Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Кражба“ во домашната аптека

„Кражба“ во домашната аптека

„Кражба“ во домашната аптека

„ПОЧНАВ да земам лекови кога имав 14 години“, вели Лина. a „Бидејќи мислев дека морам да бидам вита и убава, нашиот семеен лекар ми препиша таблети за слабеење. Се чувствував добро само кога ќе видев дека на машките им се допаѓам. На крајот, преминав на тешка дрога и почнав да водам неморален живот. Најважно ми беше да бидам во колку што е можно поеуфорично расположение.“

Бидејќи Мајра имала мигрена и ја мачеле главоболки, лекарот ѝ препишал еден аналгетик. Со текот на времето, почнала сѐ повеќе да ја зголемува дозата. Болките не биле единствената причина — таа станала зависна од лекот. Освен тоа, почнала да пие од лекарствата што им биле препишани на другите членови од нејзиното семејство.

Извештаите потврдуваат дека сѐ повеќе млади и голем број постари лица неконтролирано земаат лекови во обид да се смират, да се справат со грижите, да останат во свесна состојба, да ослабат или да бидат „хај“. Најчесто се злоупотребуваат лековите кои можат да се најдат во многу домови — аналгетиците, седативите, стимулансите и транквилизаторите. b Се злоупотребуваат и лекови кои можат да се купат слободно во аптеките, како што се средствата за спиење, антиконгестивите и антиалергиците.

Овој проблем станува сѐ повообичаен и пораширен. На пример, во делови од Африка, Европа и Јужна Азија, злоупотребата на лекови е повообичаена отколку злоупотребата на дрога. Во САД се забележани повеќе случаи на злоупотреба на лекови отколку на кој и да било вид дрога, со исклучок на канабисот. Неодамна, еден весник извести дека децата на возраст меѓу 12 и 17 години почесто се дрогираат со лекови отколку со кокаин, хероин и метамфетамини заедно“. Всушност, побарувачката е толку голема што довела до појава на нелегална фармацевтска индустрија.

Како да се заштитиш себеси и своите деца од злоупотреба на ваквите психотропни супстанции, сеедно дали станува збор за лекови или за дрога? Следните статии даваат одговор на ова прашање.

[Фусноти]

a Имињата во оваа статија се сменети.

b Многу од начелата спомнати во овие статии важат и за злоупотребата на дрога и алкохол.

[Рамка на страница 3]

„Зависник од лекови е оној што не може да прекине со користење на одреден лек, го користи од немедицински причини или го зема и покрај тоа што е свесно дека му штети или може да му наштети“, стои во Physicians’ Desk Reference. Зависноста вклучува неконтролирано користење на лекот и опседнатост со него.

Пациентот кој доживува симптоми на одвикнување кога ќе престане да го зема препишаниот лек, како на пример некој опоид, е физички зависен од него. Ова е нормална реакција, и не треба да се меша со злоупотреба на лекови.

Потребата од зголемена доза за да се постигне истиот степен на олеснување од болката се нарекува толеранција.