„Изгубениот свет“ на Боливија
„Изгубениот свет“ на Боливија
ВО 1906 год., претседателот на Британското кралско географско друштво разговарал со полковникот Перси Харисон Фосет во врска со огромниот економски потенцијал на Јужна Америка. Пред него ставил карта и му рекол: „Погледни ја оваа област! Големите празнини покажуваат колку малку се знае за неа“. Потоа му ја понудил на полковникот задачата да го истражи овој регион. Фосет ја прифатил.
Во своите дневници, Фосет ги опишал густите шуми на падините на она што сега е познато како висорамнината Хуанчака во Боливија. Оваа област ја нарекол „изгубениот свет“. * Се вели дека белешките и фотографиите на Фосет му послужиле како инспирација на познатиот британски писател Сер Артур Конан Дојл да го напише романот Изгубениот свет (The Lost World), во кој се зборува за еден митски свет на „луѓе-мајмуни“ и за страшни диносауруси кои наводно преживеале сѐ до нашево време. Денес, во овој релативно недопрен дел од Амазонија се наоѓа националниот парк „Ноел Кемпф Меркадо“, кој во 2000 год. беше прогласен за дел од светското наследство. *
Овој парк на крајниот североисточен дел од Боливија, кој се протега покрај границата со Бразил, претставува речиси недопрена дивина што зафаќа површина поголема од 15.000 квадратни километри. Во него има пет екосистеми: планинска зимзелена шума, листопадна шума, планинска сушна савана, мочурливи савани и мочурливи шуми. Самата висорамнина Хуанчака претставува шкарпа на песочник со површина од околу 5.180 квадратни километри, која се издигнува 550 метри над околната рамнина. Таа личи на ’рбет, кој се протега во должина од 150 километри, паралелно со источната граница на паркот. Бројните реки кои се слеваат низ висорамнината и низ околната рамнина формираат околу 20 водопади, меѓу кои се Салто Сусана, Арко Ирис, Федерико Алфелд, Кемелас и Ел Енканто.
Како започна нашата авантура
Овој парк, кој на некој начин е заштитен поради својата изолираност, е вистински магнет за еко-туристи. Многумина од нив доаѓаат со авион од Санта Круз (Централна Боливија). Бидејќи решивме да го поминеме овој пат од 700 километри со возило, можевме одблиску да се запознаеме со природните убавини на Боливија. На едно место, пред нас видовме нешто што личеше на облак од разнобојни листови разлетани над патот. На крајот излезе дека овие „листови“ се, всушност, пеперутки. Исто така, забележавме дека не сме единствените што ги набљудуваат. Цела војска гуштери потскокнуваа наоколу насладувајќи се со овие несреќни жртви.
Кога пристигнавме во националниот парк, во селото Ла Флорида на бреговите на реката Парагуа, го запознавме нашиот водич по име Гидо. Гидо нѐ префрли нас и нашето возило од другата страна на реката со понтонски чамец, а оттаму возевме кратко до кампот „Лос Фјерос“. По патот забележавме лисица и ноќна ластовица — прекрасна птица која брзо прелета пред нас.
Откако преспавме таа вечер, нѐ разбуди бучна песна на птици. Четири сино-жолти
ара папагали, застанати високо на едно дрво до куќичката во која бевме сместени, како да ни велеа: „Добредојдовте во нашиот дом!“ Овој прекрасен почеток на нашиот прв ден во паркот ни покажа дека нѐ чека вистинска авантура.Богата флора и фауна
Во националниот парк „Ноел Кемпф Меркадо“ има повеќе од 600 видови птици, 139 видови цицачи (повеќе отколку во цела Северна Америка), 74 видови влекачи и можеби околу 3.000 различни видови пеперутки, а да не ги спомнуваме и другите видови инсекти. Кога станува збор за птиците, има повеќе од 20 видови папагали, како и орелот харпија, хоацинот и тропската птица-пејачка Antilophia galeata. Ник Ачесон, еден тамошен познавач на птици кој се залага за заштита на природните богатства, ни кажа дека „ретките видови, како тропските птици-пејачки Euscarthmus rufomarginatus и Sporophila nigrorufa привлекуваат многу набљудувачи на птици од целиот свет“.
Некои од овдешните цицачи се: џиновските мравојади, гривестите волци, јагуарите, дивите свињи, тапирите, пампаските елени и многу други. Бројните реки во и околу паркот исто така изобилуваат со жив свет. Тие се живеалиште на 62 вида водоземци и 254 видови риби, како и алигатори, големи видри, водени прасиња и прекрасни делфини бото. Паркот е вистински рај за љубителите на природата!
Поради присуството на дивите мачки, многу посетители на Амазонија се загрижени за својата безбедност, а и ние не бевме исклучок. Управникот на кампот „Лос Фјерос“ ни раскажа како си поминал првата вечер во паркот. „Се разбудив на полноќ и имав чудно чувство дека некој ме гледа“, вели тој. „Кога погледнав низ прозорецот од мојата куќичка, се најдов очи в очи со еден јагуар. Нѐ делеше само една мрежа за инсекти. Преплашен, се заклучив во бањата и останав таму додека не се раздени.“ Неговата приказна нѐ загрижи уште повеќе!
