Зошто девојките не ме сакаат?
Младите прашуваат
Зошто девојките не ме сакаат?
Ѝ го свртив паметот! Ѝ кажав сѐ за мене — што сѐ имам, каде сѐ сум бил, кого сѐ познавам. Мора да е луда по мене!
Леле, ме удави! Па, зарем не сфаќа? Како да му кажам дека не сум заинтересирана за него?
ДОВОЛНО си возрасен за да започнеш врска. Би сакал да најдеш девојка што ти се допаѓа и која има исти религиозни верувања како тебе (1. Коринќаните 7:39). Но, досега не си успеал кај ниедна девојка.
Ако сакаш подобро да запознаеш некоја девојка, кои работи треба да ги земеш предвид? И кои библиски начела би било добро да ги имаш на ум?
Чекор број 1
Пред да одлучиш да започнеш врска со некоја девојка, треба да научиш некои основни вештини кои ќе ти помогнат да градиш пријателства. Размисли за следново:
◼ Научи се на убави манири. Библијата вели дека љубовта „не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:5). Убавите манири покажуваат дека ги почитуваш другите и дека стануваш сѐ позрел и посличен на Христос. Сепак, убавите манири не се костум кој го носиш за да ги воодушевиш другите, а кога ќе влезеш дома веднаш го соблекуваш. Запрашај се: ‚Дали покажувам убави манири и во семејството?‘ Ако одговорот е ‚не‘, тогаш ќе изгледа извештачено кога го правиш тоа со другите. Не заборавај, за да открие каква личност навистина си, една паметна девојка ќе гледа како се однесуваш со членовите на твоето семејство (Ефешаните 6:1, 2).
Што велат девојките: „Нешто што дефинитивно ми се допаѓа кај едно момче се убавите a
манири што ги покажува во мали работи, како, на пример, да ми ја отвори вратата, но и во поголеми работи — да биде љубезен и внимателен не само со мене туку и со моето семејство“ (Тина, 20).„Воопшто не ми се допаѓа кога некое момче, со кое само што сум се запознала, веднаш почнува да чепка во мојата приватност со прашања како: ‚Имаш ли дечко?‘ и ‚Кои се твоите цели?‘ Тоа е непристојно и ме нервира!“ (Катерина, 19).
◼ Обрни внимание на личната хигиена. Ако водиш грижа за личната хигиена, тоа покажува дека имаш почит кон другите, но и кон самиот себе (Матеј 7:12). Ако самиот се почитуваш, најверојатно и другите ќе те почитуваат. Од друга страна, пак, ако се запуштиш, тешко дека ќе имаш шанси кај некоја девојка.
Што велат девојките: „На едно момче кое беше заинтересирано за мене многу му мирисаше здивот. За тоа едноставно не можев да му прогледам низ прсти“ (Кети, 24).
◼ Научи да разговараш. Добрата комуникација е основа за една трајна врска. Тоа значи да разговараш не само за она што тебе те интересира туку и за она што неа ја интересира (Филипјаните 2:3, 4).
Што велат девојките: „Импресионирана сум кога момчето може природно да зборува со мене, кога ги помни работите што му ги кажувам и поставува прашања со кои го води разговорот“ (Кристина, 20).
„Мислам дека момчињата ги привлекува она што го гледаат, а девојките она што го слушаат“ (Лора, 22).
„Убаво е да добиваш подароци. Но, ако момчето знае да прави убав муабет, ако знае да направи да се чувствуваш пријатно и да те охрабри со своите зборови... Е, тоа ти е момче на место!“ (Ема, 21).
„Дефинитивно би сакала подобро да запознаам некој што има смисла за хумор, но кој знае да зборува и за сериозни работи без да глуми“ (Кети, 24).
Овие предлози ќе ти помогнат да стекнеш вистински пријатели. Сепак, кога ќе се чувствуваш спремен да започнеш сериозна врска со некоја девојка, што треба да направиш?
Чекор број 2
◼ Преземи иницијатива. Ако мислиш дека девојката што ти се допаѓа би можела да ти биде добар брачен партнер, кажи ѝ дека си заинтересиран за неа. Јасно и отворено кажи ѝ што чувствуваш. Можеби те плаши самата помисла на тоа. Како ќе реагира? Но, твојата спремност да преземеш иницијатива е доказ дека си пораснал.
Што велат девојките: „Не можам некому да му ги читам мислите. Ако некој сака подобро да ме запознае, би требало да биде искрен и отворено да ми каже“ (Нина, 23).
„Можеби ќе ти биде чудно ако некој што до вчера ти бил другар, сега сака да бидете нешто повеќе. Но, би го почитувала ако едноставно дојде и ми го каже тоа“ (Елена, 25).
