Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Деца под стрес

Деца под стрес

Деца под стрес

◼ „Немав време. Уморен сум“, рекол осумгодишниот Пабло кога учителката му ја побарала домашната задача. Исто како ова поспано дете од Шпанија, уште многу други деца имаат долги, заморни денови кога минуваат по 12 или повеќе часови на училиште и во учење. Зошто децата имаат толку напорно темпо?

Некои родители ги запишуваат децата во различни секции за да бидат зафатени додека да се врати дома едниот од нив. Други им наметнуваат на своите деца напорен распоред затоа што сакаат тие да бидат најдобри на училиште и да имаат успешна кариера. Затоа, многу родители во Јужна Кореја ги испраќаат децата во „турбоучилишта“, каде што следат исцрпувачки напорна настава, понекогаш од 7.30 наутро па сѐ до полноќ или подоцна, дури и по седум дена во неделата. „За да ја остварат својата фикс-идеја да ги запишат децата на некој од врвните универзитети, тие водат вистинска ‚војна‘“, стои во еден напис во New York Times.

Во шпанскиот неделник Mujer hoy се вели: „Амбициозните родители им го посакуваат најдоброто на своите деца, но бараат премногу од нив“. За да ги исполнат очекувањата на родителите, децата почнуваат да бараат премногу од себеси, што може да ги стави под огромен стрес. „Според она што го гледаме, младите се преоптоварени“, вели Антонио Кано, претседател на Шпанското здружение за проучување на вознемиреноста и стресот. Според едно друго стручно лице, 40 отсто од децата во Шпанија под 15 години страдаат од преголем стрес. Ваквиот притисок може да остави големи последици, па дури и да води до самоубиство. На пример, во Јужна Кореја, „меѓу младите на возраст од 10 до 19 години, самоубиството е втора најголема причина за смрт, веднаш по сообраќајните несреќи“, стои во The New York Times.

Се разбира, младите треба да учат, а родителите треба да им помогнат колку што можат, бидејќи тие години никогаш нема да се повторат. Но, „децата не се возрасни. Тие не можат да издржат такви долги, напорни денови“, вели педагогот Ирене Аримадас. Грижливите родители што го сфаќаат ова водат сметка нивните деца да имаат доволно време за одмор и за здрави семејни активности. Укажувајќи на потребата од урамнотеженост, мудриот цар Соломон напишал: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). a

[Фуснота]

a Нешто повеќе за притисоците што ги имаат многу деца можеш да прочиташ во серијата статии „Дали учениците се преоптоварени“, во Разбудете се! од април 2009.