Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата

Што е Судниот ден?

Што е Судниот ден?

Според Библијата, Бог ‚определил ден во кој наумил да ѝ суди на целата населена земја‘ (Дела 17:31, фуснота). На многу луѓе не им се допаѓа идејата да излезат на суд. Дали е тоа случај и со тебе?

МОЖЕБИ ќе те смири сознанието дека Судниот ден е, всушност, израз на љубов, и тој ќе им донесе големи благослови на луѓето — дури и на оние што умреле (Матеј 20:28; Јован 3:16). Зошто има потреба од Судниот ден? Што ќе се случи во текот на овој „ден“?

Зошто е потребен Судниот ден?

Кога Бог ги создал луѓето, неговата намера не била да ги испита на Земјата за да види дали се подобни за живот на некое друго место, туку засекогаш да останат на неа. Иако биле совршени, и физички и психички, првите маж и жена се побуниле против Бог. Поради тоа, ја изгубиле надежта за вечен живот, и на сите свои потомци им пренеле грев и смрт (1. Мојсеева 2:15-17; Римјаните 5:12).

Судниот ден е период од илјада години во кој на луