Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Гледај исправно на работата

Гледај исправно на работата

Гледај исправно на работата

ВО ОВА време на тешка економска криза, првенствена грижа е да се има стабилна работа со која ќе можат да се покријат трошоците на семејството. Ова не е секогаш лесно, посебно кога илјадници работници се отпуштани од работа. Ако и ти неочекувано останеш без работа, ќе мораш под итно да бараш нова. (Види ја рамката на страници 8, 9.)

Меѓутоа, смислата на животот не е само напорно да работиме. Еден семеен човек од Австралија по име Глен вели: „Да бидеме искрени, никој на умирање нема да каже: ‚Камо ли повеќе време да поминував на работа‘“. Јасно, за да имаме исполнет и смисловен живот, мораме да одвоиме време за работа, но дали тоа е сѐ? Не, треба да одвоиме време и за семејството, за рекреација и за духовните потреби. Како да најдеш доволно време за сѐ?

Време за работа и време за себе

Библијата нѐ поттикнува напорно да работиме за да се грижиме за семејството (Ефешаните 4:28). Меѓутоа, таа вели и дека треба ‚да јадеме, да пиеме и да уживаме во доброто од сиот свој труд‘ (Проповедник 3:13). И точно, ако со часови работиме без доволно да се одмораме или рекреираме, тоа ќе ни ја одземе радоста во животот, а може да доведе и до сериозни здравствени проблеми.

Прекумерната работа честопати се спомнува како причина за згоеност, алкохолизам, срцеви болести, несреќи на работното место, зависност од дрога, загриженост, исцрпеност, депресија и многу други нарушувања предизвикани од стрес. Понекогаш може да доведе и до смрт. Според проценките од еден извештај, во Јапонија умираат околу 10.000 лица годишно поради прекумерна работа — исто колку што годишно гинат во сообраќајни несреќи во оваа земја. Таквата појава, наречена каро́ши, т.е. „смрт од прекумерна работа“, не е својствена само за Јапонија.

Во Библијата ни е даден следниов мудар совет: „Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6). Да, многу е битно да сме урамнотежени. Не дозволувај твојата професија да ти стане опсесија! Заштити го твоето психичко, физичко и емоционално здравје така што ќе одвоиш време да се одмориш и да уживаш во плодовите на својот труд.

„Треба да работиме за да живееме, а не да живееме за да работиме“, вели Ендру, кој е оженет и има три деца. Тоа што ќе ја урамнотежиш работата со одморот и со слободните активности ќе ти помогне да се грижиш и за потребите на твоето семејство. Се разбира, тоа не е лесно, особено ако те чекаат сметки за плаќање.

Урамнотежи ги работните и семејните обврски

Во многу семејства денес секој е толку зафатен што едвај имаат време да се видат еден со друг. „Најмногу сила ми одзема работата, а децата го добиваат она што ќе остане“, со жалење констатира една жена од Англија. Во САД, секој петти тинејџер што бил опфатен со една анкета рекол дека најмногу го загрижува тоа што „не може да биде со родителите доволно време“. Едно друго истражување во САД покажува дека кога и двата брачни партнера се вработени, просечно разговараат само по 12 минути дневно.

Бидејќи им е смачено од сѐ поголемиот притисок на работа, мнозина решиле да преиспитаат што им е најважно во животот и да направат промени. Тимоти, семеен човек со две мали деца, кажува: „Работев прекувремено, а жена ми работеше за време на викендите. Ретко се гледавме. Затоа, решивме да го преиспитаме нашиот живот и направивме неколку промени во врска со работата. Сега сме многу посреќни!“ Брајан, кој работи како менаџер на една продавница, вели: „Додека го очекувавме нашето второ дете, решив да барам нова работа што најмногу ќе одговара за нашето семејство. Сега годишно заработувам 10.000 долари помалку од порано за да имам работно време што најмногу ни одговара, но вредеше!“ Мелина дала отказ кога се родила нејзината прва ќерка. „Ни беше тешко пак да се вратиме на живот со една плата“, вели таа. „Но, со мојот сопруг сметавме дека е подобро да бидам дома со Емили отколку да ја носиме во градинка“.

За жал, многу семејства едвај успеваат да ги покријат основните месечни трошоци. За некако да врзат крај со крај, мажот или жената мораат да имаат две работни места, или пак да работат и двајцата, а децата да им ги оставаат на своите родители или да ги носат во градинка.

Можеби ќе најдеш и други начини да ги урамнотежиш работните и семејните обврски. Во секој случај, немој да се лишуваш од радоста што ја носи семејниот живот посветувајќи се премногу на работата.

Биди сигурен дека ќе имаш многу користи ако најдеш рамнотежа меѓу работата, рекреацијата и потребите на семејството. Во последната статија ќе разгледаме еден уште поважен фактор за едноставен и урамнотежен живот.

[Истакната мисла на страница 5]

Не дозволувај твојата професија да ти стане опсесија!

[Истакната мисла на страница 5]

„Подобар е еден грст одмор отколку два грста труд и трчање по ветар“ (Проповедник 4:6)

[Истакната мисла на страница 6]

Немој да се лишуваш од радоста што ја носи семејниот живот посветувајќи се премногу на работата

[Рамка/слика на страница 6]

ПАРИ ИЛИ СЛОБОДНО ВРЕМЕ?

Некои изучувачи од 20 век сметале дека напредната технологија ќе ги ослободи луѓето од макотрпната работа и дека претставува почеток на „дотогаш невидена ера на слободно време“.

На почетокот на 1930-тите години, проф. Џулијан Хаксли предвидел дека во иднина никој нема да треба да работи повеќе од два дена седмично. Бизнисменот Валтер Гифорд изјавил дека со помош на технологијата „секој човек има можност да го прави она што го сака,.. да има подобар живот [и] да си пружи уште поголемо задоволство и уживање“.

А како технологијата ќе се одрази на материјалните желби на луѓето? Социологот Хенри Ферчајлд тврдел дека фабриките ‚ќе произведуваат многу повеќе отколку што ни е потребно, а еден работен ден ќе трае најмногу четири часа‘.

Колку точни се покажале овие предвидувања? Во текот на 20 и 21 век дојде до голем и брз економски развој. Теоретски, ова би требало значително да им ја олесни работата на луѓето. Но, што се случи? Писателот Џон де Граф пишува: „[Народот] ја користи зголемената продуктивност за да натрупа повеќе пари — со други зборови, материјални работи — наместо да добие повеќе слободно време. Едноставно кажано, на ова наше општество му се поважни парите од времето“.