Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Здрави мајки, здрави бебиња

Здрави мајки, здрави бебиња

Здрави мајки, здрави бебиња

ЗАДОВОЛНО и здраво, тукушто роденото бебенце лежи во нежната прегратка на својата мајка. Гордиот татко блика од радост. Ваквата глетка се повторува милиони пати годишно низ целиот свет. Поради тоа, некој би можел да го смета нормалното породување за нешто само по себе разбирливо. Впрочем, тоа е нешто сосема природно — зошто би постоела причина за загриженост?

Се разбира, породувањата најчесто минуваат без проблеми, но не секогаш. Затоа е препорачливо идните родители да сторат сѐ што можат за да избегнат непотребни компликации. На пример, би можеле да дознаат што предизвикува проблеми при породувањето, да обезбедат добра здравствена грижа за време на бременоста и да преземат некои едноставни мерки за да ги намалат ризиците пред и за време на породувањето. Да ги разгледаме овие работи подетално.

Што предизвикува проблеми при породувањето

Проблеми при породувањето, и за мајката и за бебето, се јавуваат првенствено поради несоодветна грижа во текот на бременоста. Според д-р Чунг Кам-Лау, специјалист за педијатрија на одделението за неонатална интензивна нега во една болница во Хонг Конг, „кога не се вршат прегледи за време на бременоста, се зголемува ризикот од компликации“. Тој додава дека „повеќето трудници очекуваат да им се роди здраво и буцкасто бебе, но секогаш не испаѓа сѐ толку идеално“.

Во врска со компликациите кои го загрозуваат животот на мајката, медицинското списание Journal of the American Medical Women’s Association вели дека „директни причини за смртност на родилките“ најчесто се обилното крвавење, прекинот на трудовите, инфекциите и претерано високиот крвен притисок. Меѓутоа, постојат добри третмани и, во повеќето случаи, „за да се укаже квалитетна лекарска грижа... не е потребна скапа медицинска опрема“, додава истото списание.

Едноставните мерки за здравствена заштита можат да им помогнат и на многу бебиња. Списанието UN Chronicle известува дека „две третини од смртните случаи кај новороденчињата може да се спречат доколку сите мајки и новороденчиња добијат медицински третман кој е „добро познат, лесно достапен, изводлив и за кој не е потребна некаква сложена апаратура“. Но, за жал, премногу често мајките не се информирани и не одат на прегледи, известува Филипинската новинска агенција.

Најдобра грижа за време на бременоста

„Здравите мајки раѓаат здрави бебиња“, стои во списанието UN Chronicle. Понатаму се вели дека ако една жена во текот на целата бременост, при породувањето и по него не добива соодветна здравствена грижа, не ја добива ниту нејзиното бебе.

Во некои земји може да биде тешко една бремена жена да добие соодветна здравствена заштита, на пример, затоа што треба далеку да патува или не може да ги плати прегледите. Сепак, ако е воопшто можно, идната мајка треба да се потруди да добие барем некаква стручна медицинска нега. Ова е особено важно доколку една жена живее според учењата од Светото писмо, кое вели дека човечкиот живот, вклучувајќи го и животот на нероденото дете, е свет (2. Мојсеева 21:22, 23; * 5. Мојсеева 22:8).

Дали една бремена жена треба да оди на лекар секоја седмица за да добие соодветна медицинска нега? Не мора да значи. Во врска со некои вообичаени компликации во текот на бременоста и при породувањето, Светската здравствена организација (СЗО) „утврди дека жените што биле на лекар само четири пати за време на бременоста“ имале исто толку позитивни резултати „колку и оние што отишле на преглед 12 пати или повеќе“.

Што можат да сторат лекарите

Со цел да ги зголемат шансите за преживување на мајката и на нејзиното неродено дете, медицинските лица, а особено гинеколозите-акушери, ги преземаат следниве чекори:

◼ Ја разгледуваат медицинската историја на пациентката, вршат преглед за да утврдат дали постои некаков ризик и преземаат мерки да ги спречат можните компликации кај неа или кај бебето.

◼ Земаат крв и урина за да проверат дали постои анемија, инфекција, Rh-некомпатибилност или некои заболувања, како што се шеќерната болест, рубеолата, сексуално преносливите болести и бубрежните болести, кои можат да го покачат крвниот притисок.

◼ Кога е препорачливо и прифатливо за пациентката, можеби ќе предложат таа да се вакцинира, на пример, против грип, тетанус и Rh-некомпатибилност.

◼ Можеби ќе препорачаат да зема витамини, особено фолна киселина.

Ако утврдат дека кај една бремена жена постои некаков ризик и ако ги преземат потребните мерки на претпазливост — или, пак, ѝ помогнат таа самата да преземе такви мерки — лекарите ги зголемуваат шансите, на крајот, сѐ да биде во ред и со неа и со нејзиното бебе.

Помали ризици пред и за време на породувањето

„За една бремена жена најризичен е периодот пред и околу породувањето“, вели Џој Пумапи, поранешен заменик на генералниот директор на Одделот за семејно и општествено здравје при СЗО. Што може да се стори во овој критичен период за да се спречат сериозни проблеми, кои би можеле дури и да го загрозат животот на мајката и бебето? Всушност, мерките се едноставни, но мора да се преземат навреме. * Ова е особено важно за оние што одбиваат трансфузија на крв од библиски причини, како и за оние што не сакаат да примат крв за да ги избегнат ризиците по здравјето (Дела 15:20, 28, 29).