Но, потоа тој ни го кажа следново: „По кратко време дознав дека оваа љубопитна женка честопати навраќа ноќе и дека не е опасна. Всушност, кога е жешко, јагуарите многупати влегуваат во кампот и лежат на студените плочки пред куќарките. Сигурно ќе се согласите дека тоа не е пријатно изненадување за оние што првпат ќе дојдат тука! Порано, со нас секогаш си носевме и пушка, особено кога водевме ноќни тури, но повеќе не го правиме тоа. Не се сменија животните, туку нашиот став кон нив“. Меѓутоа, тој нѐ предупреди дека кон сите диви животни треба да се однесуваме со почит.
Прошетка до водопадите Ел Енканто
Голема атракција во овој парк се неговите бројни водопади. Рано наутро, предводени од Гидо, тргнавме на прошетка до водопадите Ел Енканто кои паѓаат од висорамнината Хуанчака и се високи 80 метри. Во една шума низ која пешачевме 6 километри, нѐ поздравија пајак-мајмуни и мајмуни врескачи кои стоеја на гранките над нас. И двата вида носат соодветно име — пајак-мајмун поради неговите долги екстремитети, а мајмун врескач бидејќи неговите гласни извици може да се
чујат и на оддалеченост од 3 километри! Потоа, во потрага по својот појадок, пред нас јурна една шумска кокошка, која личи на мисирка. Гидо ни го сврте вниманието на стапките покрај еден поток во близината. Неговото вешто око можеше да препознае дека тоа се стапки на два различни вида елени, како и на тапир, јагуар и пума. Сфативме дека секакви животинки нѐ набљудуваат од своите скривалишта и дека ова место врие од живот и дење и ноќе.Густите лисја им овозможуваат на овие претпазливи суштества лесно да се скријат. Бујната и разновидна вегетација во овој парк се должи на неколкуте екосистеми. Се проценува дека во оваа област има 4.000 видови растенија, меѓу кои и преку 100 видови орхидеи, многу видови дрвја, папрати, бромелии и ползавци. Можевме да уживаме во боите и мирисите што нѐ опкружуваа додека се насладувавме со вкусните плодови покрај патот, како што се плодовите од дрвото Hancornia speciosa и од ползавецот пасифлора.
Најпосле, додека го преминувавме потокот, во далечината се слушаше шум од водопад, кој стануваше сѐ погласен со секој наш чекор. Одеднаш, излеговме на една чистинка, а пред нас се издигаше величествениот водопад Ел Енканто, чија вода се распрснуваше на милијарди ситни капки. Карпите околу кристално бистриот вир ги красеа папрати и бромелии. „Кога времето е жешко“, рече Гидо, „мајмуните слегуваат да се разладат во водата.“ Следејќи го нивниот пример, се разладивме и ние уживајќи во спокојот на ова прекрасно место и во пријатниот звук на водата што паѓаше.
Ноел Кемпф Меркадо и развојот на еколошката свест
Екологот Ноел Кемпф Меркадо почина во 1986 год. Меѓутоа, неговата борба за заштита на овој дел од Боливија сѐ уште трае. Во 1996 год., владите на Боливија и на САД склучија договор за заштита на 880.000 хектари дождовна шума. Тие унапредуваат политика на одржлив развој во обид во другите делови од светот да ја намалат емисијата на гасови кои создаваат ефект на стаклена градина. Следната година, владата на Боливија и три енергетски компании започнаа со реализација на проектот за заштита на климата „Ноел Кемпф“. Меѓу другото, од тоа произлезе забрана за сечење на 880.000 хектари шума. Потоа, оваа област беше припоена кон паркот, со што неговата површина двојно се зголеми.
Со посетата на ова величествено место порасна нашето ценење за Творецот, како и за убавината и разноликоста на живиот свет на нашата планета. Во Псалм 104:24 се вели: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“. Додека шетавме по патеките на овој недопрен „изгубен свет“, речиси инстинктивно ни се јави желба да газиме нежно, да уживаме во убавината и со нас да не понесеме ништо друго освен сликите во апаратот и сеќавањата во нашето срце.
[Фусноти]
^ Во мај 1925 год., Фосет во писмо ѝ опишал на својата сопруга како му оди експедицијата. Тоа било последното писмо што го испратил, и оттогаш му се изгубила секаква трага.
^ Првобитното име на овој национален парк, основан во 1979 год., беше Хуанчака. Новото име му беше дадено во 1988 год. во чест на боливискиот биолог Ноел Кемпф Меркадо, кој е убиен на оваа висорамнина од страна на трговци со дрога, откако налетал на нелегална лабораторија за производство на кокаин.
[Слика на страница 16]
Виолетова и црвена орхидеја
[Слика на страници 16 и 17]
Водопадите Алфелд во националниот парк
[Слика на страница 17]
Папагали ара
[Слика на страница 17]
Водопадите Ел Енканто
[Извор на слика на страница 15]
Фотографија од авион: ® 2004 Hermes Justiniano/BoliviaNature.com
[Извор на слика на страница 17]
Орхидеја, водопадите Алфелд и папагали ара: ® 2004 Hermes Justiniano/BoliviaNature.com