Поглед во светот
Поглед во светот
◼ „Од руските музеи се исчезнати околу 160.000 експонати“ (RIA NOVOSTI, РУСИЈА)
◼ „Лендерот Феникс на НАСА откри дека од облаците на Марс паѓа снег“ (NASA MISSION NEWS, САД)
◼ „Шеесет и пет отсто од возачите и патниците во Грција кои гинат во сообраќајни несреќи не користат појас или шлемови“ (EIKONES, ГРЦИЈА).
Изгубен багаж
На патниците што летаат со авион често им се случува да не го добијат својот багаж. Весникот International Herald Tribune пишува дека, во 2007 год., „биле изгубени 42 милиони патни торби, што е за 25 отсто повеќе отколку во 2006 год.“ Повеќето торби им биле вратени на сопствениците во рок од 48 часа, но 3 отсто од нив, односно „по една торба на секои 2.000 патници, никогаш не била пронајдена“. Во 2007 год., за изгубен багаж, авиокомпаниите морале да платат обештетување од 3,8 милијарди долари. Некои од причините за ваквата појава се „големата навала од патници, краткиот престој на аеродромите“, невнимателното ракување со багажот и означување со погрешни етикети.
Католици во див брак
Како што известува списанието Population & Sociétés, промената во начинот на живот и во ставот кон вредностите се должи на ‚сѐ послабото влијание на религијата‘, без оглед на религиозната припадност. На пример, околу 88 отсто од младите во Франција на возраст помеѓу 18 и 24 години тврдат дека се католици, а 80 отсто од нив одат во црква само на венчавки, крштевки или погреби. Запоставувањето на традиционалните вредности се одразува на семејниот живот. Пред четириесет години, невенчано живееја 10, а денес 90 отсто од паровите пред да стапат во брак. Истражувањето откри дека „пред да се венчаат, во див брак живееле 75 отсто од католиците кои најредовно одат в црква“.
Самоубиства меѓу земјоделците од Индија
Весникот The Hindu известува дека во Индија, од 2002 год. наваму, повеќе од 17.000 земјоделци годишно посегнуваат по својот живот труејќи се со пестициди. Некои од проблемите со кои се соочуваат се сушите, наглото поевтинување на земјоделските производи, сѐ поголемите трошоци околу производството и неможноста да се земе кредит од банка. Од таа причина, многумина од нив бараат заем од лихвари кои им наметнуваат високи камати, оптоварувајќи ги со огромни долгови. За да ги покријат долговите, некои земјоделци ги продаваат дури и своите органи. Но, ако и тоа не им помогне или ако им се чини дека немаат друг излез, илјадници од нив посегнуваат по својот живот.
Нилските крокодили комуницираат пред да се изведат
„Неизведените крокодили разговараат уште пред да излезат од јајцето“ за да го усогласат изведувањето, известува The Times од Лондон. Била направена снимка од повик на неизведени нилски крокодили, која потоа била пуштена во едно легло со јајца. Младенчињата во тие јајца одговарале на повикот и се движеле во нив почесто од оние што не биле изложени на снимката. „Крокодилчињата што ги слушаа звуците од други неизведени младенчиња се изведуваа во интервали помали од 10 минути“, забележува истиот извештај. Јајцата што стоеле на тивко место или биле изложени на вообичаена врева не се извеле усогласено.