Избегав од „полињата на смртта“ и пронајдов живот
Избегав од „полињата на смртта“ и пронајдов живот
Раскажал Сем Тан
Бегајќи од нашата татковина, јас и моето семејство, заедно со уште 2.000 Камбоџанци, конечно стигнавме до реката која граничи со Тајланд. Успеавме да се стиснеме на еден од малите чамци што ги пренесуваа луѓето на безбедно. Само што отплови и последниот чамец, се појавија војниците на Црвените Кмери и почнаа да пукаат во нас.
МНОГУ ни олесна кога сите здрави и живи стигнавме во Тајланд. Сите, освен нас, беа радосни. Неколку месеци пред тоа, Црвените Кмери ги одведоа татко ми и вујко ми. Мајка ми седна и почна да плаче. Но, пред да продолжам со приказната дозволете ми да ви раскажам нешто за мене.
Пораснав како будист
Роден сум во Камбоџа во 1960 год., и растев во семејство со три деца. Кога имав девет години, јас и моите родители одлучивме да ме пратат да живеам во будистички храм, што беше вообичаено за машките деца. Денот на еден будистички калуѓер започнува во шест часот наутро, кога го напушта храмот и оди од куќа до куќа за да собира храна. Многу ми беше тешко кога морав да барам храна од луѓе што беа крајно сиромашни. Потоа, ние, младите калуѓери, подготвувавме оброци и им служевме на постарите калуѓери. Ние јадевме после нив.
Во шест часот навечер, старите калуѓери се собираа и се молеа на јазик што го разбираа само малкумина, ако воопшто некој и го разбираше. По две години станав мал калуѓер, како што го викавме таму, и добив некои привилегии што ги имаа постарите калуѓери. Исто така, ми беше дозволено да кажувам молитви со нив. Цело време си мислев дека будизмот е единствената религија во светот.
Бегство од Камбоџа
Не бев задоволен со животот во храмот и затоа се вратив дома кога имав 14 години. Набрзо потоа, на власт дојде политичкиот водач Пол Пот. Тој ги предводеше Црвените Кмери кои владееја од 1975 до 1979 год. Тие насила ги иселуваа луѓето од градовите и ги населуваа во селата зашто сакаа да ја направат Камбоџа комунистичка држава. И нашето семејство беше преселено. Подоцна луѓето на Пол Пот ги одведоа татко ми и вујко ми. Никогаш повторно не ги видовме. Всушност, за време на владеењето на Црвените Кмери околу 1,7 милиони Камбоџанци беа погубени на „полињата на смртта“ или умреа како резултат на исцрпувачка работа, болест или глад.
Токму поради ваквите услови, нашата група од 2.000 луѓе што ја спомнав на почетокот, тргна на тридневно опасно патување преку планинско подрачје кон границата на Тајланд. Сите пристигнавме безбедно, дури и едно машко бебе што се роди за време на патувањето. Повеќето во групата носевме пари, но кога стигнавме во Тајланд, ги фрливме бидејќи во тоа време камбоџиската валута немаше скоро никаква вредност во таа земја.
Животот во Тајланд
Моето семејство живееше кај роднините во Тајланд, а јас се вработив како рибар. Нашиот чамец често навлегуваше во камбоџиски
води каде што можеа да се уловат доста риби, но таму патролираа и чамците на Црвените Кмери. Ако не фатеа, ќе го изгубевме чамецот, но што е уште полошо ќе ги изгубевме и нашите животи. Двапати за влакно успеавме да се спасиме. Други не поминаа толку добро. Еден од нив беше и мојот сосед кому му ја отсекоа главата. Иако неговата смрт ме вознемири, продолжив да ловам риби покрај брегот на Камбоџа зашто, ако не го правев тоа, моето семејство ќе гладуваше.Бидејќи бев загрижен за себе и за семејството, одлучив да отидам во камп за бегалци во Тајланд и да поднесам барање да емигрирам во друга земја и оттаму да им праќам пари. Кога им кажав на роднините за мојата намера, тие воопшто не се согласуваа со тоа. Но, јас веќе имав донесено одлука.
Во кампот за бегалци, сретнав посетители кои зборуваа на англиски јазик и ми рекоа дека се христијани. Тоа го разби моето верување дека будизмот е единствената религија во светот. Јас и мојот нов пријател Тенг Хан почнавме да се дружиме со „христијаните“, кои ни ја покажаа Библијата и ни дадоа храна. Во кампот живеев една година и потоа поднесов барање да емигрирам на Нов Зеланд.
Нов живот на Нов Зеланд
Моето барање беше прифатено во мај 1979 год., и набрзо се најдов во кампот за бегалци во Окланд. Еден љубезен човек договори да одам во Велингтон и да работам во фабрика. Таму работев напорно и праќав пари дома како што ветив.
Бидејќи сакав да се запознаам со христијанството, почнав да посетувам две протестантски цркви. Но, таму не дознав многу за Библијата. Сакав да научам исправно да се молам и затоа од еден пријател ја научив Господаровата молитва, попозната како Оченаш (Матеј 6:9-13). Но, никој не ми објасни што всушност значи оваа молитва. Исто како со будистичките молитви, и сега ги повторував зборовите без да знам што кажувам.
Несреќен брак
Во 1981 год. се оженив. Околу една година подоцна, јас и жена ми се крстивме, при што свештеникот нѐ попрска со вода по главите. Во тоа време имав две работни места, прекрасен дом и удобен живот — работи што никогаш не сум ги имал во Камбоџа. И покрај тоа, сѐ уште бев несреќен. Во нашиот брак се појавија проблеми, но не ни помогна многу тоа што редовно одевме в црква. А не беше од помош ниту моето однесување — се коцкав, пушев, прекумерно пиев и одев со други жени. Совеста ме гризеше и навистина се сомневав дека ќе одам на небото каде што, како што ми кажаа, одат добрите луѓе кога ќе умрат.