Секоја таква пациентка треба да стори сѐ што е во нејзина моќ за да најде медицинско лице што ќе ѝ помага при породувањето, кое ќе има познавања и искуство во користењето на алтернативи за трансфузија на крв. Исто така, би било добро идните родители да бидат сигурни дека болницата или породилното одделение е спремно да ги почитува нивните барања. * Следниве две прашања можат да бидат од голема помош. Прашајте го лекарот: 1) Што ќе направите доколку мајката или бебето изгубат многу крв или ако настанат други компликации? 2) Што може да се направи за да бидат почитувани нашите желби доколку Вие не сте тука кога ќе започне породувањето?

Мудро е трудницата редовно да си ја проверува крвта за крвната слика да ѝ биде што е можно подобра пред да се породи. За да ѝ помогне во тоа, лекарот можеби ќе ѝ препорача да зема фолна киселина и други витамини од Б-групата, како и препарати на железо.

Лекарот ќе земе предвид уште неколку фактори. На пример, при прегледите за време на бременоста, дали забележал кај пациентката некакви здравствени проблеми на кои треба да им се обрне внимание? Дали идната мајка треба помалку да биде на нозе? Дали треба повеќе да се одмора? Дали би било добро малку да се поправи, или да изгуби некој килограм, или, пак, да вежба повеќе? И дали треба да обрне поголемо внимание на телесната хигиена, во која спаѓа и хигиената на устата?

Студиите покажуваат дека болестите на непцата кај бремените жени се поврзани со зголемен ризик од прееклампсија, сериозна компликација која се карактеризира, меѓу другото, со ненадејно зголемување на крвниот притисок, силни главоболки и отоци поради претерано задржување на течностите во ткивата. * Прееклампсијата може да води до предвремено породување и е една од најчестите причини за смрт кај бебето и кај мајката, особено во земјите во развој.

Ако забележи некаков знак на инфекција кај идната мајка, совесниот лекар сигурно ќе му обрне внимание. И ако таа добие предвремени трудови, ќе ѝ препорача веднаш да појде в болница, што може за неа да значи живот.

„Жените си го ризикуваат животот за да донесат на свет нов живот“ вели д-р Квази Монирул Ислам, директор на Одделот за побезбедна бременост при СЗО. Но, добрата здравствена грижа за време на бременоста, при породувањето и веднаш по него може да спречи голем број компликации, па дури и смрт. Се разбира, најважно е да се грижиш за своето здравје. Ако сакаш да имаш здраво бебе, мораш да дадеш сѐ од себе за да бидеш здрава мајка.

[Фусноти]

^ Оригиналниот хебрејски текст укажува на смртта на мајката или на нероденото дете.

^ Брачните парови кои се Јеховини сведоци можат, пред да се роди детето, да се консултираат со локалниот Одбор за контактирање со болници за Јеховини сведоци (ОКБ). Членовите на Одборот посетуваат болници и лекари и им даваат медицински информации за бескрвно лекување на пациенти кои се Сведоци. Освен тоа, ОКБ може да помогне да се најде лекар кој ќе ги почитува верувањата на пациентката и кој има искуство со бескрвни медицински третмани.

^ Иако е потребно да се спроведат повеќе истражувања за да се дознае дали болестите на непцата го зголемуваат ризикот од прееклампсија, секогаш е корисно да се води грижа за здравјето на непцата и забите.

[Истакната мисла на страница 27]

Според статистиките објавени во октомври 2007, речиси секоја минута умира по една жена — 536.000 годишно — поради проблеми поврзани со бременоста (Фонд за население при ОН)

[Истакната мисла на страница 28]

„Секоја година се раѓаат 3,3 милиони мртвороденчиња, а повеќе од 4 милиони новороденчиња умираат пред да наполнат четири недели“ (UN Chronicle)

[Рамка на страница 29]

 ПОДГОТОВКИ ЗА ВРЕМЕ НА БРЕМЕНОСТА

1. Пред да избереш болница, гинеколог или гинеколог-акушер, добро информирај се и распрашај се.

2. Редовно оди на преглед кај својот лекар или кај гинекологот-акушер и труди се да стекнеш доверба и слобода да зборуваш со него.

3. Води грижа за своето здравје. Ако е можно, земај соодветни витамини, но не земај лекови (дури ни такви што се купуваат без рецепт), освен ако твојот лекар ти дозволи. Мудро е воопшто да не пиеш алкохол. „Иако на најголем ризик се изложени бебињата чии мајки пијат многу алкохол, сѐ уште не се знае која е најмалата количина алкохол која нема штетно да влијае на бременоста“, вели Американскиот институт за алкохолизам и злоупотреба на алкохол.

4. Ако добиеш предвремени трудови (пред 37-та недела од бременоста), веднаш јави се кај својот лекар или во породилното. Така би можеле да се спречат предвременото породување и компликациите. *

5. Личните одлуки во врска со здравствената грижа треба да ти бидат во писмена форма. На пример, за многу трудници било од помош тоа што навреме си пополниле ТП (трајно полномоштво) картичка. Информирај се какви документи се потребни и што е законски прифатливо во твојата земја.

6. Откако ќе се породиш, не занемарувај го своето здравје и здравјето на своето бебе, особено ако се родило предвреме. Доколку забележиш некаков проблем, веднаш јави се на педијатар.

[Фуснота]

^ Трансфузија на крв им се дава на анемичните недоносчиња, чии органи не можат да создадат доволно црвени крвни зрнца.