот на стаклена градина — неопходен за живот

Една причина за ваквите промени е засилениот ефект на стаклена градина — природен феномен без кој на Земјата не би постоел жив свет. Нашава планета апсорбира околу 70 отсто од сончевата енергија што допира до неа, со чија помош се загреваат воздухот, копното и морињата. Да не постоеше ваков механизам, просечната температура на површината на Земјата ќе се движеше околу 18-тиот степен под нулата. На крајот, топлината што се апсорбирала се враќа повторно во вселената во форма на инфрацрвено зрачење, што спречува да дојде до претерано затоплување на Земјата. Но, при промена на составот на атмосферата поради загадување, се ослободува помалку топлина, поради што може да дојде до покачување на температурите.

Ефектот на стаклена градина го предизвикуваат некои гасови, како што се јаглеродниот диоксид, азотниот оксид, метанот и водената пареа. Количината на ваквите гасови во атмосферата нагло се зголеми во последниве 250 години, со почетокот на индустриската револуција и со зачестената употреба на фосилни горива, како што се јагленот и нафтата. Се чини дека зголемениот број на грлата добиток, чиј систем за варење произведува метан и азотен оксид, е уште една причина за засилувањето на овој ефект. Некои истражувачи укажуваат и на други фактори за глобалното затоплување, за кои велат дека се случиле уште пред да можат луѓето да влијаат врз климата.

Само нормално варирање?

Оние што негираат дека затоплувањето е предизвикано главно од човечки фактор нагласуваат дека на Земјата и порано имало нагли температурни промени. Како доказ ги користат т.н. ледени периоди, кога Земјата била наводно многу постудена отколку денес, а за да покажат дека станува збор за природно затоплување, го посочуваат фактот што на постудените области, како што е Гренланд, некогаш имало вегетација што обично расте во потоплите краишта. Се разбира, научниците се согласуваат дека колку постар е некој период толку помалку знаат за климата што владеела во тоа време.

Што влијаело врз наглите температурни промени пред да биде вклучен човечкиот фактор? Некои можни причини се Сончевите пеги и соларните експлозии од кои зависи интензитетот на сончевата енергија. Освен тоа, цикличните промени на орбитата на Земјата влијаат врз нејзината оддалеченост од Сонцето, а еден таков циклус од промени може да трае и илјадници години. Тука е и влијанието на вулканската прашина и морските струи.

Климатски симулации

Ако температурата на Земјата навистина се покачува — сеедно од која причина — како ќе влијае тоа врз нас и врз природната средина? Тешко е да се предвидат деталите. Меѓутоа, во нашево време, научниците имаат на располагање моќни компјутери со чија помош можат да ги предвидат климатските промени. Во нив се внесени податоци за физичките закони, климата, како и природните појави кои можат да влијаат врз овие промени.

Компјутерските симулации им помагаат на научниците да експериментираат со климата, што би било неизводливо во реалноста. На пример, тие можат да го „менуваат“ интензитетот на сончевата енергија за да видат како тоа ќе се одрази на поларниот мраз, на температурата на воздухот и морињата, на стапката на испарување, на атмосферскиот притисок, на наоблачувањето, на ветерот и на врнежите. Тие можат да „предизвикаат“ вулкански ерупции и да испитаат како ќе влијае вулканската прашина врз временските услови. Можат да проверат и како ќе влијае порастот на светското население, уништувањето на шумите, искористувањето на земјиштето, промените во количината на испуштени гасови што создаваат ефект на стаклена градина итн. Научниците се надеваат дека, со текот на времето, нивните симулации ќе даваат сѐ поточни резултати.

Колку прецизни се сегашниве симулации? Се разбира, тоа во голема мера зависи од точноста и од обемот на внесените податоци. Затоа, некои предвидувања можат да укажуваат на благи климатски промени, а други на катастрофални последици. Сепак, списанието Science пишува дека „[природниот] климатски систем може да дејствува непредвидливо“. На пример, многу климатолози беа многу изненадени од брзото топење на арктичкиот лед. Сепак, ако политичарите имаат барем некаква претстава за последиците од она што се прави, односно не се прави, би можеле да донесат одлуки што ќе ги намалат можните проблеми во иднина.

