Од „незабележлива“ служба во света служба
Од „незабележлива“ служба во света служба
Раскажал Ендру Хог
„Ако некогаш мораме да ги лансираме нуклеарните проектили, нашата мисија би била неуспешна“, рече командантот на нашата подморница. По таа изјава следеше жива дискусија за тоа колку е исправно да се користи нуклеарно оружје. Но, како воопшто дојде до тоа да служам на подморница — служба позната како „незабележлива“ бидејќи се трудевме да останеме незабележани?
РОДЕН сум во Филаделфија (Пенсилванија, САД) во 1944 год. Додека растев, татко ми, дедо ми и вујко ми, кои беа воени лица и оваа служба ја сметаа за највисока животна цел, извршија големо влијание врз мене. Како дете, додека се шетав околу блиското воено бродоградилиште, за првпат видов подморница. Од тој момент, моја цел беше да служам на подморница. Во текот на мојата последна година од средното образование, бев примен на Американската поморска академија. Дипломирав четири години подоцна, во јуни 1966 год.
Бев вклучен во поморската програма за усовршување на нуклеарни подморници, каде што добив обука за нуклеарно инженерство и управување со подморница. Потоа, во април 1967 год., се оженив за Мери Ли Картер, која ми е драга сопатничка до ден-денес. Најпосле, во март 1968 год., се исполнија моите соништа од детството кога за првпат бев доделен да служам на пловило — подморницата УСС Џек. Околу една година подоцна, Мери Ли го донесе на свет првото од нашите две деца — ќерката Алисон.
Во 1971 год., бев назначен за наутички инженер на УСС Ендру Џексон, чиј капетан ја даде изјавата што ја цитирав на почетокот. Додека бевме во оваа подморница со балистички проектили, изби пожар — најголем кошмар за секој што би се нашол во еден ваков пловен објект. Кратко по полноќ, додека се одморав заедно со уште неколку други офицери, почувствувавме удар. Во тој момент се вклучи главниот аларм и се огласи известување: „Пожар во првото машинско одделение!“
Бидејќи бев одговорен за речиси сите механички и електрични системи, се стрчав кон задниот дел на подморницата за да испитам што се случило. Во еден од генераторите за кислород, кој помагаше да има воздух за дишење, беше избил пожар. Четворица од нас набрзина си ставивме маски за дишење и ги отстранивме сите запаливи гасови од таа просторија. За среќа, никој не беше повреден. И покрај оваа незгода, можевме да продолжиме со нашата задача, што покажа колку добро беше обучен екипажот.
Решив да прочитам нешто за еден миротворец
За да се бориме со стресот од нашата работа, бевме поттикнати да одвоиме по неколку часа секоја седмица за да прочитаме нешто поучно. Обично читав биографии на познати воени лица. Но, овој пат одлучив да прочитам нешто за една личност позната како миротворец — Исус Христос. Почнав да ги читам евангелијата во Библијата што ја добив кога дипломирав на поморската академија.
Но, наместо да најдам одговор на прашањата што ги имав, ми се поставија нови прашања. Ми требаше помош.При крајот на нашата патрола, командантот ги свика сите офицери и објави: „Господа, нашиот инженер тукушто го доби најдоброто работно место во Американската морнарица. Назначен е за наутички инженер на првиот пловен објект од најновиот тип подморници за напад“. Не можев да си поверувам на ушите!
Поради новата работна задача, го преселив семејството во Њупорт Њуз (Вирџинија), каде што се градеше УСС Лос Анџелес. Бев задолжен да го надгледувам испитувањето на машинските системи и подготовката на технички прирачници и програма за обука. Уживав во работата, иако беше многу сложена. Во меѓувреме, Мери Ли го роди нашиот син, Дру. Сега бев татко на две деца, и повторно почнав да размислувам за Бог: ‚Што мисли тој за војните? Што ни се случува кога ќе умреме? Постои ли пекол?‘
Најпосле добив одговор!
Некаде во тоа време, мојата сопруга се поврза со две жени кои беа Јеховини сведоци. Во една прилика ѝ се јавив од бродоградилиштето и таа ми рече: „Дојдоа две жени што зборуваат за Библијата“.
„Од која црква се?“ — ја прашав.
„Јеховини сведоци“, одговори таа.
Немав поим кои се Јеховините сведоци, но сакав да ја разберам Библијата. „Покани ги да дојдат некоја вечер“, ѝ реков. Кратко потоа, една од жените повторно нѐ посети со нејзиниот сопруг, па така, и јас и жена ми почнавме да ја проучуваме Библијата.
Конечно, добив одговор на прашањата што со години ме мачеа. На пример, дознав дека мртвите „не се свесни за ништо“ и дека нивната состојба може да се спореди со сон, како што рекол и Исус (Проповедник 9:5; Јован 11:11-14). Според тоа, мртвите не се ниту во некоја блажена состојба ниту се мачат, туку „спијат“ во смртен сон и чекаат да бидат воскреснати.
