Кога црквите дојдоа на Тахити
Кога црквите дојдоа на Тахити
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ТАХИТИ
КОН крајот на 18 век, низ Европа почнала да се врши евангелизација. Во Британија, Вилијам Кери, кој подоцна станал мисионер, сакал да допре до срцата на протестантите со своите горливи апели да го шират евангелието во земјите кои дотогаш сѐ уште не чуле за христијанството. Една од тие земји била и Тахити. Кери бил понесен од една заповед што Исус им ја дал на своите следбеници — да прават ученици од луѓето од сите народи (Матеј 28:19, 20). Освен тоа, во 1802 год., и бестселерот на францускиот писател Франсоа Огист Рене де Шатобријан, Гениј на христијанството (Le Génie du christianisme), го разгорел католичкиот мисионерски жар.
Наскоро почнале да се појавуваат католички и протестантски мисионерски клубови и здруженија. Во 1797 год., Лондонското мисионерско друштво испратило 29 мисионери на Тахити. Во 1841 год. пристигнала една група католици од верскиот ред наречен Пикпуес отци, а по три години пристигнале и членови на Мормонската црква. Меѓутоа, по кратко време многу новодојденци отстапиле од својата главна духовна мисија и се вплеткале во политика и трговија. Како дошло до тоа?
Сојузници на Арие
Во почетокот, населението не ги прифатило со воодушевување учењата што ги ширеле протестантските мисионери. Според еден писател, „тие повеќе зборувале за пеколен оган и сулфур отколку за сочувство и љубов кон ближниот“. Освен тоа, како што наскоро сфатиле проповедниците, никој не се осмелувал да се крсти и да стане христијанин пред тоа да го сторат арие, односно поглаварите, кои биле и верски водачи. Затоа, мисионерите решиле да се концентрираат на племенските водачи.
Особено еден поглавар, Помаре II, со раширени раце ги дочекал мисионерите бидејќи во нив видел потенцијални економски и воени сојузници. Тие, пак, во Помаре виделе начин да ја постигнат својата цел. Освен тоа, од самиот почеток мисионерите имале извесно влијание служејќи како посредници помеѓу Тахиќаните и морнарите што редовно доаѓале за да се снабдат со разни стоки.
Со надеж дека мисионерите ќе му помогнат да ги постигне своите политички цели и да го набави оружјето што го сакал, Помаре се заинтересирал за нивната порака и, уште во 1811 год., изразил желба да се крсти. Следната година поднел и писмено барање за тоа. Но, цели осум години мисионерите не го прифаќале неговото барање затоа што сметале дека ќе биде попаметно да видат дали навистина живее во склад со библиските морални мерила.
Во меѓувреме, Помаре успеал да стане неприкосновен крал на островот Тахити и на соседните островчиња, од кои се состојат Општествените Острови. Тој повторно побарал да се крсти. Конечно, во 1819 год., мисионерите попуштиле на неговото барање.
Тоа веднаш дало резултати. За околу пет години, речиси сите жители на Општествените Острови, на западниот архипелаг
Туамоту и на половина од Австралиските Острови станале христијани.Законот на Помаре
Поради масовното „преобраќање“ на островјаните, старите морални мерила, обичаи и закони требало да се заменат со нови. Затоа Помаре побарал помош од мисионерите. Тие, пак, долго време сакале да ги изменат племенските обичаи и да ја ограничат моќта на кралот. Затоа го прифатиле барањето на Помаре и формулирале закони кои претставувале комбинација на „општите принципи на британскиот устав, библиските мерила и обичаите на христијанските народи“, како што наведува едно дело. По многу измени, кралот ја прифатил конечната верзија како прв пишан закон на Тахити. Бил наречен Законот на Помаре.
Законот на Помаре станал пример за соседните острови и архипелази, каде што биле воведени слични закони. Овој закон налагал строго држење на саботата; казни за престапи како што се прељубата, бигамијата, кражбата и побуната; и одредувал смртна казна за убиство и чедоморство. Биле забранети сите облици на забава што побудувале еротски чувства.
Мешање во политиката
Протестантските мисионери „длабоко се вплеткале во политиката на островот“, стои во книгата Каде што удираат брановите (Where the Waves Fall). „Освен својата чисто евангелизаторска улога, тие станале и воени стратези, економски советници и политички мудреци кои ги кроеле законот и уставот“. Слично на нив, и мормонските и католичките мисионери ги зеле во свои раце државните и политичките работи на островите на кои отишле. На островот Тубуај, кој припаѓа на Австралиските Острови, еден мормонски мисионер тврдел: „Уздите на владата се во рацете на црквата... Јас сум премиер на овој остров“. Католиците се здобиле со слично влијание и на Островите Гамбиер, а еден свештеник добил дури и служба на владин министер.