Имајќи го ова на ум, Меѓународниот одбор за климатски промени (IPCC) разгледа шест групи на компјутерски претставени сценарија што покажуваат како ќе се одрази врз климата и врз природната средина испуштањето гасови кои создаваат ефект на стаклена градина. Вредностите во тие сценарија се движат од неограничено испуштање преку ограничувањата што постојат во моментов до строги ограничувања. Со оглед на ваквите предвидувања, аналитичарите се залагаат за преземање на најразлични мерки — задолжително ограничување на испуштањето на гасови што се добиваат при согорување на фосилните горива, казни за прекршителите, зголемена употреба на нуклеарни извори на енергија, воведување на технологија што нема да биде штетна за околината итн.

Дали да им веруваме на симулациите?

Сегашниве методи на прогнозирање се „претерано упростување на климатските процеси за кои знаеме многу малку“. Тие „воопшто не ги земаат предвид другите процеси“, велат критичарите, кои укажуваат и на недоследните резултати од компјутерските симулации. Еден научник, кој учествувал во дискусиите на IPCC, рекол: „Некои од нас се чувствуваат толку неспособни да го измерат и да го разберат овој неизмерно сложен климатски систем што се сомневаме во тоа колку вистински сфаќаме што се случува со климата и зошто“. *

Се разбира, некои велат дека, ако седиме со скрстени раце, само затоа што не сме сигурни која е причината за овој проблем, си ја ставаме иднината на коцка. „Какво оправдување ќе најдеме пред нашите деца?“ — велат тие. Сеедно дали климатските симулации се прецизни или не, можеме да бидеме сигурни дека на планетава ѝ се заканува сериозна опасност. Загадувањето, уништувањето на шумите, урбанизацијата и истребувањето на некои животински видови се само неколку неоспорни фактори кои штетно влијаат врз околината од која зависи опстанокот на живиот свет.

Од досегашното искуство, можеме ли да очекуваме сите луѓе да го сменат својот начин на живот за да го спасат нашиот прекрасен дом, а со тоа и опстанокот на човештвото? Освен тоа, доколку глобалното затоплување е предизвикано од човечки фактор, ни преостанува можеби уште многу кратко време за да ги направиме потребните промени. Тоа во најмала рака би значело веднаш да се решат основните причини за уништувањето на околината — алчноста, себичноста, неинформираноста, недостатоците на политичките системи и рамнодушноста. Дали такво нешто е можно или тоа е само сон? Дали сме во безнадежна ситуација? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

[Фуснота]

^ Џон Р. Кристи, директор на Центарот за геолошки и метеоролошки истражувања при Универзитетот на Алабама во Хантсвил (САД); цитат од The Wall Street Journal од 1 ноември 2007.

[Рамка/слика на страница 5]

ДА СЕ ИЗМЕРИ ТЕМПЕРАТУРАТА НА ЗЕМЈАТА

Да разгледаме еден пример што покажува колку е тешко тоа. Каде би требало да го поставиш термометарот ако сакаш да ја измериш температурата во една соба? Бидејќи топлината оди нагоре, воздухот во близина на таванот веројатно ќе биде потопол од оној близу до подот. Термометарот ќе покаже различна температура, во зависност од тоа дали ќе го поставиме во близина на прозорецот, на сонце или под сенка. Врз температурата што ќе ја измериме може да влијаат и боите, бидејќи потемните површини акумулираат повеќе топлина.

Според тоа, најверојатно не би било доволно да ја измериме температурата на само едно место, туку ќе треба да ја мериме на различни места, а потоа да го пресметаме просекот. Но, тоа не е сѐ. Температурата не е иста секој ден и во секое годишно време. Тоа значи дека, за да го добиеш вистинскиот просек, ќе треба многу често да мериш, и тоа во подолг временски период. Со оглед на сето ова, замисли си колку е сложено да се измери просечната температура на Земјината површна, на атмосферата и на океаните! Сепак, ваквите статистички податоци се неопходни за да се добие точна слика за климатските промени.

