Златната ера на кралицата Елизабета I — мит или стварност?
Златната ера на кралицата Елизабета I — мит или стварност?
ВО СВОЕ ВРЕМЕ била вистинска легенда. Писатели, поети, драматурзи и современи филмски режисери ја овековечиле нејзината слава. Во последниве години, за неа се напишани многу книги и беа поставени многу изложби. Според резултатите од една меѓународна анкета, пласирана е меѓу десетте најзначајни личности во историјата на Британија. Станува збор за кралицата Елизабета I од Англија.
Како оваа владетелка, позната и како Девствената кралица и Добрата кралица Бес (скратен облик од нејзиното име на англиски), успеала толку да ѝ се наметне на јавноста? Дали нејзиното владеење било навистина златна ера?
Многу проблеми во наследство
Елизабета Тјудор е родена во 1533 год., на големо разочарување на нејзиниот татко, кралот Хенри VIII, кој очајно посакувал да добие машки наследник. Мајка ѝ, Ен Болејн, втората жена на Хенри, не успеала да му роди син. Хенри наредил да ѝ биде отсечена главата под лажни обвиненија, како што сметаат многумина. Во тоа време Елизабета имала само две години.
Дотогаш Хенри ги прекинал односите со папата во Рим и се прогласил себеси за врховен поглавар на Англиканската црква. По смртта на Хенри во 1547 год., верските советници на неговиот млад син, Едвард VI, се обиделе да ја направат Англија протестантска земја. По само шест години откако бил поставен за цар, Едвард починал и народот повторно бил преобратен на католицизам под краткото и крваво владеење на Мери I, полусестра на Елизабета. * Во 1558 год., кога 25-годишната Елизабета дошла на власт, Англија не само што била религиозно поделена, туку се наоѓала и на прагот на економски колапс. Кралството го загубило и последното парче англиска територија во Франција, а Шпанија претставувала голема закана.
Кога почнала да владее, Елизабета имала способни советници. Некои од нив останале покрај неа во текот на поголемиот дел од нејзиното 44-годишно владеење. Првиот проблем што сакала да го реши била религијата. Како што потврдува Националниот поморски музеј, таа решила „повторно да ја воспостави реформацијата и да основа Англиканска црква која нема да биде ниту католичка, ниту претерано протестантска“. Наместо врховен поглавар, станала врховен управник за да ги успокои оние што не можеле да прифатат жена како поглавар на црква. Потоа, парламентот го изгласал Актот за униформност, со кој биле утврдени верувањата и обичаите на Англиканската црква, но биле задржани и некои католички церемонии. Ваквата „златна средина“ не им била по волја на повеќето католици, но и на построгите протестанти, познати како пуританци.
Во меѓувреме, Елизабета ја мачел и еден личен проблем — како да ја стекне почитта и наклоноста на народот кој сѐ уште закрепнувал од последиците од катастрофалното владеење на Мери I. Решила да ги искористи
предностите на својот пол. Историчарот Кристофер Хејг објаснува: „На престолот, Елизабета била Девствената кралица; за Црквата била мајка, за своите благородници била тетка, за советниците зајадлива сопруга, а за дворјаните — заводничка“. Нејзиниот успех се должел на фактот што постојано се трудела да го увери народот дека го сака. За возврат, ја сакал и народот — или, поточно речено, успеала да го убеди народот да ја засака.Парламентот настојувал таа да се омажи и да роди протестантски наследник. Елизабета добила многу понуди за брак. Но, имала обичај да се преправа дека е заинтересирана и да ги одолжува преговорите за брак со месеци, па дури и со години, а во моментот кога тоа било најпогодно од политичка гледна точка, да ја раскине свршувачката.
Бидејќи по религиозните прашања била „умерена“, Елизабета станала мета на бројни завери. Во една од нив била вмешана и нејзината братучетка Мери Стјуарт, која по вероисповед била католичка. Католиците во Европа ја сметале за легитимен наследник на Мери I. Тензијата се зголемила во 1568 год., кога Мери била присилена да се откаже од престолот на Шкотска и да побегне во Англија. Иако била ставена во куќен притвор, католиците почнале да коваат завери преку неа за да ја соборат протестантската кралица, но Елизабета упорно одбивала да погуби една владетелка. Во 1570 год., папата Пиј V издал папска була со која ја екскомуницирал Елизабета и ги ослободил нејзините поданици од должноста да ѝ бидат послушни. Следниот папа, Грегориј XIII, отишол чекор понапред и објавил дека не би било грев да се нападне Англија и сосила да се симне кралицата од престолот. Пресудниот момент дошол кога била откриена заверата на Антони Бабингтон, во која била вмешана и Мери. Дошло време Елизабета да донесе конечна одлука што ќе прави со Мери и, на наговарање од парламентот, се согласила да биде погубена во 1587 год. Тоа ја разбеснило католичка Европа, а особено шпанскиот крал Филип II.
