Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето име во Данска

Божјето име во Данска

Божјето име во Данска

СЕКОЈА година, илјадници туристи во Копенхаген се изненадени кога ќе го видат Божјето име, Јехова, или неговиот еквивалент на хебрејски, יהוה, напишано на разни дворци и на други градби во главниот град и во околината. * На пример, во центарот на градот се наоѓа Црквата на бродоградилиштето (Holmens Kirke), на чија капија Божјето име е напишано со големи златни букви. Името се наоѓа и на внатрешната страна од капијата на една спомен-плоча од 1661 година.

Недалеку од Црквата на бродоградилиштето се наоѓа една градба наречена Кружната кула (Rundetårn). На надворешниот ѕид има знак на латински јазик кој го содржи и Божјето име напишано со хебрејски букви. Во превод овој знак гласи: „Јехова нека му ги стави исправните учења и правдата во срцето на крунисаниот крал Кристијан IV“. Како дошло до тоа Божјето име да е толку познато во Данска?

Протестантската реформација и преведувањето на Библијата

Главен фактор за ширење на Божјето име била протестантската реформација. Европските реформатори, како Мартин Лутер, Жан Калвин и Хулдрик Цвингли, трудољубиво ја проучувале Библијата и јазиците на кои била напишана — хебрејски, арамејски и кини, односно, говорниот грчки јазик. Така се запознале со Божјето име. Во една проповед, Мартин Лутер рекол: „Името Јехова... му припаѓа само на вистинскиот Бог“.

Сепак, кога ја превел Библијата на германски, Лутер се држел за небиблиската традиција Божјето име да се преведува со „Господ“ или „Бог“, односно да се користат титули, а не Божјето име. Подоцна, Лутер го замолил својот соработник Јоханес Бугенхаген да направи превод на Лутеровата Библија на долногермански јазик кој се зборувал во северна Германија и јужна Данска. Во својот предговор за изданието од 1541 год. (првото издание излегло во 1533 год.), Бугенхаген неколкупати го спомнал Божјето име, вклучувајќи ја и изјавата: „Јехова е Божјето свето име“.

Во 1604 год., еден теолог по име Ханс Паулсен Резен разговарал со кралот Кристијан IV во врска со некои грешки во данскиот превод на Лутеровата Библија. Резен добил дозвола да изработи нов превод што ќе се темели на изворните текстови на хебрејски и грчки јазик. Во една белешка за 1. Мојсеева 2:4, Резен напишал дека „Јехова“ е „Севишниот, единствениот Господар“. *

Откако станало познато, Божјето име почнало да се појавува и на јавни места. На пример, во 1624 год., откако станал бискуп, Ханс Паулсен Резен наредил да се постави плоча во Црквата Бронсхој. Најгоре на плочата, со златни букви е напишано Божјето име, Јехова, на дански. Исто така, во многу од своите записи како бискуп, заедно со својот потпис Резен, ги вклучил и зборовите „Јехова гледа“.

Кон крајот на 18 век, германскиот превод на Библијата на Јохан Давид Микаелис бил издаден и на дански. И во оваа Библија Божјето име се наоѓа на многу места. Исто така, и во 19 век, библиските преведувачи Кристијан Калкар и други го ставиле Божјето име на повеќето места на кои се појавува во изворниот текст. Потоа, во 1985 год., Јеховините сведоци го издадоа Светото писмо — превод Нов свет на дански. Луѓето што ја сакаат Библијата беа одушевени кога видоа дека името Јехова верно е преведено повеќе од 7.000 пати.

Во една молитва, Исус Христос му рекол на Бог: „Го објавив твоето име“ (Јован 17:6). А во молитвата позната како Оче наш, Исус рекол: „Да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Како што покажува верската историја на Данска, голем број луѓе сериозно ги сфатиле овие зборови.

[Фусноти]

^ Овие четири знаци, наречени тетраграм, се согласки и се читаат оддесно налево. Обично се транскрибираат како ЈХВХ. Во древни времиња, читателот ги додавал самогласките, како што денес ги додаваме кога читаме скратеници.

^ Во изворниот текст на Библијата, Божјето лично име првпат се спомнува во 1. Мојсеева 2:4. Ова име, кое се појавува околу 7.000 пати во изворниот текст, значи „Оној што предизвикува да стане“ и покажува дека Јехова е оној чија намера секогаш се исполнува. Што и да каже, ќе се случи.

[Рамка/слика на страница 25]

ТИХО БРАХЕ И БОЖЈЕТО ИМЕ

Поради недоразбирањата со данското благородништво и со кралот Кристијан IV, познатиот дански астроном Тихо Брахе си заминал од својата родна земја во 1597 год. Во една проштална песна посветена на Данска, Брахе напишал на латински: „Туѓинци ќе бидат љубезни со мене — тоа е волјата на Јехова“.

[Слика на страници 24 и 25]

Капијата на Црквата на бродоградилиштето

[Слика на страници 24 и 25]

Кружната кула

[Слика на страница 25]

Ханс Паулсен Резен

[Слика на страница 25]

Јоханес Бугенхаген го користел Божјето име во предговорот на долногерманскиот превод на Лутеровата Библија, 1541

[Извор на слика на страница 25]

Ханс Паулсен Резен и Тихо Брахе: Kobberstiksamlingen, Det Kongelige Bibliotek, København