◼ Почитувај ја нејзината одлука. Што ако девојката која ти се допаѓа ти каже дека не сака да има врска со тебе? Покажи ѝ дека ја почитуваш со тоа што ќе веруваш во нејзиниот суд имајќи на ум дека таа најдобро се познава себеси и дека нејзиното ‚не‘ значи ‚не‘. Ако продолжиш да ѝ додеваш, ќе покажеш дека не си доволно зрел. Кога една девојка јасно и гласно ќе те одбие, ако се правиш како тоа да не се случило, па дури и ѝ се налутиш, на кого мислиш повеќе — на неа или на себе? (1. Коринќаните 13:11).
Што велат девојките: „Ме нервира кога дефинитивно ќе му кажам ‚не‘ на некое момче, а тој и понатаму ми досадува“ (Клара, 20).
„Му објаснив на едно момче дека не сум заинтересирана за него, но тој навалуваше
да му го дадам мојот број. Се обидов да бидам фина. Сепак, сигурно му требаше голема храброст за да ми каже што чувствува. На крајот, морав остро да му кажам да ме остави на мир“ (Сара, 23).Што не треба да правиш
Некои момчиња си мислат дека можат лесно да ја освојат секоја девојка. Можеби дури и се натпреваруваат со своите врсници за да покажат кој од нив може да им го привлече вниманието на што повеќе девојки. Но, тоа е сурово, а така ќе те бие и лош глас (Изреки 20:11). Можеш да го избегнеш тоа ако ги примениш следниве предлози.
◼ Не флертувај. Оној што флертува користи ласкави зборови и провокативни движења на телото. Тој нема намера да започне сериозна врска. Ваквите постапки и ставови се во спротивност на библискиот совет да се однесуваме со ‚помладите жени како со сестри‘ (1. Тимотеј 5:2). Оние што флертуваат се лоши пријатели и уште полоши брачни партнери. Паметните девојки се свесни за тоа.
Што велат девојките: „Мислам дека воопшто не е привлечно кога некој флертува со тебе и ти ги кажува истите зборови што ѝ ги кажувал на другарка ти минатиот месец“ (Елена, 25).
„Еден привлечен тип почна да флертува со мене и главно зборуваше за себе. Кога една друга девојка ни се придружи во групата, истото го правеше и со неа. Потоа дојде трета девојка и тој ѝ ги продаваше истите финти. Изгледаше грозно!“ (Тина, 20).
◼ Не си поигрувај со нејзините чувства. Не очекувај дека едно пријателство помеѓу двајца од спротивен пол ќе функционира според истите правила како пријателство меѓу две лица од истиот пол. Зошто? Размисли за ова: Ако забележиш дека на твојот другар убаво му стои новиот костум или постојано зборуваш со него и му се доверуваш, тој сигурно нема да си помисли дека си заљубен во него. Но, ако на некоја девојка ѝ дадеш комплимент во врска со нејзиниот изглед и ако постојано зборуваш со неа и ѝ се доверуваш, таа може да си помисли дека си заинтересиран за неа.
Што велат девојките: „Мислам дека момчињата не сфаќаат дека не можат да се однесуваат со девојките на ист начин како со своите другари“ (Сандра, 26).
„Некое момче ќе го најде мојот број и ќе почне да ми праќа пораки. Што сака да постигне со тоа? Понекогаш можеш да имаш врска со некого преку СМС-пораки и да ти се родат чувства за него. Но, колку работи можеш да кажеш во една порака?“ (Маја, 19).
„Мислам дека момчињата не сфаќаат колку брзо кај една девојка може да се родат чувства, особено ако момчето е обѕирно и пријатно. Тоа не значи дека девојката е очајна за да си фати дечко. Едноставно мислам дека повеќето девојки сакаат да се заљубат и постојано чекаат да се појави принцот на белиот коњ“ (Ана, 25).
Биди реален
Нереално е, па дури и вообразено да мислиш дека сите девојки ќе те сакаат. Но, на некоја ќе ѝ се допаднеш ако го запомниш ова: Многу е поважно каква личност си однатре, отколку како изгледаш однадвор. Затоа не е чудно што Библијата нагласува колку е важно да ја изградуваме „новата личност“ (Ефешаните 4:24).
Клара (21) вели: „Момчињата мислат дека, за да привлечат некоја девојка, важно е како се облечени и како изгледаат. Донекаде и тоа е точно, но сепак мислам дека многу девојки повеќе ги привлекуваат момчиња кои имаат убави особини“. b
[Фусноти]
a Имињата се сменети.
b Види го 3. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, издадена од Јеховините сведоци.
РАЗМИСЛИ
◼ Како ќе покажеш дека имаш самопочит?
◼ Како можеш да покажеш почит кон мислењето и чувствата на една девојка?
[Слика на страница 19]
Убавите манири не се костум кој го носиш за да ги воодушевиш другите, а кога ќе влезеш дома веднаш го соблекуваш