Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинското решение

Вистинското решение

Вистинското решение

НА 32-ГОДИШНА ВОЗРАСТ, Лина, која ја спомнавме во првата статија, била ‚обземена од чувство на вина и безнадежност и често размислувала за смрт‘. Главна причина за тоа била нејзината зависност. Таа пишува: „Сакав да бидам добра сопруга и мајка, но сѐ што се случуваше околу мене и во светот беше толку мизерно што ми изгледаше дека нема никаква причина да се биде добар. А и моите обиди да бидам добра се покажаа неуспешни“.

Тогаш Лина почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. За кратко време, библиската вистина ѝ донела мир и олеснување. Како што вели таа, тоа било ‚најдоброто чувство што некогаш го имала‘. Откако добро ги разбрала библиските начела и прекрасната надеж за иднината, била мотивирана да води примерен живот и да ја победи својата зависност.

Начела за посреќен живот

Кога ги поставувал законите и начелата кои се запишани во Библијата, нашиот Творец, Јехова Бог, мислел на нашето вечно добро. Во Псалм 19:7, 8 се вели: „Јеховиниот закон е совршен, ја крепи [ја оживува] душата... Јеховините наредби се исправни, го веселат срцето, Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите“.

На пример, во 2. Коринќаните 7:1 сме поттикнати „да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“. Лина го сфатила сериозно овој библиски стих, што ѝ помогнало да прекине со својата нечиста навика. Тоа било случај и со Мајра, која исто така беше спомната во првата статија. Веројатно се сеќаваш дека таа станала зависна од лековите што ѝ биле препишани поради главоболка. Како успеала да го реши овој проблем? Отворено разговарала со својот лекар, кој ѝ ја сменил терапијата. a Освен тоа, го искористила и охрабрувањето што можела да го добие преку христијанското собрание.

И Лина и Мајра барале помош преку молитва. Во Филипјаните 4:6, 7 стои: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“. Еден Божји слуга од древни времиња кој имал ваков внатрешен мир напишал дека, кога ќе му се намножеле немирни мисли, Божјите зборови го тешеле, го смирувале и го радувале (Псалм 94:19). И ние можеме да црпиме утеха од Библијата и преку личната помош и поддршка од страна на зрелите христијани како што се старешините.

Но, понекогаш оние што се зависни од лекови се чувствуваат безвредни поради тоа. Една христијанка по име Џанис, која долги години била зависна од лекови, напиша: „Зависниците можат многу да ослабат духовно и да се мразат себеси до тој степен што им е тешко, ако не и невозможно, сами да побараат помош од Јехова“. Во таквите моменти е особено важно да побараат помош од зрелите христијани кои стрпливо и со љубов ќе ги охрабруваат. Нивните молитви упатени со вера можат да го ‚оздрават болниот‘ (Јаков 5:15). Се разбира, ако зависникот е дете, родителите ќе ја преземат главната грижа за неговото физичко и духовно здравје, за да не ѝ се врати на старата навика.

Џанис се лекувала во соодветна медицинска установа, и така ја прекинала својата зависност. Таа пишува: „Проблемите успевам да ги пребродам бидејќи се потпирам на Јехова. Сега имам внатрешен мир и постепено ми се враќа ведриот дух што го имав порано“.

Свет без проблеми

Доаѓа ден кога сите видови лекарства ќе бидат минато. Зошто можеме да очекуваме таков ден? Одговорот ќе го најдеме во Откровение 21:3, 4, каде што стои: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето... И [Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано [а тука спаѓаат и денешните проблеми], помина“.

Библијата ја споредува надежта на христијаните со „сигурна и цврста котва за душата“ (Евреите 6:18, 19). Кога ќе наишле на бура, древните морепловци ја фрлале котвата во морето. Длабоко зариена во морското дно, таа му помагала на бродот да остане стабилен, да ја преживее бурата и да ги избегне опасните брегови и подводни гребени. Слично е и со ‚сигурната и цврста‘ библиска надеж. Таа ни помага да задржиме емоционална, психичка и духовна рамнотежа кога ќе нѐ зафати некоја „бура“ од проблеми, каква што одвреме-навреме сигурно ќе доживееме.

На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да ги испиташ советите и учењата од Библијата. Така ќе можеш и самиот да се увериш колку практични се тие и нема никогаш да зажалиш што си го сторил тоа.

[Фуснота]

a Секоја ситуација не е иста како онаа на Мајра. На пример, болеста кај некои луѓе предизвикува силни болки што не можат да се намалат без јаки лекарства кои можат да предизвикаат зависност и се примаат под лекарски надзор. Овие пациенти не го користат лекот за да доживеат еуфорија или да задоволат некаква зависност. (Види во Изреки 31:6.)

[Истакната мисла на страница 9]

„Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ... со молитви и молби... изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји... ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Филипјаните 4:6, 7)

[Рамка/слика на страница 10]

ПРАКТИЧНИ ЧЕКОРИ ДО ПОДОБРО ЗДРАВЈЕ

Вежбањето може „привремено да ти го подобри расположението и накратко да те ослободи од депресијата“, стои во книгата Контрола над умот — советник за психичко здравје (Managing Your Mind—The Mental Fitness Guide). Добро може да влијае и промената во исхраната и размислувањето. Валери, која како мала била физички и вербално малтретирана, станала зависна од најмалку 12 различни лекови. Меѓутоа, успеала да прекине со оваа навика и да води релативно нормален живот. Како успеала во тоа?

Наместо да гледа телевизија и да чита сомнителни романи, Валери редовно ја проучувала Библијата и ги читала библиските публикации на Јеховините сведоци, како што е и ова списание. Исто така, постојано го молела Бог за сила, имала поддршка од христијанското собрание и била зафатена, кажувајќи им ја на другите утешната библиска порака. Освен тоа, од корен ја сменила исхраната која претходно се состоела главно од брза храна. Закрепнала до тој степен што и лекарите биле зачудени. Со години веќе не е зависна од лекови. b

[Фуснота]

b Ако земаш лекови против клиничка депресија, биполарно растројство или против друго психичко нарушување, твојата ситуација најверојатно е поинаква од онаа на Валери. Затоа, немој да правиш никакви промени во терапијата без да се консултираш со лекар.