Ви треба рикша?
Ви треба рикша?
АКО некогаш дојдете во Дака, главниот град на Бангладеш, прво нешто што ќе ви падне в очи среде разбрануваната толпа е една цела војска од велосипед-рикши! Низ улиците и сокаците се слева бескраен порој од вакви рикши кои пренесуваат луѓе и разни товари.
Во Дака, рикшата е сѐ уште популарно превозно средство. Иако се регистрирани околу 80.000 рикши, многумина мислат дека бројот на рикши кои секој ден минуваат по улиците е многу поголем. Всушност, се вели дека Дака е град со најмногу рикши во светот!
Првите рикши
Иако првите подвижни столови потекнуваат уште од времето на францускиот крал Луј XIV (1638-1715), се смета дека првата рикша што ја влечел човек ја конструирал Џонатан Гејбл, американски мисионер во Јапонија, во 1870-тите години. Се вели дека тој го измислил ова ново превозно средство поради кревкото здравје на жена му и дека тогаш за првпат било наречено џинрикша, или во превод, „возило што го влече човек“. Подоцна, зборот бил скратен на „рикша“. Со текот на времето, низ цела Азија почнале да се користат најразлични рикши како евтино превозно средство. Кога Чарлс Тејз Расел (десно), кој ревносно предводел во активноста на Меѓународното здружение на истражувачи на Библијата (како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци), ја посетил Јапонија во 1912 год., неговата делегација од Истражувачи на Библијата патувала низ земјата со рикши.
Во Дака, рикшите на три тркала се појавиле кон крајот на 1930-тите години. За разлика од нивните претходници кои ги влечел човек користејќи два лоста прикачени за приколката, новите рикши личеле на голем трицикл кој возачите го движеле вртејќи ги педалите на предниот дел. Ова им помагало да пренесуваат патници и товар на поголемо растојание и побрзо да се пробиваат низ густиот сообраќај.
Украсување на рикшите
Се чини дека на секоја педа од рикшите во Дака има некаква шара. Како се развила оваа традиција на украсување на рикшите? Кога во Дака за првпат се појавиле рикши, тие морале да се натпреваруваат со коњски коли познати како томтом. Тогаш возачите на рикши почнале да ги украсуваат своите возила, најверојатно со цел да привлечат повеќе муштерии. На крајот, цртежите и рекламите станале посебна уметност.
Овие импресивни ремек-дела се вистинска уметничка изложба на тркала. Сајед Манзурул Ислам, уметнички критичар од Бангладеш, ги нарекува рикшите во Дака „подвижни галерии“. Целата површина е максимално исцртана со разнобојни шари и слики, а од страните или на посланата покривка висат разни украсни ресички, светкави украси и мониста.
Секој уметник си има свој стил и своја омилена тема. Некои рикши личат на рекламни плакати со сцени од стари и нови индиски и бангладешки филмови. Некои, пак, ја одразуваат носталгијата кон селскиот живот и пејзажи, а понекогаш и социјалните и политичките прашања. Вообичаени теми на цртежите се животни, птици, сцени со лов и природа.
Во 1950-тите години, рикшите ги украсуваа само неколку мајстори. Денес овие уникатни уметнички дела ги изработуваат 200-300 занаетчии. Рикшите се составуваат парче по парче во специјализирани работилници, при што деловите честопати се прават од веќе користени материјали. На пример, со помош на боја, еден уметник може да наслика многу живописни сцени на парчиња исечени од обична канта за масло за готвење или друг непотребен предмет. Цртањето рикши е уникатна народна уметност во Бангладеш која има свој сопствен, единствен шарм.
Возачот на рикшата
Веројатно сфаќаш колку напорен мора да му е животот на еден возач на рикша. Замисли си да мораш по цели денови да возиш тежок товар од луѓе или стока! Меѓу муштериите има домаќинки, ученици, бизнисмени или пазарџии со полни торби. Во една рикша честопати се тискаат и по двајца, тројца или повеќе лица. На неа трговците ги товарат своите вреќи со ориз, компири, кромид или зачини кои ги продаваат на пазар. Понекогаш патниците се искачуваат и седнуваат на врвот од својот багаж. Ако гледаш од страна, можеби ти се чини невозможно возачот да помрдне толку тежок товар. Сепак, и во летниот припек и кога лијат монсунските дождови, понизниот возач работи напорно и без да се жали.
Повеќето од овие возачи се доселиле во градот од сиромашните селски средини бидејќи не можеле да опстанат од земјоделие. Не можејќи да најдат подобро платена работа, мнозина од нив ги оставаат своите семејства и работат како возачи на рикши. Нивната напорна физичка работа им носи приход од неколку американски долари на ден.
Уникатно превозно средство
Во Дака, рикшите сѐ уште се популарни. За тоа придонесува рамниот терен, како и безбројните тесни улички во кои е речиси невозможно да се движат други превозни средства. За многумина, ваквиот „еколошки“ начин на патување не е само корисен, туку и пријатен.
Во повеќето други азиски земји, рикшите ја губат својата популарност. Поради современиот начин на живот и сѐ поголемото користење на масовниот транспорт, тие речиси излегле од употреба. Меѓутоа, иако многу луѓе ги сметаат за застарени, се прават обиди да им се подобри дизајнот и на тој начин да се зачуваат.
Во Дака ви стојат на располагање различни превозни средства — автобуси, таксија, мотоцикли, авторикши или, пак, разнобојни велосипед-рикши. Но, ако низ преполните улици на овој град се повозите со велосипед-рикша, ќе се уверите дека тоа е едно незаборавно доживување!
[Слика на целата страница 23]