„Не бидете загрижени“
„Не бидете загрижени“
„Нашата банковна сметка сосема се испразни, па дури и штедните влогови за нашите деца. Со месеци немавме никакви приходи.“
● Раководев со успешно приватно училиште во внатрешноста на Индија. Едно време во него беа запишани околу 500 ученици. Тогаш, едно престижно училиште од градот почна да праќа автобуси во нашиот крај. Условите за упис беа едноставни и, се разбира, многу од моите ученици се префрлија во тоа училиште. Всушност, бројот на ученици ни се намали од 500 на 60-ина. Што е уште полошо, некаде во тоа време, еден од вработените се повлече од договорот за кофинансирање, а ми должеше и пари. Бидејќи требаше да плаќам голем персонал, се најдов во финансиска криза.
За овој проблем дискутирав со семејството. Секој од нас покажа самопожртвуваност и беше спремен да го следи Исусовиот совет да има ‚бистро око‘ во финансиски поглед или, со други зборови, да не трошиме повеќе отколку што имаме (Матеј 6:22, 25). Извесно време не ја возевме колата за да штедиме на бензин и на поправки. Ги намаливме трошоците за храна така што купувавме доцна навечер, кога цените на прехранбените производи што не успеале да се продадат се пониски, а го смаливме и изборот на храна.
Како Јеховини сведоци, многу ни е важно да се собираме со соверниците на христијанските состаноци (Евреите 10:25). Иако бевме во тешка финансиска состојба, решивме да не ги пропуштаме состаноците и собирите, дури и ако тоа значеше дека треба да поминеме долг пат. За да ја вршиме нашата служба — која вклучува да ги поучуваме луѓето за Библијата — треба да патуваме до далечни места. За таа цел користевме скутер наместо автомобил. Се разбира, на скутерот има место само за двајца.
Но, ова не беше причина да одиме помалку во служба. Напротив, и жена ми и нашата ќерка посветуваа повеќе време да разговараат со другите за Библијата. Понекогаш пешачеа и до 8 километри во еден правец за да ги поучуваат заинтересираните за Библијата. Јас и син ми исто така се трудевме да минуваме повеќе време во проповедање.
Сега сме во малку подобра финансиска ситуација. Но, од она што нѐ снајде, нашето семејство научи да не им придава преголема важност на материјалните поседи. Исто така, научивме да не бидеме претерано загрижени за работи над кои немаме контрола. Стихот од Псалм 55:22 беше големо охрабрување за нас. Таму стои: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“. Сега, откако ја поминавме нашата тешка финансиска криза, од лично искуство можеме да потврдиме колку точни се овие зборови! (Приложено.)