Кога низ Европа живееле џинови
Кога низ Европа живееле џинови
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
ВО 1932 год., додека работниците граделе пат во близината на Колосеумот во Рим, еден од нив копајќи удрил во нешто тврдо. Испаднало дека станува збор за заб и череп од слон. Ова откритие не е единственото. Низ годините, во Рим и во неговата околина се пронајдени околу 140 фосилизирани остатоци од слонови. Првпат биле пронајдени во 17 век.
Луѓето мислеле дека се работи за коски од слоновите што биле донесени во древниот Рим или, пак, од слоновите што ги довел во Италија картагинскиот генерал Ханибал. Но, Г. Б. Пјанчини, свештеник од 19 век, кој бил и професор по природни науки во Витербо, не се согласувал со тие претпоставки. Поради тоа што коските биле наоѓани најмногу во водните наноси, заклучил дека се од животни што умреле на
друго место, но поплавите ги довлекле онаму каде што биле пронајдени.Многу фосили од слонови пронајдени во Италија не се идентични со денешните слонови. Тие припаѓаат на еден изумрен вид наречен Elephas antiquus, или древен слон. (Види на 15. страница.) Ова суштество имало речиси прави заби и во рамениците достигнувало висина од околу 5 метри, што значи дека било околу 2 метри повисоко од денешните слонови.
Колку биле раширени овие џинови? Пронајдените фосили покажуваат дека тие некогаш живееле насекаде низ Европа и Англија. Исто толку често се среќавале и нивните блиски роднини, мамутите. Освен тоа, фосилите од слоновите не се секогаш пронаоѓани поединечно, туку се откопувани во фосилни легла, во кои има остатоци и од многу други видови животни, меѓу кои и природни непријатели на слоновите.
Од хиени до нилски коњи
Фосилите пронајдени во Лацио, регион во централна Италија каде што се наоѓа и Рим, покажуваат дека во тој предел некогаш владеела клима многу слична на климата во Африка, бидејќи таму некогаш имало нилски коњи, газели, па дури и диви мачки. Всушност, во срцето на Рим се пронајдени фосили од една дива мачка, наречена леопардот од Монте Сакро. Во наоѓалиштето Поледрара, кое се наоѓа во близина на градот, откопани се повеќе од 9.000 фосили, меѓу кои има најразлични животни: древни слонови, бизони, елени, мајмуни, носорози и еден вид диви биволи што биле истребени
пред околу четири века. Во музејот што е изграден на тоа место, над самите ископини е направен премин од кој посетителите можат да ги гледаат фосилите таму каде што се пронајдени. (Види на 16. страница.)Една пештера во близината на Палермо (Сицилија) била полна со неброени тони фосилни остатоци, вклучувајќи и фосилизирани коски од елени, говеда, слонови и нилски коњи на различна возраст — па дури и еден фетус на нилски коњ. Всушност, 20 тони фосили се нашле на пазарот првите 6 месеци откако било откриено тоа наоѓалиште!
Во јужна Англија, палеонтологот Џ. Мансон Валентајн открил фосилни легла во кои има огромни наслаги од испокршени коски од многу животни што веќе ги спомнавме, како и од хиени и поларни мечки. Како се нашле тие огромни фосилни легла на толку различни места?
Некои научници сметаат дека околностите во кои умреле тие животни укажуваат на природна катастрофа. Која и да е причината или причините за нивното масовно изумирање, последиците се почувствувале на огромна територија која го вклучува копнениот дел на Европа, Британските Острови, Сибир и Алјаска.
Благодарение на пронајдените фосили, можеме да си замислиме еден свет кој бил сосема поинаков од овој што го знаеме денес. Всушност, ако се вратиш во далечното минато на Италија, ќе ти биде простено ако си помислиш дека се наоѓаш во дивините на Африка.
[Рамка на страница 17]
ШТО Е ФОСИЛ?
На прв поглед, фосилот можеби изгледа како обична коска. Всушност, тој е резултат на една хемиска промена наречена фосилизација, до која доаѓа пред да се распаднат остатоците од мртвите животни.
Еден вообичаен облик на фосилизација е минерализацијата. Во овој процес, првобитниот органски материјал се заменува, потполно или делумно, со минералите што ги има во влажните седиментни наслаги. Значи, за да дојде до фосилизација, потребни се специфични услови. Некои од нив се: доволно седиментни наслаги, брзо затрупување на изумрените животни, како и нивна отпорност на распаѓање. Во нормални услови, лешевите од животните што нема да ги изедат другите животни им остануваат на бактериите или на механичките и на хемиските фактори, како што се ветрот и водата. Затоа, многу ретко доаѓа до фосилизација.
[Рамка/слика на страница 17]
МАМУТИ НА СЕВЕРНАТА ПОЛУТОПКА
Фосилите покажуваат дека влакнестиот мамут живеел на огромни пространства, вклучувајќи ги Азија, Европа и Северна Америка. Изгледа дека Италија е најјужната точка во Европа до која дошло ова животно.
По големина сличен на денешниот азиски слон, влакнестиот мамут имал крзно долго и до 50 сантиметри, а мажјаците имале големи свиткани заби што достигнувале должина и до 5 метри. Особено големи количини мамутски заби се најдени во Сибир — толку многу што во средниот век се извезувала во Кина и во Европа.
[Извор на слика]
Фотографија со љубезна дозвола на Royal BC Museum
[Слика на страници 16 и 17]
Фосилното легло во Поледрара
[Извор на слика]
Soprintendenza Archeologica di Roma
[Извори на слики на страница 15]
Горе: Museo di Paleontologia dell’Università degli Studi “La Sapienza” di Roma; долу: © Comune di Roma - Sovraintendenza Beni Culturali (SBCAS; fald. 90 fasc. 4 n. inv. 19249)