Депресија — како да се лекува
Депресија — како да се лекува
„ЗАЕДНО со мојот сопруг побаравме медицинска помош, направивме промени во нашиот начин на живот, и јас многу се трудев да стекнам рутина што нема да ми биде премногу напорна“, вели Рут, која долги години се бори со депресија. „Изгледа дека го најдовме соодветниот лек, бидејќи сега се чувствувам многу подобро. Но, порано, кога ми се чинеше дека ништо не помага, љубовта што постојано ми ја покажуваа сопругот и пријателите ми помогна да не кренам раце од сѐ“.
Од оваа изјава на Рут јасно се гледа дека жртвите на клиничка депресија имаат потреба од силна поддршка, во што спаѓа и соодветната лекарска помош. Ризично е да се игнорира депресијата бидејќи во некои случаи, ако не се лекува, може да биде опасна по живот. Пред околу 2.000 години, Исус Христос потврдил дека медицинските лица можат да ја дадат потребната помош кога рекол дека ‚на болните им треба лекар‘ (Марко 2:17). Факт е дека лекарите можат во голема мера да го олеснат страдањето на многу пациенти што имаат депресија. a
Начини на лекување
Постојат многу начини на лекување на депресија во зависност од симптомите и интензитетот на болеста. (Види ја рамката „Видови депресија“, на страница 5.) Многу луѓе може да добијат помош од општиот лекар, но на други им е потребен специјалист. Лекарот може да препише некој антидепресив или друг вид терапија. На некои им помогнало лекување со билки, промена во навиките на исхрана, или правење вежби под лекарски надзор.
Вообичаени проблеми
1. Добронамерните пријатели кои не се стручни медицински лица можеби ќе се обидат да ти кажат кое лекување да го прифатиш, а кое не. Можеби имаат цврст став за тоа дали да се лекуваш со билки, со лекови од аптека или да не земаш ништо.
Важно: Земи ги предвид советите од стручни лица. На крајот на краиштата, ти си тој што треба да донесе информирана одлука.
2. Обесхрабрувањето може да ги наведе пациентите да го прекинат лекувањето бидејќи им се чини дека не им помага или, пак, лекот има несакани дејства.
Важно: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изреки 15:22). Постојат поголеми шанси лекувањето да биде успешно кога меѓу лекарот и пациентот има добра комуникација. Отворено кажи му на лекарот што те загрижува или опиши му ги симптомите и прашај го дали е потребна друга терапија или едноставно треба да почекаш одредено време пред да забележиш подобрување.
3. Претераната самодоверба може да го наведе пациентот по неколку седмици нагло да го прекине лекувањето затоа што се чувствува подобро. Пациентите
забораваат колку лоши биле симптомите пред да почнат да го земаат лекот.Важно: Наглото прекинување на лекувањето без знаење на лекар може да доведе до сериозни последици, па дури и да му го загрози животот на пациентот.
Библијата не е медицински прирачник, но нејзин автор е нашиот Творец, Јехова Бог. Следната статија покажува каква утеха и водство им дава Божјата реч на лицата што се борат со депресија и на оние што се грижат за нив.
[Фуснота]
a Разбудете се! не се залага за некој посебен начин на лекување. Секој треба да размисли и лично да избере како ќе се лекува.
[Рамка на страница 5]
ВИДОВИ ДЕПРЕСИЈА
Успехот на дадено лекување зависи од тоа каква депресија има пациентот.
◼ Тешката депресија, доколку не се лекува, има сериозни симптоми кои траат шест или повеќе месеци и се одразува на повеќето аспекти од животот на депримираното лице.
◼ Биполарното растројство е познато и како манична депресија. Расположението на заболениот постојано преминува од една во друга крајност — од подолги периоди на нагласена хиперактивност, или т.н. манијачен синдром, до тешки падови во расположението, односно депресивен синдром. (Види ја статијата „Да се живее со растројство на расположението“ во Разбудете се! од 8 април 2004.)
◼ Дистимијата (депресивната невроза) не е толку сериозна како тешката депресија, но има симптоми на депресија кои можат да му отежнат на пациентот нормално да функционира. Кај некои од овие пациенти повремено се јавува и тешка депресија.
◼ Постпородилната депресија е исцрпувачка емоционална состојба што се јавува кај многу мајки откако ќе се породат. (Види ја статијата „Да се разбере постнаталната депресија“ во Разбудете се! од 8 септември 2003.)
◼ Сезонското афективно растројство најверојатно настанува поради недостиг на сончева светлина во текот на есента и зимата. Симптомите обично исчезнуваат во текот на пролетните и летните месеци.