Како е твојата штитна жлезда?
Како е твојата штитна жлезда?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРАЗИЛ
САРА беше скршена од тага. Нејзината бременост, која не траеше ни три месеци, заврши со пометнување. По околу една година, имаше уште еден спонтан абортус. Лекарските испитувања не помогнаа да се открие причината. Сара почна постепено да се здебелува, иако редовно вежбаше и внимаваше колку јаде. Имаше грчеви во нозете и стана пречувствителна на студ. Конечно, крвната слика и прегледот со ултразвук открија дека страда од Хашимотова болест, која можеби била причината за нејзините пометнувања. a
Сара, како и повеќето луѓе, не ни помислуваше дека има проблеми со штитната жлезда. Но, фактот дека здравјето непрестајно ѝ се влошуваше покажа колку е важна оваа жлезда.
Што е штитна жлезда
Штитната жлезда (тироидеја) е мал орган што личи на штит сместен во предниот дел на вратот, веднаш под гркланот. Составена е од два резена споени со истмус (теснец) и лежи на трахејата, односно дишникот, а тежи нешто помалку од 30 грама. Таа е дел од ендокриниот систем — група органи и ткива кои лачат, складираат и ослободуваат хормони директно во крвта, со што го регулираат целиот метаболизам.
Штитната жлезда се состои од голем број т.н. фоликуларни клетки со ќесеста форма, исполнети со густа течност која содржи тироидни хормони. Овие хормони се богати со јод. Всушност, речиси 80 отсто од јодот во нашиот организам се наоѓа во штитната жлезда. Ако не внесуваме доволно јод преку исхраната, тироидната жлезда би можела да се зголеми, односно да се појави гушавост. Кај малите деца, недостигот на овој елемент може да го спречи лачењето на хормони и да го сопре нивниот физички, ментален и полов развој — состојба позната како кретенизам.
Како дејствуваат тироидните хормони
Штитната жлезда ги лачи хормоните T3, rT3 (обратен T3) и T4. b И T3 и rT3 се деривати на T4, кои се трансформираат главно во периферните ткива, а не во штитната жлезда. Кога на телото му се потребни повеќе тироидни хормони, штитната жлезда лачи T4 во крвотокот. Преку крвта, овој хормон и неговите деривати можат да влијаат врз сите клетки во телото.
Како што педалот за гас ја контролира брзината на моторот кај автомобилот така и тироидните хормони ја регулираат брзината на метаболизмот, т.е. хемиската активност на клетките со која се добива енергија и се создаваат нови ткива. Овие хормони го поттикнуваат растот и обновата на ткивата, влијаат врз срцевиот ритам, овозможуваат создавање енергија за мускулите и ја регулираат телесната температура.
Тироидните хормони имаат и други важни функции. На пример, му помагаат на црниот дроб да го отстрани од крвта вишокот триглицериди и липопротеини со слаба густина (т.н. лош холестерол). Оттаму холестеролот оди во жолчката и, на крајот, завршува во изметот. Но, важи и обратното — кога нема доволно тироидни хормони, нивото на лошиот холестерол се покачува, а нивото на добриот холестерол (липопротеини со голема густина) се намалува.
Што се однесува до органите за варење, овие хормони го забрзуваат излачувањето на соковите за варење и ги зголемуваат брановидните движења на мускулите познати како перисталтика. Кога се лачат премногу, тироидните хормони предизвикуваат зачестено празнење на цревата, а кога ги нема доволно, предизвикуваат запек.
Што ја контролира штитната жлезда?
Со работата на штитната жлезда управува дел од мозокот наречен хипоталамус. Штом ќе открие дека на организмот му недостасуваат тироидни хормони, хипоталамусот ѝ го сигнализира тоа на хипофизата, сместена во основата на мозокот над непцето. Хипофизата ослободува во крвотокот хормон познат како тиротропин (ТСХ) кој ѝ дава знак на штитната жлезда дека треба да стане поактивна.
Затоа, мерењето на нивото на ТСХ и на тироидните хормони во крвта им овозможува на лекарите да утврдат во каква состојба е штитната жлезда. Ова е важно бидејќи нерамнотежата на овие хормони може да предизвика заболувања.
Проблеми со штитната жлезда
Функцијата на тироидејата може да биде нарушена поради исхрана сиромашна со јод, физичко преоптоварување, стрес, генетски фактори, инфекции, болест (обично некое автоимуно нарушување) или како резултат на несакано дејство на некој лек препишан за друга болест. c Гушавоста, т.е. зголемувањето на штитната жлезда е показател дека таа е заболена. Може да дојде до зголемување на целата жлезда или до појава на јазли. Иако гушавоста обично е бенигна, секогаш е добро да се обратиш на лекар бидејќи оваа појава може да укажува и на посериозен проблем, како што е ракот. d
Заболената штитна жлезда обично лачи или премногу или премалку хормони. Претераната активност на оваа жлезда се вика хипертироидизам, а недоволната активност, хипотироидизам. Болест на тироидејата може да се развие постепено и незабележливо, што значи дека некој може да ја има со години, без да биде свесен за тоа. Како и повеќето други болести, и оваа полесно ќе се стави под контрола ако се открие доволно рано.
Најчести нарушувања на штитната жлезда се Хашимотовата и Грејвсовата болест. Станува збор за автоимуни болести — нарушувања при кои имунолошкиот систем ги напаѓа здравите клетки како да се туѓи ткива. Хашимотовата болест се јавува шестпати почесто кај жените отколку кај мажите, и обично доведува до хипотироидизам. Грејвсовата болест се јавува осумпати почесто кај жените, и предизвикува хипертироидизам.