Во 1987 год., се погрижив мајка ми и сестра ми да дојдат на Нов Зеланд, каде што некое време живееја со нас. Кога тие си заминаа, јас ја напуштив жена ми и се преселив со нив во Окланд.
Ја запознавам вистината
Кога се враќав откај еден пријател, сретнав двајца луѓе кои одеа од куќа до куќа. Еден од нив, Бил, ме праша: „Што мислиш, каде ќе одиш кога ќе умреш?“ „На небото“, му одговорив. Тогаш тој ми покажа во Библијата дека само 144.000 луѓе одат на небото, од каде што ќе владеат како цареви над Земјата. Исто така, ми кажа дека Земјата ќе биде претворена во рај и населена со милиони богобојазливи луѓе (Откровение 5:9, 10; 14:1, 4; 21:3, 4). На почетокот, ова учење ме нервираше бидејќи беше во спротивност со она што сум го учел дотогаш. Но, длабоко во себе бев воодушевен кога видов колку добро ја познаваат Библијата и колку беа смирени. Ми беше жал што не ги прашав од која религија се.
Неколку недели подоцна, посетив еден пријател чии деца ја проучуваа Библијата со еден брачен пар, Дик и Стефани. Тоа го правеа со помош на брошурата Радувај се на животот засекогаш на Земјата! Додека бев таму, почнав да ја читам брошурата и видов дека тоа што го пишува во неа навистина има смисла. Дознав дека брачниот пар се Јеховини сведоци. Тогаш ми стана јасно дека двајцата луѓе што кратко пред тоа ги сретнав исто така беа Сведоци, бидејќи она што го зборуваа беше во склад со она што го пишуваше во брошурата.
Со желба да дознаам повеќе, ги поканив Дик и Стефани кај мене. Кога дојдоа, ги преплавив со библиски прашања. Подоцна, Псалм 83:18, каде што стои: „За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ Бев трогнат од овој стих и затоа почнав редовно да ја проучувам Библијата. Во тоа време живеев со Ла, една девојка од Лаос, која ни се придружи во проучувањето. Во меѓувреме, им помогнав на брат ми и жена му да дојдат на Нов Зеланд. И тие почнаа да ја проучуваат Библијата со Сведоците.
Стефани ме праша дали знам кое е Божјето име. Таа ми го покажаПо некое време, јас и Ла прекинавме да проучуваме затоа што отидовме да работиме во Австралија. Иако најважно ни беше да заработиме пари, сепак ни недостасуваше проучувањето на Библијата. Затоа, една ноќ горливо го молевме Јехова да го најдеме неговиот народ.
Одговор на нашата молитва
Неколку дена подоцна, кога се вратив од пазарување, пред мојата врата стоеја две жени кои беа Сведоци. Во себе му се заблагодарив на Јехова, и оттогаш јас и Ла продолживме да проучуваме. Исто така, почнавме да присуствуваме на христијанските состаноци во Салата на Царството во нашето место. Сепак, наскоро сфатив дека, за да му угодам на Бог, морам да сменам многу работи во својот живот. Затоа прекинав со лошите навики и си ја потстрижав долгата коса. Старите пријатели ме исмејуваа, но научив да се контролирам. Морав да си ја средам и брачната состојба бидејќи јас и Ла не бевме во брак, а и не бев законски разведен од мојата жена. Така, во 1990 год., јас и Ла се вративме на Нов Зеланд.
Веднаш им се јавив на Дик и Стефани. „Сем, мислевме дека ве изгубивме!“ — извика Стефани. Продолживме да ја проучуваме Библијата со нив и наскоро, кога мојот развод беше завршен, јас и Ла се венчавме со чиста совест пред Бог. Останавме на Нов Зеланд каде што се крстивме како Јеховини сведоци. Бидејќи имав силна желба да го споделам со другите она што го научив, за мене беше голема чест да ја проучувам Библијата со голем број Камбоџанци и Тајланѓани кои живееја во Окланд и околината.
Назад во Австралија
Во мај 1996 год., јас и Ла се вративме во Австралија и се населивме во Кернс, во северен Квинсленд. Овде имам одговорност да го организирам проповедничкото дело за Камбоџанците, Лаошаните и Тајланѓаните во таа област.
Никогаш не би можел доволно да му се заблагодарам на Јехова за благословите, вклучувајќи ја и мојата прекрасна жена и нашите три сина — Даниел, Мајкл и Бенџамин. Исто така, благодарен сум што мајка ми, сестра ми, брат ми, мојата тешта и Тенг Хан, мојот пријател од тајландскиот камп, ја прифатија библиската вистина. Иако јас и моето семејство сѐ уште не можеме да ја прежалиме загубата на татко ми и вујко ми, сепак не очајуваме. Уверени сме дека со воскресението, Бог потполно ќе ги отстрани неправдите и дека „она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17; Дела 24:15).
Пред неколку години, на еден конгрес на Јеховините сведоци, забележав едно познато лице. Тоа беше Бил, со кого се сретнав пред многу години. „Се сеќаваш ли на мене?“ — го прашав.
Тој одговори: „Да! Те сретнав на Нов Зеланд пред многу години и ти реков дека само 144.000 луѓе одат на небото“. После сите тие години, Бил сѐ уште се сеќаваше на мене. Се прегрнавме и потоа се изнаприкажавме, но сега како браќа.
[Извор на слика на страница 21]
Позадина: AFP/Getty Images