Дали си под стрес?
Дали си под стрес?
КОНФЛИКТОТ помеѓу работните и семејните обврски станува проблем од светски размери. Како што наведува еден извор, ‚глобализацијата, новата технологија и силниот притисок на економскиот систем кој зависи од непрекината работа ја замаглија границата што постоеше помеѓу домот и работата‘. Овие промени создадоа невидено богатство, но по висока цена. Еден писател вели: „Милиони од нас се презафатени, преоптоварени и исцрпени од работа. Ставени сме под голем стрес“.
Неодамнешната економска криза уште повеќе го зголеми притисокот. Низ целиот свет, многу канцелариски и физички работници останаа без работа и без дом. Веројатно повеќе би сакале напорно да работат.
Разгледај до кој степен се раширени овие проблеми:
▶ Шеесет отсто од работниците во Европа се под стрес поради работата.
▶ Една третина од работниците во САД се хронично исцрпени од работа.
▶ На повеќе од две третини од Канаѓаните им е тешко да најдат рамнотежа помеѓу работните и семејните обврски.
▶ Се проценува дека повеќе од 600 милиони работници, т.е. 22 отсто од работна сила во светот, минува на работа повеќе од 48 часови неделно.
Овие статистички податоци се груба слика за една огромна трагедија. Според некои истражувања, прекувремената работа може да води до лошо здравје, затегнати односи, запоставување на родителските обврски, одвоено живеење и развод.
Дали и ти си преоптоварен со работа? Или можеби си еден од милионите невработени лица? Посакуваш ли да најдеш рамнотежа помеѓу семејството и работата? Ако да, како можеш да го постигнеш тоа?
[Рамка/слика на страница 3]
„ВТОРА СМЕНА“
„Кога ќе си дојдам дома“, вели една работничка, „морам да подготвам вечера, да исчистам, да исперам, да ги земам децата од училиште или од градинка, да им помогнам околу домашните задачи и да досредам откако ќе се искапат и ќе си легнат. На крајот сум капната“. Милиони вработени жени, а се проценува дека ги има вкупно 1,2 милијарди, дома ги чека и „втора смена“, што е случај и со многу мажи. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека мажите честопати не се спремни да помагаат низ дома. Товарот паѓа главно на жените, сеедно дали се вработени или не.