Смелата стратегија на католикот Филип
Филип, кој во тоа време бил најмоќен владетел во Европа, се обидел да го задржи католицизмот во Англија нудејќи ѝ брак на Елизабета кога станала кралица, но таа го одбила. Англиските гусари со години ги пљачкосувале шпанските бродови и пристаништа, а тоа ја загрозувало колонијалната превласт на Шпанија. Згора на сѐ, Елизабета им давала поддршка на Холанѓаните во нивната борба за независност од Шпанија. Погубувањето на Мери за него била капка во преполнета чаша. Поттикнат од папата, тој планирал да ја ангажира шпанската армада, огромна флота во која имало повеќе од 130 бродови, да отплови до Холандија, да се спои со моќните копнени сили таму и да го премине Ла Манш за да ја нападне Англија. Англиските шпиони го разоткриле овој план уште пред да биде целосно мобилизирана флотата. Елизабета го испратила сер Френсис Дрејк со 30 бродови до шпанското пристаниште Кадиз, каде што Англичаните уништиле голем број вредни бродови, па на армадата ѝ требало уште една година за да тргне во напад.
Кога армадата конечно го напуштила пристаништето во 1588 год., англиската морнарица
била спремна да ја дочека. Иако била изложена на напад, шпанската флота успеала без поголема штета да помине низ Ла Манш и да се укотви во близина на француското пристаниште Кале. Следната вечер Англичаните натовариле осум бродови со експлозив и други запаливи материјали и ги пуштиле запалени кон шпанските бродови. Шпанската флота се разбегала во паника и, по една жестока битка, југозападниот ветар ја одвлекол од Англија на север, кон Шкотска. Бурите околу Шкотска и западниот брег на Ирска уништиле половина од шпанските бродови, а останатите успеале некако да се довлечкаат до Шпанија.Почеток на „златната ера“
Кога Елизабета почнала да владее, Англија воопшто немала колонии. За разлика од неа, Шпанија црпела големо богатство од огромните подрачја што го освоила во Северна, Средна и Јужна Америка. Англија не сакала да заостане во тој поглед. Некои храбри авантуристи запловиле низ океаните во потрага по слава, богатство и нови трговски патишта до Кина и до Далечниот Исток. Сер Френсис Дрејк станал првиот капетан на трговска морнарица кој со свој брод го заобиколил светот. Минувајќи покрај западниот брег на Северна и Јужна Америка, тој ги пљачкал шпанските бродови натоварени со богатство. Спротивставувајќи се на монополот што Шпанија го имала над Новиот свет, сер Волтер Рајли спонзорирал неколку обиди за основање колонии на источниот брег од Северна Америка. Територијата што ја освоил таму ја нарекол Вирџинија во чест на англиската Девствена кралица. Иако овие рани обиди за колонизација пропаднале, тие го разбудиле интересот на Англичаните за идни слични потфати. Со поразот на шпанската „непобедлива армада“, Англија стекнала доверба во своите поморски способности, а Елизабета ги поддржала новите трговски потфати на другата страна од светот, во југоисточна Азија. Со тоа биле удрени темелите на Британската Империја, која ќе прерасне во колонијална сила со свои територии низ целиот свет. *
Што се однесува до внатрешната политика, Англија вложувала многу во својот образовен систем. Биле отворани нови училишта, каде што се описмениле многу ученици. Жедта за литература и напредокот на печатарските техники довеле до расцут на културата. Тоа било времето на Вилијам Шекспир и други големи драматурзи. Публиката се собирала во новоотворените театри за да се забавува со нивните драми. Поетите пишувале елоквентни сонети, композиторите составувале иновативна музика, а вештите уметници сликале извонредни минијатури од кралицата и од нејзините дворјани. Новите библиски преводи зазеле почесно место во црквите и во домовите. Но, оваа златна ера не траела долго.
