На пазар во Африка
На пазар во Африка
ЕДЕН од најдобрите начини да се запознаат културата, обичаите и кујната на една земја е да се отиде на пазар. Таму можеш да ги сретнеш мештаните, да ја пробаш нивната храна и да купиш нешто од нив. Таму ќе наидеш и на невообичаени трговци кои се трудат на секаков можен начин да комуницираат со тебе, сеедно на кој јазик зборуваш.
Тешко дека може да се најдат пазари што се поинтересни од африканските. Тие се преполни со народ и со сите можни производи. Во нив може да се почувствува пулсот на Африка. Те поканувам да дојдеш со мене на еден типичен пазар во градот Дуала (Камерун).
Африкански начин да се стигне до пазарот
Во голем број големи африкански градови, најевтин и најбрз начин да се стигне до некој пазар е со мотоцикл. Речиси на секој чекор има мотоциклисти кои ги нудат своите услуги. Ако си доволно храбар, би можел да се пазариш со еден од нив да те превезе. Во Камерун, ваквиот превоз е најпогоден — не само во поглед на цената туку и во поглед на брзината.
Оние што не се толку авантуристи би можеле да се качат во некое од многубројните таксија. Честопати, повеќе патници се тискаат во истото возило за да можат да го делат трошокот.
Стотици тезги
Оној што првпат доаѓа на пазар ќе се чуди колку многу народ и тезги има покрај улиците. Река од луѓе, меѓу кои има и деца, ја носат на глава својата стока. Ако ѕирнете во нивните кошници, ќе забележите дека, меѓу другото, во нив има живи кокошки, излупени портокали и најразлични лекови.
Има стотици дрвени тезги со зеленчук — зелка, морков, краставица, модар патлиџан, тиквичка, боранија, благ компир, домат, јам (еден вид сладок компир) и најразлични видови зелена салата. Ако си дојден од друг континент, сите производи нема да ти бидат познати. Некои од нив се барани само овде и не се вообичаени надвор од Африка. Можеби најшарени тезги се оние на
кои се продават црвени и жолти пиперки, кои се толку свежи што светат на утринското сонце. На многу тезги може да се најде авокадо, банана, цитрон, диња, ананас, портокал и лимон. Изгледаат многу вкусно, а и цените се примамливи! Исто така убаво наредени се тезгите со јам, касава и ориз, главни локални земјоделски производи, како и со увозен кромид и лук.Во Дуала има пазар со многу тезги што ги држат Фуланите и Хаусите. Овие трговци ќе ги препознаеш по нивните сини, бели или жолти долги наметки наречени гандура или бубу и по пријателскиот поздрав на јазикот фулфулде. На пазарот владее опуштена атмосфера. Еден продавач по име Ибрахим избра три големи кромида и ми ги даде како подарок, велејќи: „Кажи ѝ на жена ти да ги наполни со зачинет ориз и да ги готви на тивок оган“.
Малку понатаму, се продаваше свежо месо, претежно говедско и козјо. Силни мажи ги носеа на рамо огромните трупови и ги префрлаа на масите. Касапите вешто замавнуваа со своите долги ножеви и ги канеа муштериите да си изберат парче. За купувачите кои би сакале самите да се погрижат за свежо месо, се продаваа и живи кози, кокошки и свињи.
На ручек во скараџилница
Гостилниците се нераздвоен дел од африканските пазари. Во Камерун, овие гостилници се викаат скараџилници. За да привлечат муштерии, во некои од нив се пушта гласна музика, но има и тивки места каде што може да се нарачаат африкански специјалитети и да се сретнат мештаните. Менито, најверојатно, ќе го најдеш напишано на црна табла, но ако не ги знаеш овдешниве јадења, некој ќе треба да ти преведува.
За основна храна се сметаат оризот и фуфу — пире од маниока, од брашнеста банана или од јам. Можете да порачате и риба, говедско или пилешко месо на скара со сос од бамја, путер од кикиритки или од домати. Во скараџилниците никој не се брза и секој сака малку да си помуабети.
Нѐ послужуваа две келнерки. Едната ни донесе послужавник со метални чинии полни со топол ориз, грав и фуфу зачинети со сос од бамја и гарнирани со ќебапи од месо и риба. За љубителите на зачинета храна има и бокалче со сос од црвени лути феферонки. Втората келнерка ни донесе крпа и леѓен со вода за да си ги измиеме рацете. Ова е неопходно бидејќи локалните специјалитети традиционално се јадат без прибор. Не е невообичаено, ако некој гостин се помоли пред да јаде, гостите на соседната маса исто така да кажат на крајот „амин“.
Проповедање на добрата вест на пазар
Во многу средини, пазариштата од памтивек служат како средиште на разни активности. Тие се идеално место, не само за купување и продавање, туку и за раскажување новости, среќавање пријатели, па дури и за наоѓање работа. Библијата вели дека Исус одел на плоштадите, кои во тоа време служеле и како пазари, и таму ги лекувал и ги поучувал луѓето за Бог. Апостол Павле исто така расправал ‚на плоштадот со оние што ќе се затечеле таму‘ (Дела 17:16, 17; Марко 6:56). Јеховините сведоци во Камерун увиделе дека пазарот и денес е одлично место за проповедање на добрата вест за Божјето Царство. (Приложено.)
[Слика на страница 24]
Пиперчиња во разни бои