Орелот харпија — грабливец од дождовните шуми
Орелот харпија — грабливец од дождовните шуми
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЕКВАДОР
◼ Првите истражувачи на Јужна Америка сигурно се стаписале кога ја здогледале оваа огромна птица. Таа им оставила толку силен впечаток што на својот јазик ја нарекле харпија — според едно ужасно божество од грчката митологија, кое било полуптица полужена.
Орелот харпија од дождовните шуми на Средна и Јужна Америка и ден-денес ги воодушевува луѓето со својот впечатлив изглед. Со височина од 90 сантиметри и распон на крилјата од 2 метра, тој е еден од најголемите и најсилни орли во светот. Женките се поголеми од мажјаците и може да бидат тешки и до 9 килограми. Сразмерно на нивната големина, овие орли се опремени со силни канџи долги и до 13 сантиметри, двапати подолги од канџите на белоглавиот орел. Според National Geographic Today, овој орел има толку цврсти канџи што може да ги скрши „коските на мрзливци, мајмуни и на други животни што... ги фаќа во дождовната шума, честопати убивајќи ги во истиот момент“. И покрај својата големина и одличното оружје, орелот харпија лета толку мирно што може и да не го забележиш кога ќе ти помине над глава.
Птица во неволја
Иако човекот не треба да се плаши од орелот харпија, оваа птица има причини да се плаши од човекот. Ловокрадството и уништувањето на шумите во кои живее ја ставија оваа птица на списокот на загрозени видови, и сега ретко може да се види во дивината. Во обидот да се спаси орелот харпија, Панама го прогласи за национален симбол, а за ловокрадците предвиде многу строги казни.
И во Еквадор се вложуваат напори да се заштити овој орел. Во едно интервју за Разбудете се!, д-р Јара Пезантес, ветеринар од Историскиот парк „Гвајакил“, објасни дека овие орли почнуваат да се парат откако ќе наполнат четири-пет години. Дури и тогаш, тие несат јајца на секои две години, при што женките лежат само на едно до две јајца. Поради тоа што бавно се размножуваат, нивната заштита не е лесна работа. Но, благодарение на програмата со која овие птици се одгледуваат во паркот, веќе има едно здраво пиле, вели д-р Пезантес. Наскоро нема да биде никаков проблем да се заштити оваа птица. Зошто? Затоа што Творецот, Јехова Бог, ќе преземе целосна контрола над она што се случува на Земјата и непобитно ќе докаже дека не ја создал напразно нашава планета и нејзините чудесни созданија (Псалм 104:5; Исаија 45:18).
[Слика на страница 25]
Подготовка за означување на орелот
[Извор на слика]
Pete Oxford/Minden Pictures
[Извор на слика на страница 25]
Tui De Roy/Roving Tortoise Photos