Наместо да се ограничат само на своите духовни активности, мисионерите „решиле да вршат политичко евангелизирање“, забележува историчарката Клар Ло. Во тоа виделе поефикасен начин да го добијат она што го сакаат. Притоа мисионерите постапувале спротивно на упатствата што им ги дала црквата. Сепак, и ден-денес во Француска Полинезија религијата и политиката сѐ уште се испреплетени.
Мешање во трговијата
Кај некои мисионери, „политичкиот опортунизам бил тесно поврзан со трговските интереси“, вели професор Нејл Гансон од Универзитетот во Канбера (Австралија). Многу мисионери станале трговци — набавувале, изнајмувале, па дури и конструирале трговски бродови. Некои станале сопственици на плантажи и одгледувале ару-корен, кафе, памук, шеќерна трска и тутун.
На мисионерите толку добро им тргнала трговијата што 25 години ја контролирале размената на стоки помеѓу Австралија и Тахити, особено трговијата со солено свинско месо и кокосово масло. Меѓутоа, некои од мисионерите биле вознемирени поради ваквите дејности и се пожалиле до Лондонското мисионерско друштво. Други, пак, сметале дека трговијата е многу битна за да ги постигнат своите мисионерски цели. Како тоа?
Откако пристигнале, мисионерите ги користеле и своите занаетчиски вештини и своите производи за да ги импресионираат островјаните. Сметале дека луѓето ќе бидат посреќни ако „се цивилизираат“ и затоа ги учеле да работат и да се збогатат. Отишле
дотаму што тврделе дека богатството е доказ за Божји благослов.Вистинско преобраќање?
Еден историчар од Лондонското мисионерско друштво подоцна напишал дека во брзото, масовно преобраќање на овие острови, „желбата да се постапува исправно или да му се угоди на Бог не одиграла речиси никаква улога“. Преобраќањето на Тахити, забележува Гансон, било „само израз на желбата на Помаре II, која се засновала на верските навики (а не верувања) на англиските мисионери“.
Многу жители на Тахити станале христијани само по име, а за неколку години паганството повторно се вратило преку едно верско движење наречено Мамаја. Тоа бил еден бесрамен облик на обожавање што го прифатила дури и наследничката на престолот. Во него биле измешани некои обележја на христијанството со традиционалните верувања и обичаи.
Имало многу расправии меѓу протестантските групи — кои се состоеле од англиканци, калвинисти и методисти — како и омраза помеѓу протестантите и католиците. „Островјаните не гледале никакви разлики во верските учења на различните деноминации и не можеле да го увидат злобното соперништво меѓу луѓето кои тврделе дека се браќа“, стои во една книга (The Cambridge History of the Pacific Islanders). На пример, кога двајца католички мисионери пристигнале на Тахити, веднаш биле депортирани на заповед на еден истакнат поранешен протестантски мисионер. Овој настан довел до дипломатски инцидент помеѓу Британија и Франција, кој за малку ќе завршел со војна. На крајот, Британија попуштила на тврдењето на Франција дека Тахити треба да биде под француска „заштита“.
Корисни придобивки
Од друга страна, пак, многу од првите мисионери ревносно ја ширеле писменоста и помогнале да се искорени чедоморството, канибализмот и жртвувањето луѓе. Иако некои мисионери биле претерано строги и сериозни, тие се труделе да го подигнат моралот на островјаните.
Едно особено значајно наследство што го оставиле мисионерите е Библијата на тахитски јазик. Со тоа што ја превеле, го запознале народот со Божјето име, кое сѐ уште е општо познато на овие острови * (Псалм 83:18).
[Фуснота]
^ Види ја статијата „Мажи со скромно потекло ја преведуваат Библијата“, во Стражарска кула од 1 јули 2003 год.
[Рамка на страница 15]
„Не сте дел од светот“
Овие зборови ги кажал Исус Христос и претставуваат начело по кое се водат неговите вистински следбеници (Јован 15:19). Всушност, ова начело е толку важно за нив што во една своја молитва Исус го рекол следново: „Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Затоа, Исус не се мешал во политика ниту, пак, ја користел како средство да придобие што повеќе ученици. Исто така, не сакал лакомо да трупа богатство — што е уште едно обележје на духот на светот. Наместо тоа, препорачувал да се живее едноставно и главна цел да биде стекнувањето духовно богатство (Матеј 6:22-24, 33, 34). Неговите вистински ученици го следат неговиот пример.
[Слика на страница 13]
Пречек на првите мисионери, 1797
[Извор на слика]
The Granger Collection, New York
[Слика на страница 14]
Мисионер со преобратеници од Тахити, о. 1845
[Слика на страница 14]
Кралот Помаре II
[Слика на страница 15]
Тахити и неговиот главен град, Папете
[Извор на слика]
Фотографија со љубезна дозвола на Tahiti Tourisme
[Извори на слики на страница 14]
Лево: Фотографија на Henry Guttmann/Getty Images; десно: Collection du Musée de Tahiti et de ses Îles, Punaauia, Tahiti