Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Благослов или проклетство?

Благослов или проклетство?

Благослов или проклетство?

Еден возач губи контрола над возилото и удира во бандера, при што еден од патниците е тешко повреден. Возачот веднаш го зема мобилниот телефон за да повика помош. Но, зошто изгубил контрола? Па, затоа што за момент го свртел погледот од патот за да се јави на телефон.

КАКО што покажува овој пример, современата технологија има две лица — може да биде или благослов или проклетство, во зависност од тоа како ја користиме. Но, малкумина би сакале да се вратат на релативно застарените производи од пред некоја година. На пример, компјутерите нѐ поштедуваат од некои досадни работи, ни овозможуваат да пазаруваме и да вршиме банковни трансакции од дома и ни помагаат да бидеме во контакт со другите преку имејл, говорна пошта или видео линк.

До неодамна, сите во семејството наутро излегуваа од дома и не зборуваа еден со друг сѐ до вечерта. Но сега, според еден извештај во весникот USA Today, „70% од двојките во кои и двајцата партнери имаат мобилен телефон се слушаат секој ден само за да си кажат ‚здраво‘, 64% контактираат за да се договорат за дневните обврски, а 42% секојдневно го користат мобилниот за да бидат во контакт со своите деца“.

Не дозволувај корисното да стане штетно

Може ли претераното или неисправното користење на технологијата да биде штетно за менталното и физичкото здравје? Да го разгледаме примерот на еден нововенчан пар од една западна земја. Според еден новински извештај, тие „постојано зборувале на телефон — додека се возеле во автомобил, кога биле на фитнес, па дури и од различни соби во нивната куќа“. Понекогаш се случувало да поминат на телефон 4.000 минути — преку 66 часа — месечно. Рекле дека не би можеле да живеат без телефон. Тие имаат „типични симптоми на зависност“, вели д-р Харис Стратинер, специјалист од областа на менталното здравје. „Тие едноставно како да имаат врска преку предмет.“

Можеби овој пример е екстремен, но укажува на еден загрижувачки тренд. Многумина не сакаат ни да помислат да помине еден час без да контактираат со некого. „Постојано мораме да си ја провериме електронската пошта, постојано мораме да бидеме на Интернет, постојано мораме да сме на месинџер со пријателите“, вели една девојка на 20-ина години.

Ако „сѐ повеќе време трошиш [за да си „на мрежа“] и ако тоа ти станува омилена активност во животот, исклучувајќи сѐ друго, тоа е гласен аларм дека нешто не е во ред“, вели д-р Брајан Јау за весникот The Business Times of Singapore. Освен тоа, луѓето кои со часови се затвораат во некоја просторија за да ги користат своите електронски уреди обично не се физички активни и имаат предиспозиции да добијат кардиоваскуларни болести, дијабетес или некој друг сериозен здравствен проблем.

Но, тоа не се единствените последици. На пример, во врска со мобилните телефони, едно неодамнешно истражување покажа дека внимателноста кај возачите што зборуваат на мобилен, сеедно дали го држат в рака или користат хендсфри слушалки, е иста како и кај возачите што се под дејство на алкохол! Исто така, доколку некој пишува пораки додека вози, може да заврши кобно, а една анкета покажа дека околу 40 отсто од возачите под 27 години пишуваат пораки додека возат. Освен тоа, додека возиш, ако си на искушение да го користиш мобилниот за да зборуваш или за да праќаш пораки, знај дека во случај на несреќа, полицијата и твојата осигурителна компанија можат да проверат дали си го користел мобилниот непосредно пред несреќата. Значи, еден телефонски повик или една порака можат скапо да те чинат! * Истрагата за една несреќа од 2008 год., кога во Калифорнија еден воз излета од шините, при што 25 лица го загубија животот, покажа дека машиновозачот испратил СМС-порака само неколку секунди пред несреќата. Не ни стигнал да ги стисне кочниците.

Бидејќи сѐ повеќе деца користат мобилни телефони и компјутери, како и разни средства за забава, треба да научат да ги користат таквите уреди мудро и одговорно. Како да им се помогне? Те молиме, прочитај ја следната статија.

[Фуснота]

^ Сите што се трудат да живеат според библиските учења треба особено да внимаваат ништо да не им го одвлекува вниманието во ситуации кои би можеле да доведат до несреќа (1. Мојсеева 9:5, 6; Римјаните 13:1).

[Слика на страница 5]

Дали трошиш сѐ повеќе време „на мрежа“?