Јас и Мери Ли почнавме да одиме и на христијанските состаноци во блиската Сала на Царството. Таму видовме Сведоци од различни култури и етнички групи и со различно ниво на образование, кои заедно му служат на Бог во мир и единство. „Библијата навистина може да им го подобри животот на луѓето“, заклучивме јас и жена ми (Псалм 19:7-10).
Моравме да се решиме
Кога изби Арапско-израелската војна во 1973 год., атлантската флота од американски Матеј 6:9, 10). Но, сега знаев дека Божјето Царство е небесна влада која наскоро ќе завладее со целиот свет и ќе ги отстрани сите злосторници и сето зло (Даниел 2:44; 7:13, 14).
подморници требаше да се размести. Ситуацијата можеше многу лесно да се влоши, и тоа ми помогна да сфатам дека само Божјето Царство, а не човечката политика, може да воспостави вистински и траен мир. Честопати се молев: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја“, без да знам што значи тоа (Посебно ме замисли она што го прочитав во 2. Коринќаните 10:3, 4, каде што се вели дека вистинските христијани ‚не војуваат според склоностите на телото. Зашто, оружјето на нашето војување не е телесно, туку има голема сила од Бог‘. Дознав дека со тоа се укажува на духовно „оружје“ во кое спаѓа и „мечот на духот“, односно Светото писмо (Ефешаните 6:17).
Морав да се решам дали ќе продолжам со мојата кариера, која ми носеше задоволство иако беше тешка, или ќе живеам во склад со библиската вистина. Откако се молев за тоа, заклучив дека, ако сум вистински миротворец, треба да се борам за мир онака како што сака Бог.
Мојот нов „врховен командант“
Јас и Мери Ли се молевме, разговаравме што да правиме и решивме да му служиме на единствениот вистински „врховен командант“ — Јехова Бог. И двајцата одлучивме да му го заветуваме својот живот на Јехова, и затоа поднесов барање да ја напуштам морнарицата. Потоа бев префрлен во Норфок (Вирџинија), каде што чекав да добијам дозвола за напуштање на воената служба. Повеќето други офицери не можеа да го разберат ова, а имаше и такви кои се противеа на мојата одлука. Но, некои од нив беа навистина заинтересирани за библискиот став што го имав и го почитуваа.
Дозволата да ја напуштам морнарицата ја добив во 1974 год. Истата година, јас и жена ми се крстивме во вода како симбол на нашиот завет пред Јехова Бог на Обласниот собир на Јеховините сведоци во Хемптон (Вирџинија), со тема „Божјата намера“ (Матеј 28:19, 20). Оттогаш почнавме нов живот.
Нови предизвици
Децата ни беа мали, немавме никаков приход, а од парите што ги имавме можевме да живееме уште само неколку месеци. Конкурирав на повеќе работни места со целосна доверба дека Бог ќе се грижи за нас. За кратко време, едно претпријатие ми понуди работа. Платата беше двојно помала отколку во морнарицата, но не морав да се селам на друго место.
Како што напредувавме духовно, јас и жена ми сакавме да правиме повеќе во Јеховината служба. Едно семејство Сведоци, со кое се знаевме и кое се пресели во централниот дел на Вирџинија каде што имаше поголема потреба од лица што ги поучуваат другите за Библијата, нѐ покани на гости. Уште првиот пат кога ги посетивме, почнавме да кроиме планови како да се преселиме и ние. Поднесов молба за преместување и, на моја голема радост, молбата беше усвоена. Всушност, на крајот испадна дека сум добил унапредување! Освен тоа, фирмата во која работев ни ги покри сите трошоци околу преселбата. Си помисливме: „Бог навистина се грижи за оние што се трудат да ја вршат неговата волја“ (Матеј 6:33).
Бидејќи живеевме релативно скромно, јас и Мери Ли можевме да служиме полновремено. Ова, пак, ни овозможи да минуваме многу време со нашите прекрасни деца додека растеа. Тоа ни донесе неизмерна радост, бидејќи сега и Алисон и Дру „живеат според вистината“ (3. Јованово 4; Изреки 23:24).
Точно е дека имавме периоди кога финансиските, станбените, здравствените тешкотии, па дури и стареењето ни создаваа големи грижи. Но, Јехова секогаш беше со нас. Дали жалам што ја напуштив мојата „незабележлива“ служба? Ни најмалку! Кога размислуваме за минатото, јас и Мери Ли можеме без трошка сомнеж да кажеме дека службата за Јехова е највисоката животна цел (Проповедник 12:13).
[Истакната мисла на страница 14]
Решивме да му служиме на единствениот вистински „врховен командант“
[Слика на страници 12 и 13]
УСС Лос Анџелес
[Извор на слика]
Фотографија од U.S. Navy
[Слика на страница 13]
Со Мери Ли денес