Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители, заштитете ги своите деца!

Родители, заштитете ги своите деца!

Родители, заштитете ги своите деца!

НОРМАЛНО е како родител да се прашаш зошто сѐ поголем број тинејџери „крадат“ од домашната аптека. Постојат повеќе причини. Има млади кои го прават тоа барајќи некаква возбуда. Други мислат дека тоа ќе им помогне во учењето или да заборават на проблемите. Трети страдаат физички или емоционално, и едноставно сакаат да им биде подобро. Некои од нив веќе на 12 години редовно злоупотребуваат лекови, а ги набавуваат преку некој од стотиците илјади веб-сајтови кои се спремни да им ги достават без да проверат кој ги нарачува. Други ги купуваат од „пријатели“. На кој начин ти како родител можеш да ги заштитиш своите деца?

Како прво, отворено разговарај со нив колку е опасно да се земаат лекови, сеедно дали се нелегални или се издаваат на рецепт. Друг предлог е да ги чуваш лековите на безбедно место, што може да значи да ги држиш под клуч. Води сметка кои лекови ги имате дома и колку се трошат. Ако некој лек повеќе не ви е потребен, фрлете го. Ако имаш тинејџер кому му поминала кашлицата, но сѐ уште зема лекарства, прашај го зошто го прави тоа. Надгледувај што прави твоето дете на Интернет, како ја користи кредитната картичка и што добива по пошта. Обрни внимание на секоја промена во неговото друштво, изглед или однесување или во неговите оценки на училиште.

Ако детето стане зависник

Што можеш да сториш ако твоето дете злоупотребува лекови или ако се сомневаш дека има ваков проблем? Љубезно кажи му што те загрижува. Библијата вели: „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5). Црпењето на вистината од едно дете за кое се сомневаш дека злоупотребува опасни супстанции може да биде исто како да креваш кофа со вода со помош на тенко јаже. Ако запнеш премногу и го засипеш детето со обвиненија или му го истуриш сиот свој гнев, би можел да го „скинеш јажето“, т.е. да ја прекинеш комуникацијата со него. Треба да постигнеш две цели — да дознаеш дали детето навистина има некаков проблем и, ако има, зошто се појавил. Честопати станува збор за некоја од следниве причини.

Лошо друштво и притисок од средината. Во 1. Коринќаните 15:33 стои следново: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“. Еден мудар родител ќе се труди да им помогне на своите деца да увидат колку е опасно лошото друштво, кое може многу да влијае врз нив. Друг чекор во овој поглед е родителите да им помагаат да изберат добро друштво, канејќи примерни млади на гости или на излет (Изреки 13:20).

Стрес. Денешниот свет става преголем акцент на успехот, а родителите понекогаш ги форсираат своите деца и, исто така, очекуваат премногу од нив. a Дали си свесен за јаките и за слабите страни на твоите деца? Дали им поставуваш разумни цели и дали им помагаш да ги остварат? Дали строго избегнуваш да правиш погрдни споредби што можат да ги разочараат или да ги турнат во депресија? Едно е сигурно — ако емоционалните потреби на децата не се задоволени дома, тие ќе бараат наклоност и одобрување од некој друг. Мудрите родители се трудат нивниот семеен живот да се врти околу обожавањето на Бог. Еден начин да го сторат тоа е да ја читаат Библијата со своите деца. Исус рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Недостиг на родителска стега. Некои млади се дрогираат бидејќи родителите им дозволуваат да прават што сакаат. Во Изреки 29:15 стои: „Дете распуштено ја срамоти мајка си“. Факт е дека, иако понекогаш се жалат, децата длабоко во себе сакаат да бидат исправани бидејќи тоа прави да се чувствуваат сигурни и сакани. Затоа, Библијата ги поттикнува родителите да им дадат разумни правила и добар пример (Ефешаните 6:4). Таа вели дека треба да бидат доследни, а кога е потребно и строги. „Кога ќе кажете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе кажете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Јаков 5:12).

Се разбира, ако дознаеш дека твоето дете злоупотребува лекови, би било мудро да разговараш за тоа со лекар. Бидејќи понекогаш е многу тешко да се излекува зависност, можеби ќе биде најдобро да побараш стручна помош. Освен тоа, ако твоето семејство е дел од христијанското собрание на Јеховините сведоци, добро е да побарате помош и од старешините (Јаков 5:13-16). Овие духовно зрели лица би можеле да ви помогнат вам да ги примените библиските начела кои ќе придонесат детето побрзо да закрепне.

Во следната статија се разгледани уште неколку начела. Таа покажува дека можеме да се надеваме на една многу посреќна иднина.

[Фуснота]

a Види ја статијата „Деца под стрес“, на 14. страница.

[Истакната мисла на страница 7]

„Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5)

[Рамка на страница 7]

ТИНЕЈЏЕРОТ Е ВО ОПАСНОСТ АКО...

◼ ...некој од семејството порано злоупотребувал некакви супстанции

◼ ...има депресија или ниска самопочит

◼ ...има чувство дека не се вклопува во друштво и дека е никој и ништо

◼ ...е тромав и има проблеми со спиењето

◼ ...е агресивен и не почитува авторитет. b

[Фуснота]

b На темел на информации од онлајн списанието Teen Help.