Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можно ли е да ги сакаш непријателите?

Можно ли е да ги сакаш непријателите?

Што вели Библијата

Можно ли е да ги сакаш непријателите?

„Јас ви велам“, рекол Исус Христос, „сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:44, 45)

СПОРЕД ТЕБЕ, дали религијата шири љубов и мир или, пак, омраза и насилство? За многумина, таа врши негативно влијание, особено во комбинација со политиката, етничката гордост или национализмот. Меѓутоа, како што може да се види од Исусовите зборови, вистинските ‚Божји синови‘ го следат примерот на Бог во поглед на љубовта — тие ги сакаат дури и своите непријатели.

Еден друг Божји слуга рекол: „Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го... Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Римјаните 12:20, 21). Но, дали такво нешто е можно во овој разединет свет? Јеховините сведоци се уверени дека е можно. Разгледај го примерот на Исус и на неговите први следбеници.

Тие ги сакале своите непријатели

Исус им ја пренесувал на луѓето вистината за Бог, и многумина со задоволство го слушале. Други, пак, му се противеле. Некои од нив го правеле тоа од неинформираност (Јован 7:12, 13; Дела 2:36-38; 3:15, 17). Сепак, Исус продолжил да им ја пренесува оваа животоспасувачка порака на сите, вклучувајќи ги и неговите непријатели (Марко 12:13-34). Зошто? Тој бил свесен дека некои ќе се сменат, ќе го признаат како Месија и ќе почнат да живеат според духовните вистини од Божјата реч (Јован 7:1, 37-46; 17:17).

Дури и ноќта кога една група вооружени противници неправедно го уапсиле, Исус покажал љубов кон своите непријатели. На пример, излечил еден од луѓето што дошле да го одведат откако апостол Петар го нападнал со меч. Во тој момент Исус дал едно важно начело по кое неговите вистински следбеници се водат до ден-денес. Тој рекол: „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:48-52; Јован 18:10, 11). Триесетина години подоцна, Петар напишал: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки... Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на [Бог]“ (1. Петрово 2:21, 23). Очигледно, Петар научил дека вистинските Христови следбеници треба да покажат љубов кон другите, а не да им се одмаздуваат (Матеј 5:9).

Сите што ‚во сѐ одат по Исусовите стапки‘, покажуваат љубов и милост како неговата. „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите,.. да се совладува кога трпи зло“ (2. Тимотеј 2:24). Овие особини се гледаат кога живееме како христијани, т.е. кога се трудиме да останеме во мир со другите и да им простуваме.

Мирољубиви ‚пратеници на Христос‘

Апостол Павле им го напишал следново на своите соверници: „Значи, ние сме пратеници кои го застапуваат Христос... Како Христови застапници молиме: ‚Помирете се со Бог!‘“ (2. Коринќаните 5:20). Пратениците, како што се амбасадорите, не се мешаат во внатрешната политика и во воените прашања на земјата во која служат, туку остануваат неутрални. Нивна задача е да ја застапуваат владата која ги испратила.

Истото може да се каже и за Христовите пратеници и нивните соработници. Тие го сметаат Исус за свој Цар и го застапуваат неговото Царство објавувајќи ја добрата вест на мирољубив начин (Матеј 24:14; Јован 18:36). На христијаните од негово време, Павле им напишал: „Не војуваме според склоностите на телото. Зашто, оружјето на нашето војување не е телесно, туку има голема сила од Бог за уривање на... погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог“ (2. Коринќаните 10:3-5; Ефешаните 6:13-20).

Во времето кога Павле го запишал ова, христијаните биле прогонувани во многу земји. Се разбира, тие можеле да возвратат на овој напад. Наместо тоа, продолжиле да ги сакаат непријателите и да им ја пренесуваат пораката за помирување на сите што сакале да ја чујат. Една енциклопедија вели: „Првите следбеници на Исус одбивале да војуваат и да служат војска“. За нив тоа било „неспоиво со Исусовите принципи на љубовта и со заповедта да ги сакаат непријателите“ (Encyclopedia of Religion and War). *

Исто како првите христијани, Јеховините сведоци го признаваат Исус за свој Цар. Тие го признаваат и како Цар на Божјето Царство — небесна влада која наскоро ќе донесе траен мир и сигурност на Земјата (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10). Затоа, како претставници на ова Царство, тие им кажуваат на другите колку извонредно е тоа. А во меѓувреме се трудат да бидат примерни граѓани онаму каде што живеат со тоа што ги плаќаат своите даноци и ги држат сите закони што не се косат со Божјиот закон (Дела 5:29; Римјаните 13:1, 7).

Но, за жал, исто како и првите христијани, Сведоците понекогаш се погрешно разбрани, оцрнувани и прогонувани. Па сепак, никогаш не враќаат со лошо, туку даваат сѐ од себе да бидат „во мир со сите луѓе“, со надеж дека некои противници ‚ќе се помират со Бог‘, што за нив ќе значи вечен живот * (Римјаните 12:18; Јован 17:3).

[Фусноти]

^ „Христијанските писатели пред времето на Константин [римски цар од 306 до 337 год. од н.е.] го осудувале убивањето во војна“, вели истата енциклопедија. Ваквиот став се сменил со ширењето на отпадништвото проречено во Библијата (Дела 20:29, 30; 1. Тимотеј 4:1).

^ Исто како и првите христијани, Јеховините сведоци ја бранат својата религиозна слобода по правен пат секогаш кога тоа е неопходно (Дела 25:11; Филипјаните 1:7).

ШТО МИСЛИШ?

◼ Како треба христијаните да постапуваат со своите непријатели? (Матеј 5:43-45; Римјаните 12:20, 21)

◼ Како реагирал Исус кога бил прогонуван? (1. Петрово 2:21, 23)

◼ Зошто првите христијани не учествувале во војни? (2. Коринќаните 5:20; 10:3-5)