Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сметкопотврда што ја поткрепува Библијата

Сметкопотврда што ја поткрепува Библијата

Сметкопотврда што ја поткрепува Библијата

◼ Една глинена плочка широка 5,5 сантиметри била откопана во 1870-тите во близина на денешен Багдад (Ирак). Во 2007 год., Михаел Јурса, професор на Универзитетот во Виена, наишол на оваа плочка додека истражувал нешто во Британскиот музеј. Тој го препознал името Нево-Сарсехим (на вавилонски Набу-шарусу-укин), вавилонски службеник што во Библијата се спомнува во Еремија 39:3. a

Нево-Сарсехим бил еден од заповедниците на цар Навуходоносор во времето на уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е. и, како што стои на плочката, наречен е „главен евнух“. Оваа титула ја носел само еден човек, што претставува цврст доказ дека овој Сарсехим е истиот човек што се спомнува во Библијата.

На плочката е наведено дека Нево-Сарсехим однел злато во храмот на Мардук, или Меродах, главниот бог на Вавилон, чие име исто така се спомнува во Библијата (Еремија 50:2). Оваа сметкопотврда била издадена во 10-тата година, во 11-тиот месец, на 18-тиот ден од владеењето на Навуходоносор. Меѓутоа, златото што било однесено нема никаква врска со пљачкањето на Ерусалим, кое се случило неколку години подоцна (2. Царевите 25:8-10, 13-15). Сепак, „многу е необично пронаоѓањето на предмет како што е оваа плочка, на која гледаме како една личност што се спомнува во Библијата врши вообичаена уплата во храмот во Вавилон и на која е наведен точниот датум“, вели професор Јурса. Прифатена како едно од најзначајните откритија во современата библиска археологија, оваа плочка „го поткрепува гледиштето дека историските книги од Стариот завет се темелат на факти“, стои во британскиот весник Telegraph.

Меѓутоа, веродостојноста на Библијата не зависи од археологијата. Многу поцврсти докази може да се најдат во самата Библија, особено во нејзините пророштва (2. Петрово 1:21). На пример, повеќе од 100 години однапред, Јехова Бог, преку пророкот Исаија, прорекол дека сето богатство на Ерусалим ќе „биде однесено во Вавилон“ (Исаија 39:6, 7). Нешто слично претскажал и преку пророкот Еремија, кога рекол: „Сѐ што се чува во овој град [Ерусалим]... ќе [го] предадам во раката на нивните непријатели. Сето тоа тие ќе го опљачкаат... и ќе го однесат во Вавилон“ (Еремија 20:4, 5).

Нево-Сарсехим бил еден од тие непријатели, што значи дека бил и очевидец на исполнувањето на ова библиско пророштво. Всушност, тој учествувал во самото исполнување, сеедно дали бил свесен за тоа или не.

[Фуснота]

a Во Преводот Нов свет, Еремија 39:3 е преведен според интерпункцијата од Хебрејскиот масоретски текст, и гласи: „Самгар-Нево, Сарсехим, рапсарисот“. Но, хебрејскиот текст без означени самогласки може да се преведе и како: „Самгар, Нево-Сарсехим, рапсарисот [или: главниот дворски службеник]“, што се совпаѓа со текстот од плочката со клинесто писмо.

[Извор на слика на страница 11]

Copyright The Trustees of the British Museum