Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Злокобни навестувања?

Злокобни навестувања?

Злокобни навестувања?

„На 73-годишниот Вал Леса, кој живее во едно село на Тувалу, не му требаат научни извештаи за да сфати дека нивото на морето се покачува“, пишува весникот The New Zealand Herald. „Плажите на кои си играл како мал, сега се под вода. Солената вода ги уништи посевите со кои го прехрануваше семејството. Во април [2007 год.], мораше да го напушти својот дом откако, под налетот на пролетната плима, куќата беше поплавена и затрупана со камења и други наноси.“

ЗА ЖИТЕЛИТЕ на Тувалу — група острови на надморска височина од најмногу 4 метри — глобалното затоплување не е некаква апстрактна наука, туку реалност, вели истиот весник. * Илјадници лица веќе ги напуштија островите, а не е мал ни бројот на оние што се подготвуваат да го сторат тоа.

Во исто време, Роберт, кој живее во Бризбен (Австралија) смее да ја навади бавчата само во одредени денови, и тоа со кофа наместо со црево. А ако не ја однесе колата во автоперална што ја рециклира водата, може да измие само делови од неа — огледалата, стаклата и регистарските таблички. Зошто се прават вакви рестрикции на вода? Роберт живее во Австралија во предел што е погоден од суша која, според некои, е најлошата суша во последниве сто години. Последиците од неа се уште посериозни во други места. Дали ваквите проблеми во Австралија и на Тувалу се доказ за глобално затоплување?

Предвидувања

Многумина мислат дека човечкиот фактор е една од главните причини за глобалното затоплување, кое може да доведе до катастрофални последици за климата и за природната средина. На пример, топењето на огромните континентални глечери и ширењето на океаните поради зголемената температура на водата може да доведе до драстично подигање на нивото на морињата. Островите со мала надморска височина, меѓу кои и Тувалу, би можеле да исчезнат, а истото може да се случи и со големи делови од Холандија и Флорида, и тоа се само неколку примери. Милиони лица би биле принудени да се иселат од Шангај, Калкута и делови од Бангладеш.

Освен тоа, сѐ повисоката температура може да предизвика уште пострашни бури, поплави и суши. Поради топењето на глечерите на Хималаите, од кои се напојуваат седум речни системи, 40 отсто од светското население би можело да остане без доволно вода за пиење. Загрозени се и илјадници видови животни, меѓу кои и поларната мечка, чие ловиште се главно поларните предели. Извештаите веќе покажуваат дека многу мечки губат телесна тежина, а некои од нив дури и гладуваат.

Покачувањето на температурата може да го забрза ширењето на болестите бидејќи ќе овозможи комарците, крлежите и другите преносители да се намножат на повеќе подрачја. „Опасностите од климатските промени се речиси исто толку сериозни колку и опасноста од нуклеарното оружје“, стои во списанието Bulletin of the Atomic Scientists. „Иако последиците нема да бидат толку видливи веднаш,.. во наредните 3-4 децении климатските промени можат да предизвикаат непоправлива штета врз животната средина од која зависи опстанокот на човечкото општество“. Што е уште пострашно, некои научници мислат дека промените што му се припишуваат на глобалното затоплување се одвиваат побрзо отколку што очекувале.

Дали да им веруваме на ваквите предвидувања? Дали е загрозен опстанокот на живиот свет? Оние што не веруваат во идејата за глобално затоплување тврдат дека таквите мрачни предвидувања се неосновани. Трети не знаат кому да му веруваат. Која е тогаш вистината? Дали на Земјата, а со тоа и нам, ни се заканува опасност?

[Фуснота]

^ Изразот „глобално затоплување“ се однесува на општото покачување на температурата на атмосферата и океаните.