Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животни што си го заслужиле името

Животни што си го заслужиле името

Животни што си го заслужиле името

ДОДЕКА одевме низ џунглата, на патеката пред нас забележав еден зелен мрзливец. „Побрзај да го сликаме!“, ѝ довикнав на сестра ми. И двете почнавме да се смееме кога сфативме дека воопшто не треба да брзаме — мрзливецот е едно од најбавните животни на светот!

Бидејќи сакав да научам нешто повеќе за овие цицачи, ја посетив зоолошката градина во Ла Гарите де Алахуела (Костарика), која служи и како центар за згрижување на животни кои подоцна повторно се враќаат во својата природна средина. Таму се запознав со биологот Ширли Рамирез, раководител на истражувачките проекти во овој центар. Таа ме однесе да го видам мрзливецот што живее во оваа зоолошка, а се вика Пелота, збор што на шпански значи „топка“. Ова име е сосема на место бидејќи, кога спијат, мрзливците може да се свиткаат како клопче. Пелота е двопрст мрзливец со големина на мало кутре, има меко крзно, чпртаво носе и големи и нежни кафеави очи.

Пред тоа дознав дека мрзливците не се многу дружељубиви и дека женката раѓа само по едно малечко и тоа еднаш годишно. Младенчето не се дели од својата мајка 4-6 седмици додека го дои, но може да се случи да остане на нејзиниот стомак уште 5-8 месеци. За тоа време, мајката го храни своето младенче давајќи му со устата меки лисја кои неговото тело може лесно да ги свари. Подоцна тоа и самото посегнува по лисјата, но никако не се пушта од мајка му. Додека се заедно, мајката го запознава мрзливчето со неговиот мал иден дом.

Двопрсти, тропрсти, зелени и студени

Дознав дека мрзливецот што сум го видела во џунглата е тропрст мрзливец — имаше црна сенка околу очите, кусо опавче, остро крзно, предни нозе кои се многу подолги од задните и златножолта шара меѓу плеќите. Овој вид мрзливец има девет пршлени на вратот кои му овозможуваат да ја сврти главата за 270 степени додека ги бара своите омилени лисја. Но, зошто овие животни имаат зеленикава боја? „Крзното изгледа зелено поради алгите што растат на него“, вели Ширли.

За разлика од нивните тропрсти роднини, предните и задните нозе кај двопрстите мрзливци се со речиси иста должина. Влакното на нивното крзно е долго, златнокафеаво и меко.

Мрзливците се сончаат по цел ден качени на највисоките гранки од дрвјата. Нивната телесна температура варира од 24°С ноќе до 33°С дење во зависност од надворешната температура, што не е вообичаено за цицачите. Мрзливците имаат толку мала мускулна маса што не можат да се тресат за да ја одржат телесната температура. Од таа причина, за да ја одржат температурата, многу често спијат свиткани во клопче. Дополнителна заштита од студот е и повнатрешниот дел од нивното крзно кое има кратки и меки влакна. А што се однесува до спиењето, може да се каже дека мрзливците се вистински рекордери — можат да спијат и по 20 часа на ден!

Кога јадат, не им се брза

Со оглед на тоа што процесот на ферментација и бактериската активност кои го овозможуваат варењето на храната зависат од телесната топлина, ниската телесна температура на мрзливците го забавува нивниот метаболизам. Во желудникот, кој се состои од неколку делови, лисјата се задржуваат и до еден месец пред да преминат во тенкото црево. Во текот на дождовната сезона, ако повеќе денови по ред е студено, мрзливците можат да умрат од глад дури и ако желудникот им е полн. „Сончевата топлина е неопходна за процесот на варење на храната кај мрзливците“, објаснува Ширли.

Таа додава: „Бидејќи во зоолошката градина имам задача да се грижам за животните и да им ги чистам кафезите, морам да признаам дека многу ми олеснува тоа што мрзливците ги празнат цревата и мократ само еднаш седмично! Освен тоа, секогаш кога го прават ова се симнуваат на земјата, копаат дупка и го закопуваат изметот. Тоа е единствената работа што ја вршат на земја“.

Создадени да висат

Сите други активности — јадење, спиење, парење и раѓање — ги вршат додека висат на дрвјата. Нашиот Творец ги создал овие мали цицачи на генијален начин за да можат цел живот да го поминат во превртена положба. Тие висат на предните и на задните нозе кои се опремени со канџи долги 7 сантиметри и кои лесно можат да ги вклештат во гранките и лијаните. За потполно да не им се накваси крзното од тропските поројни дождови, дури и влакното им расте во обратна насока. Бидејќи, за разлика од другите копнени животни, кај нив крзното се раздвојува на стомакот и расте кон грбот, водата едноставно им се лизга низ телото. Иако мрзливците изгледаат несмасни кога се на земја, на гранките се вистинска „елеганција во движење“. За чудо, мрзливците се и добри пливачи!

Дознав уште многу за овие интересни суштества, но ќе издвојам уште две работи. Како прво, мрзливците имаат неверојатна способност за зацелување на раните и отпорни се на одредена количина отров која би била смртоносна за другите цицачи. Големите рани заздравуваат многу брзо и ретко се инфицираат. Според тоа, сознанијата за имунолошкиот систем на мрзливците би можеле многу да ѝ користат на медицината. И, како второ, луѓето што постојано некаде брзаат и живеат во стрес можат да научат нешто од примерот на мрзливците, кои водат еден мирен и безгрижен живот. (Приложено.)

[Рамка/слики на страница 15]

СОВРШЕН ДОМАЌИН

Зелената боја на рунтавото крзно на мрзливецот се должи на една симбиотска алга која му расте на влакната. Мрзливецот дозволува алгата да расте по неговото тело, а таа за возврат му обезбедува хранливи материи што тој ги прима или лижејќи си го крзното или преку кожата која ги впива. Сиво-зелената боја е совршена камуфлажа во џунглата бидејќи поради неа животното личи на куп суви лисја што висат од гранката! Колку подолго живее мрзливецот, толку позелено му станува крзното!

[Извори на слики]

Горе десно:© Michael and Patricia Fogden; долу: © Jan Ševčík