Чудесна соработка во почвата
Случајно или создадено?
Чудесна соработка во почвата
◼ Во почвата постои едно неверојатно партнерство меѓу некои растенија и бактерии од кое зависи нивниот опстанок.
Размисли: Растот и размножувањето на растенијата зависи од азотот. Меѓутоа, азотот треба најпрво да се трансформира од гас во некое соединение, како што е амонијакот, пред да можат да го апсорбираат растенијата. За да се справат со овој проблем, мешункастите растенија тесно соработуваат со бактериите од родот Rhizobium. Ваквиот заемно корисен однос меѓу два различни организми се нарекува симбиоза.
Со помош на една посебна хемикалија, мешункастите растенија ги привлекуваат ваквите бактерии, и тие навлегуваат во коренот. Иако бактериите и растението се припадници на две различни царства, резултатот од нивната соработка „практично е еден нов орган — брадавички по коренот кои го врзуваат азотот“, стои во списанието Natural History. Брадавичките им стануваат дом и работилница на бактериите. Главниот алат со кој се служат е еден посебен ензим — еден вид протеин наречен нитрогеназа — кој го користат за да го врзуваат азотот од воздухот што е заробен во шуплините на почвата.
„Сета нитрогеназа на нашата планета... би можела да се собере во една поголема кофа“, се вели во истото списание. Тоа значи дека секоја молекула од овој ензим е скапоцена! Но, има еден проблем. Во допир со кислородот, нитрогеназата се разградува. Тоа не е пречка за мешункастите растенија, бидејќи тие произведуваат една посебна супстанција која го отстранува вишокот кислород.
Мембраната што се наоѓа околу брадавичката ја контролира размената на амонијак, шеќери и други хранливи материи меѓу бактериите и растението. Мешункастото растение на крајот умира, како што е случај и со другите растенија, но амонијакот останува во почвата. Од таа причина, со право се вели дека мешунките се „зелено ѓубриво“.
Што мислиш? Дали бактериите и растенијата самите го развиле овој неверојатен, крајно сложен систем од кој зависи нивниот опстанок, или, пак, е јасно дека станува збор за создавање?
[Слика на страница 25]
Брадавичка по коренот
[Извори на слики на страница 25]
Поголемата фотографија: © Wally Eberhart/Visuals Unlimited; помалата фотографија: © Dr. Jack M. Bostrack/Visuals Unlimited