Постојат различни мислења за тоа колку често треба да се вршат прегледи на штитната жлезда, иако се смета дека ваквите испитувања се многу важни за новороденчињата. (Види ја рамката „Преглед кој е важен за едно новороденче“.) Доколку се открие дека штитната жлезда не е доволно активна, обично се испитува дали жлездата ја напаѓаат некакви антитела. Од друга страна, пак, ако резултатите покажат дека штитната жлезда е прекумерно активна, таа обично се снима, под услов да не се работи за бремена жена или за доилка. Ако пациентот има јазли, можеби ќе треба да се направи биопсија за да се одреди дали ткивото е малигно.
Лекување
Симптомите на хипертироидизмот, како што се забрзаното чукање на срцето, неволевото треперење на мускулите и немирот, можат да се ублажат со лекарства. Друга метода на лекување е намерното оштетување на клетките на штитната жлезда за да се намали количеството на тироидни хормони. А понекогаш не постои друг избор освен целата жлезда да се отстрани со операција.
На пациентите со хипотироидизам или со отстранета штитна жлезда, лекарите обично им препишуваат секојдневна терапија со хормонот Т4. За да се одреди соодветната доза, пациентите мора редовно да одат на контрола. Ракот на штитната жлезда може да се лекува на различни начини — со лекарства, операција, хемотерапија и со радиоактивен јод.
Сара прима хормонална терапија со Т4, а еден нутриционист ѝ помогна околу урамнотежената исхрана. Резултатите се навистина позитивни. Сара, а и другите во нејзина ситуација можат да потврдат од лично искуство дека, иако е мала, штитната жлезда игра важна улога. Затоа, грижи се за својата штитна жлезда — јади здрава храна што содржи јод, труди се да избегнуваш хроничен стрес и води сметка за својата општа здравствена состојба.
[Фусноти]
a Иако недостигот на тироидни хормони може да доведе до компликации при бременоста, повеќето жени со тироидни нарушувања раѓаат здрави деца. Меѓутоа, многу е важно мајката да добива хормонска терапија бидејќи, на почетокот, нејзиното неродено дете ги прима овие хормони исклучиво преку неа.
b T3 е симбол за тријодотиронин, а T4 за тироксин. Цифрите 3 и 4 покажуваат колку атоми на јод се врзани за хормонот. Штитната жлезда произведува и калцитонин — хормон што го регулира нивото на калциум во крвта.
c Разбудете се! не се залага за некоја посебна терапија. Ако се сомневаш дека имаш некаков проблем со штитната жлезда, обрати се на лекар што има искуство во превенција и контролирање на тироидни заболувања.
d Ризикот да заболат од рак е поголем кај лица кои биле лекувани со зрачење на главата или на вратот, кај оние што имаат и друг вид рак или имаат роднини со рак на штитната жлезда.
[Истакната мисла на страница 27]
Како што педалот за гас ја контролира брзината на моторот кај автомобилот така и тироидните хормони ја регулираат брзината на метаболизмот
[Истакната мисла на страница 29]
Болест на тироидејата може да се развие постепено и незабележливо, што значи дека некој може да ја има со години, без да биде свесен за тоа
[Рамка/слика на страница 28]
ВООБИЧАЕНИ СИМПТОМИ
Хипертироидизам: претерана нервоза, губење на телесната тежина од необјасниви причини, забрзано чукање на срцето, зачестено празнење на цревата, нередовна менструација, раздразливост, загриженост, емотивна нестабилност, испакнати очи, мускулна слабост, несоница и проретчена и слаба коса. e
Хипотироидизам: тромавост, забавено размислување, покачување на телесната тежина од необјасниви причини, опаѓање на косата, запек, претерана чувствителност на студ, нередовна менструација, депресија, промени во гласот (станува засипнат или длабок), слабо памтење и умор.
[Фуснота]
e Бидејќи некои симптоми се јавуваат и кај други заболувања, ако не се чувствуваш добро, обрати се на лекар.
[Рамка на страница 28]
ПРЕГЛЕД КОЈ Е ВАЖЕН ЗА ЕДНО НОВОРОДЕНЧЕ
За да се одреди дали новороденчето има нарушување на штитната жлезда, доволно е да се земат неколку капки крв. Ако крвната слика покаже дека има некаков проблем, лекарите можат да преземат соодветни мерки. Недостигот на тироидни хормони може да доведе до физичка и ментална заостанатост, позната како кретенизам. Од таа причина, бебињата се прегледуваат набрзо откако ќе се родат.
[Рамка/слика на страница 29]
ДАЛИ СЕ ХРАНИШ ПРАВИЛНО?
Правилната исхрана може да ги спречи заболувањата на штитната жлезда. Размисли дали храната што ја јадеш содржи доволно јод, кој е неопходен за лачењето на тироидни хормони? Морската риба и друга морска храна се одличен извор на овој важен елемент. Овошјето и зеленчукот можат да содржат различни количини јод, во зависност од квалитетот на почвата на која биле одгледувани. За да се надомести недостигот на овој елемент во исхраната, некои земји имаат закони за додавање јод во готварската сол.
Селенот е уште една важна состојка за штитната жлезда. Овој елемент е дел од ензимот што го претвора хормонот T4 во T3. Концентрацијата на селен во зеленчукот, месото и млекото исто така зависи од почвата. Морската храна и бразилските ореви се богати со селен. Се разбира, ако се сомневаш дека имаш проблем со штитната жлезда, обрати се на лекар. Немој да се лекуваш на своја рака.
[Графикон на страница 28]
(Види во публикацијата)
дишник
грклан
штитна жлезда
дишник