Златната ера го губи својот сјај
Последните години од владеењето на Елизабета биле полни со проблеми. Бидејќи ги надживеала своите доверливи советници, им дала некои привилегии на неколкумина избрани, со што поттикнала жестоко ривалство на дворот, па дури и неуспешна побуна. Во нејзиното царство повторно завладеала верска нетрпеливост. Католиците одбивале да одат
на протестантските богослужби и сѐ почесто биле прогонувани. До крајот на нејзиното владеење, биле погубени околу 200 свештеници и обични верници. Пуританците исто така биле затворани и погубувани. Во Ирска избил бунт против власта на Англија, а војната со Шпанија сѐ уште траела. Слабата жетва четири години по ред довела до пораст на невработеноста и бездомниците, а народот кревал бунтови поради високите цени на храната. Елизабета ја изгубила својата популарност. Англија повеќе не ја сакала својата Девствена кралица.Кралицата постепено ја губела волјата за живот и, на 24 март 1603 год., умрела како последен владетел од династијата Тјудор. Народот бил изненаден од оваа вест, но до вечерта сите го прославувале устоличувањето на новиот монарх со логорски огнови и веселби по улиците. Најпосле дочекале да имаат свој крал — Џејмс VI од Шкотска, син на Мери Стјуарт, кој по вероисповед бил протестант. Во својата улога како англискиот крал Џејмс I, го постигнал она што не успеала да го постигне Елизабета — ги обединил двете кралства под еден монарх. Меѓутоа, прераниот оптимизам за кратко време се претворил во разочарување и земјата почнала да копнее по времето на Добрата кралица Бес.
Дали навистина била златна ера?
Раните историчари имале само пофални зборови за Елизабета. Неколку години по смртта на оваа кралица, Вилијам Камден го опишал нејзиното владеење како златна ера на напредок во која таа го поттикнала народот да се стреми кон високи идеали. Со векови, никој не го оспорувал ваквото гледиште. Кон крајот на 19 век, репутацијата на Елизабета дури се зголемила бидејќи ѝ била припишана заслуга за основањето на Британската Империја, која дотогаш завладеала со четвртина од светот.
Меѓутоа, во последно време многу историчари не гледаат толку благонаклоно на владеењето на Елизабета I. Една книга вели: „Постигнувањата на Елизабета биле преувеличени по нејзината смрт. Јасно е дека нејзината сопствена пропаганда,.. долговечност, појавата на Шекспир во нејзино време и случајниот пораз на армадата нѐ намамиле да ѝ се восхитуваме, занемарувајќи го фактот дека дозволила Англија да западне во политичка криза“ (The Oxford Illustrated History of Britain). Хејг, цитиран претходно, објаснува зошто некои историчари ѝ оддавале толкава чест, а други ја критикувале: „Во 1603 год., мажите со нетрпение очекувале да добијат крал од династијата Стјуарт, а Елизабета им изгледала како ‚изветреана баба‘. До 1630 год., кога се покажало дека овие цареви ни одблизу не ги исполниле очекувањата, народот почнал да ја велича како извонредна кралица“.
Нема сомнение дека Елизабета била исклучителна жена иако живеела во свет на мажите. Била интелигентна и решителна и одржувала добри односи со јавноста. Во тоа ѝ помагале и нејзините министри кои вешто ги режирале нејзините говори, појава во јавноста, облека и портрети за да доликуваат на една кралица што ја вовела легендарната златна ера.
[Фусноти]
^ Види ја статијата „Религиозна нетолеранција која е призната сега“, во Разбудете се! од 8 јули 2000, на страници 10-12.
^ Види ја рамката „Џон Ди и Британската Империја“.
[Истакната мисла на страница 22]
„Постигнувањата на Елизабета биле преувеличени по нејзината смрт“
[Рамка/слика на страница 22]
ЏОН ДИ И БРИТАНСКАТА ИМПЕРИЈА
Елизабета го сметала Џон Ди (1527-1608/1609) за свој филозоф. Овој угледен математичар, географ и астроном бил многу заинтересиран за астрологија и окултизам. Тој ја советувал кралицата кога е најпогодниот ден за нејзиното крунисување и ги користел своите вештини на нејзиниот двор. За него се вели дека прв го сковал изразот „Британска Империја“. Ја поттикнувал Елизабета да се смета себеси за императорка на идна империја што ќе ја стекне контролирајќи ги океаните и колонизирајќи нови земји. За да го постигне тоа, им давал на истражувачите часови по навигација, особено при нивната потрага за североисточни и северозападни премини кон Далечниот Исток, а ги поддржувал и плановите за колонизација на Северна Америка.
[Извор на слика]
Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum
[Слики на страници 20 и 21]
а) Англиските бродови со експлозив испратени да ја уништат шпанската армада б) Сер Френсис Дрејк в) Кралицата Елизабета г) Театарот „Глоуб“ д) Вилијам Шекспир
[Извори на слики]
а) Од книгата The History of Protestantism (том III); б) ORONOZ; в) Од книгата Heroes of the Reformation; г) Од книгата The Comprehensive History of England (том II); д) Encyclopædia Britannica/11. издание (1911)
[Извор на слика на страница 19]
© The Bridgeman Art Library International