[Извор на слика]

Фотографија на NASA

[Рамка на страница 6]

ДАЛИ НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА Е РЕШЕНИЕ?

Светската потрошувачка на енергија се зголемува, и тоа во невидени размери. Бидејќи при согорувањето на нафтата и јагленот настануваат гасови кои создаваат ефект на стаклена градина, некои влади се мислат дали да воведат производство на нуклеарна енергија како поеколошка варијанта. Сепак, и оваа алтернатива има свои слаби страни.

Весникот International Herald Tribune известува дека за ладење на нуклеарните реактори во Франција, која спаѓа меѓу најголемите потрошувачи на нуклеарна енергија во светот, се трошат 19 милијарди кубни метри вода годишно. За време на топлотниот бран во 2003 година, жешката вода што обично се исфрла од реакторите во Франција можеше да ја покачи температурата во реките до тоа ниво што ќе беше загрозен живиот свет во нив. Од таа причина, некои нуклеарни централи мораа да престанат со работа. Ако глобалната температура се покачи, се очекува ваквата ситуација да се влоши.

„За да произведуваме нуклеарна енергија, ќе мора најпрво да го решиме проблемот со климатските промени“, рече нуклеарниот инженер Дејвид Локбаум, претставник на Сојузот на загрижени научници.

[Рамка/слика на страница 7]

ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИ ВО 2007

Во 2007 год. имаше најмногу елементарни непогоди досега. Канцеларијата за координација на хуманитарни работи при ОН упати 14 барања за итна помош — 4 барања повеќе од рекордот поставен во 2005 год. Овде се спомнати само неколку катастрофи што се случија во 2007 год. Се разбира, не мора да значи дека овие настани се поврзани меѓу себе.

◼ Велика Британија: Повеќе од 350.000 лица доживеаја некаква загуба во поплави какви што не се паметат во последниве 60-ина години. Во Англија и во Велс се евидентирани најголемите врнежи за сезоната мај — јули откако е почнато да се води евиденција во 1766 год.

◼ Западна Африка: Од поплави настрадаа 800.000 лица во 14 земји.

◼ Лесото: Високите температури и сушата ги уништија посевите. Се проценува дека 553.000 лица немаат доволно храна.

◼ Судан: Поради поројните дождови, 150.000 лица останаа без покрив над главата. Најмалку 500.000 имаа потреба од хуманитарна помош.

◼ Мадагаскар: Овој остров го зафатија циклони и обилни дождови, поради што 33.000 лица беа принудени да се иселат, а 260.000 останаа без своите посеви.

◼ Северна Кореја: Се проценува дека 960.000 лица претрпеа огромна штета од големите поплави, лизгања на земјиште и кал.

◼ Бангладеш: Во поплавите настрадаа 8,5 милиони лица, а 3.000 го изгубија животот. Притоа изгинаа 1,25 милиони грла добиток, а речиси 1,5 милион домови беа или оштетени или уништени.

◼ Индија: Поплавите им нанесоа штета на 30 милиони лица.

◼ Пакистан: Стотици лица го изгубија животот, а 377.000 останаа без покрив над главата поради дождовите што ги донесоа циклоните.

◼ Боливија: Во поплавите настрадаа повеќе од 350.000 лица, а 25.000 останаа без своите домови.

◼ Мексико: Регионалните поплави ги уништија домовите на најмалку 500.000 лица, а им нанесоа штети на повеќе од милион лица.

◼ Доминиканска Република: Долготрајните обилни дождови предизвикаа поплави и одрони, а 65.000 лица станаа бездомници.

◼ САД: Пожарите што избувнаа во сувите шуми на Јужна Калифорнија принудија 500.000 жители да ги напуштат своите домови.

[Извор на слика]

На темел на визуелен приказ од NASA/Visible Earth imagery