Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители — поучете ги своите деца

Родители — поучете ги своите деца

Родители — поучете ги своите деца

„Порано, единствена грижа ни беше децата да не гледаат премногу телевизија. Сега има видеоигри, компјутери и мобилни телефони. Тоа е премногу за децата, и кај нив создава еден вид зависност... Нивниот мозок е постојано преплавен со аудио и визуелни стимулации, на кои толку се навикнуваат што, кога не се изложени на нив, не знаат што да прават“ (д-р Мали Ман)

БЛАГОДАРЕНИЕ на напредокот во комуникациската технологија и Интернетот, светот денес стана едно „глобално село“. За младите е незамисливо да излезат од дома без својот MP3-плеер или без мобилниот телефон. А, бидејќи овие и слични уреди стануваат сѐ помоќни, посестрани и поевтини, напливот од електронски уреди може само да се зголеми, така што на родителите ќе им биде уште потешко да ги надгледуваат, да ги воспитуваат и да ги поучуваат своите деца.

Но, две важни работи ќе им помогнат на родителите успешно да ја извршуваат својата задача. Прво: да бидат свесни за вистинитоста на зборовите од Библијата запишани во Изреки 22:15: „Глупоста е приврзана за срцето на детето; прачката на поуката ја отстранува од него“. Второ: да имаат на ум дека технологијата влијае врз децата или позитивно или негативно, и дека треба да се трудат да го искористат позитивното влијание.

Почни рано!

Во многу домови, првиот контакт на детето со технологијата е телевизорот. Всушност, честопати тој му станува бебиситер. Но, некои експерти на полето на менталното здравје сметаат дека, ако децата почнат од прерана возраст да гледаат премногу телевизија, може да се случи да изгубат интерес за физичка активност, да не прават разлика меѓу реалност и фикција, да имаат емоционални проблеми, а подоцна да не внимаваат додека се на училиште. Д-р Мали Ман вели дека кај некои деца дури може „да биде поставена погрешна дијагноза дека страдаат од нарушено внимание со или без хиперактивност [ADD] или од хиперкинетски синдром [ADHD], па дури и од биполарно растројство“. Затоа, некои стручњаци препорачуваат децата помали од две години да не гледаат телевизија.

„Во првите две години од животот на едно дете се одвива најважниот процес — се оформува длабока врска меѓу него и родителите“, вели портпаролот на Американската академија на педијатри, д-р Кенет Гинсбург. Оваа врска настанува кога родителите разговараат и си играат со своите деца и кога им читаат. А, како што знаат многу родители, децата на кои редовно им се чита развиваат љубов кон читањето, што е многу корисна навика.

Факт е дека познавањето на компјутери и на слични технолошки уреди може да биде важно, па дури и неопходно за милиони деца. Но, ако забележиш дека твоите деца стануваат претерано зафатени со компјутери, видеоигри, Интернет и слично, мудро би било да им ги прошириш видиците. Како? Би можел да ги поттикнеш да научат да изработуваат нешто или да свират на некој инструмент — нешто поинакво, нешто корисно, интересно и возбудливо.

Ако добро се избере некоја активност, тоа може да биде повеќе отколку само освежувачка разонода. Може да му помогне на детето да стекне стрпливост, упорност, самоконтрола и креативност — работи што се многу важни за да се успее во животот во кој до решенијата за проблемите не се доаѓа само со едно кликнување на глувчето.

На децата им треба ‚мудрост и способност за расудување‘

Во Библијата, и возрасните и децата се поттикнати да го користат својот разум, односно да ја развиваат својата ‚способност за расудување‘ (Римјаните 12:1; Изреки 1:8, 9; 3:21). Тоа ни помага да разликуваме не само што е исправно, а што погрешно, туку и што е мудро, а што немудро. Еве еден пример: Не е незаконски со часови да се играат компјутерски игри или да се гледа телевизија, но дали е мудро? Не е незаконски да се купат најновите електронски уреди, но дали е мудро? Како би можел да им помогнеш на своите деца да бидат разумни во поглед на технологијата?

Објасни им ги опасностите. Кога станува збор за технологијата и Интернетот, децата можеби брзо учат, но, бидејќи немаат мудрост и искуство, обично се многу наивни. Затоа, покажи им од кои опасности мора да се чуваат и како да го прават тоа. Да ги земеме за пример популарните социјални мрежи, односно мрежи на пријатели. Таквите сајтови им овозможуваат на младите да си направат свој профил и да запознаваат други млади луѓе, но во исто време тие сајтови се и еден вид „панаѓур“ за сексуалните напасници и за други луѓе со задни намери * (1. Коринќаните 15:33). Затоа, мудрите родители ги поттикнуваат своите деца да не откриваат лични работи на Интернет. *

Се разбира, децата имаат право на приватност која одговара на нивната зрелост. Но, како родител, ти имаш авторитет што ти е даден од Бог, како и одговорност да ги воспитуваш и да ги надгледуваш своите деца (Изреки 22:6; Ефешаните 6:4). Се надеваме дека твојата грижа нема да биде сфатена како непотребно мешање, туку како израз на твојата несебична љубов.

„Но“, можеби ќе речеш, „како да им помогнам на децата ако не се разбирам од уредите што ги користат?“ Тогаш е добро да ги научиш барем основните работи. Мелба, која има преку 90 години, не пипнала компјутер сѐ до своите 80-ти години. „Кога првпат пробав да го користам тоа чудо“, вели таа, „ми дојде да го фрлам низ прозорец. Но, за два-три месеци го поднаучив, и сега лесно се снаоѓам со имејл и со некои други функции.“

Постави разумни ограничувања. Ако детето со часови се затвора во својата соба за да гледа телевизија, да сурфа на Интернет или да игра компјутерски игри, би можел дома да одредиш време и места на кои не смее да се користи технологијата. Тоа може да му помогне на твојот син или на твојата ќерка да научи колку е мудро да се следи библиското начело: „Сѐ си има свое време“. Со други зборови: има време за семејството, време за пријателите, време за училишните задачи, време за јадење, време за вежбање итн. (Проповедник 3:1). Разумните правила, за кои сите се држат доследно, го прават семејството поцврсто и им помагаат на децата да стекнат убави манири, да станат обѕирни кон другите и да бидат друштвени.

Во последната статија на оваа тема, ќе разгледаме некои начела што можат да ни помогнат на сите нас — и возрасни и деца — да ја користиме технологијата обѕирно и во разумна мера.

[Фусноти]

^ На родителите од голема помош ќе им биде статијата „Децата и Интернетот — што треба да знаат родителите?“, во Разбудете се! од октомври 2008. Во броевите од март и декември 2007 и јануари 2008 има поучни статии за порнографијата, видеоигрите и Интернетот.

^ Некои тинејџери ги користат мобилните телефони и за да им испраќаат на своите пријатели слики на кои се разголени. Ова не само што е расипано туку е и глупаво зашто, сеедно кои се намерите на испраќачот, сликите честопати им се препраќаат на други.

[Слика на страница 7]

На децата им требаат различни активности што ќе им ги прошират видиците и ќе ги научат на стрпливост и упорност