Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог сака да бидеме богати?

Дали Бог сака да бидеме богати?

Што вели Библијата

Дали Бог сака да бидеме богати?

„Бог ми даде уште еден нов ден! Денес ќе станам богат!“

„Бог сака да се збогатам — затоа и ќе се збогатам.“

„Бог ни помага да станеме богати.“

„Богат сум благодарение на Библијата.“

ОВИЕ изјави го одразуваат гледиштето на голем број религиозни групи кои сметаат дека материјалното богатство е благослов од Бог. Тие велат дека, ако постапуваш онака како што сака Бог, тој ќе ти помогне да стекнеш материјално богатство и во овој живот и во другиот. Оваа теологија е многу популарна, а книгите на таа тема стануваат бестселери. Но, дали оваа „теологија на благосостојба“ е во склад со она што го кажува Библијата?

Вистина е дека нашиот Творец, кој во Библијата е наречен „среќниот Бог“, сака да имаме среќен и исполнет живот (1. Тимотеј 1:11; Псалм 1:1-3). Исто така, тој ги благословува оние што му служат (Изреки 10:22). Но, дали тој благослов значи дека ќе бидеме богати во материјален поглед? Одговорот ќе го дознаеме ако разбереме во кое време живееме и која е Божјата намера за нашево време.

Време за да се збогатиме?

Во минатото, Јехова Бог благословил некои од своите слуги со материјално богатство. Пример за тоа се Јов и цар Соломон (1. Царевите 10:23; Јов 42:12). Сепак, многу други богобојазливи луѓе имале малку во материјален поглед. Меѓу нив спаѓаат и Јован Крстител и Исус Христос (Марко 1:6; Лука 9:58). Што учиме од ова? Според Библијата, Бог секогаш има одредена намера со своите слуги земајќи го предвид времето во кое живеат, и постапува со нив во склад со таа намера (Проповедник 3:1). А како е денес?

Библиските пророштва покажуваат дека живееме во „свршетокот на овој поредок“, или во „последните денови“ на овој свет. Според пророштвата, ова време ќе биде обележано со војни, болести, глад, земјотреси и распад на општеството — неволји кои од 1914 год. го погодуваат човештвото во досега невидени размери (Матеј 24:3; 2. Тимотеј 3:1-5; Лука 21:10, 11; Откровение 6:3-8). Очигледно е дека овој свет е како еден брод што тоне! Со оглед на ова, дали би имало смисла Бог да го благослови секој свој слуга со материјално богатство или, пак, тој има некои поважни работи за нас?

Исус Христос го споредил нашево време со времето во кое живеел Ное. Тој рекол: „Како што во тие денови пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа, сѐ до денот кога Ное влезе во арката, и не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите, таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39). Исто така, Исус го споредил нашево време со времето на Лот. Соседите на Лот во Содом и Гомор ‚јаделе, пиеле, купувале, продавале, саделе и граделе‘. Исус продолжил:„А во оној ден кога Лот излезе од Содом, од небото заплускаа оган и сулфур, и ги уништија сите. Исто така ќе биде во денот кога ќе се појави Синот човечки“ (Лука 17:28-30).

Секако, нема ништо погрешно во тоа да јадеме, да пиеме, да се жениме, да се мажиме, да купуваме и да продаваме. Опасно е ако се преокупираме со овие работи и ако заборавиме во кое време живееме. Затоа да размислиме: ‚Дали Бог би ни направил услуга кога би нѐ благословил со материјални работи кои ќе ни го одвлекуваат вниманието?‘ a Не, тоа само би било за наша штета. Богот на љубовта никогаш не би направил такво нешто! (1. Тимотеј 6:17; 1. Јованово 4:8).

Време да се спасат животи!

Во ова значајно време од човечката историја, Божјиот народ има задача итно да изврши едно дело. Исус рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Јеховините сведоци многу сериозно ги сфаќаат овие зборови. Затоа ги поттикнуваат луѓето да учат за тоа Царство и за Божјите барања што треба да ги исполнат за да добијат вечен живот (Јован 17:3).

Сепак, Бог не бара од своите верни слуги да живеат како аскети. Наместо тоа, сака да бидат задоволни со основните работи за живот за да може службата за него да им биде на прво место во животот (Матеј 6:33). Јехова за возврат ќе се погрижи да имаат сѐ што им е потребно. Во Евреите 13:5 се вели: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, [Бог] рекол: ‚Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам‘“.

Бог ќе го исполни ова ветување на извонреден начин. Кога ќе му стави крај на овој светски поредок, тој ќе зачува едно „големо мноштво луѓе“ кои верно му служат и ќе ги воведе во новиот свет каде што ќе владее мир и благосостојба (Откровение 7:9, 14). Исус рекол: „Јас дојдов за [моите верни следбеници] да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10:10). Тој ‚живот во изобилие‘ не се однесува на живот исполнет со материјално богатство во овој свет туку на вечен живот во рајот на Земјата под владеењето на Божјето Царство (Лука 23:43).

Не задоволувај се со ништо помалку и не дозволувај да бидеш заведен од т.н. „теологија на благосостојба“ која, всушност, е теологија на заблуда. Наместо тоа, обрни внимание на Исусовите грижливи, но отрезнувачки зборови: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка“ (Лука 21:34, 35).

[Фуснота]

a Исто како во првиот век, и денес некои верни христијани се богати. Сепак, Бог ги предупредува да не се потпираат на своето богатство и да не му дозволат да ги одвлече од Него (Изреки 11:28; Марко 10:25; Откровение 3:17). Независно од тоа дали сме богати или сиромашни, сите треба да се концентрираме на вршењето на Божјата волја (Лука 12:31).

ШТО МИСЛИШ?

◼ Што очекува Бог од нас денес? (Матеј 24:14)

◼ Со кое време Исус го споредил времето во кое живееме ние? (Матеј 24:37-39; Лука 17:28-30)

◼ На што треба да внимаваме за да добиеме вечен живот? (Лука 21:34)

[Истакната мисла на страница 13]

Таканаречената „теологија на благосостојба“, всушност, е теологија на заблуда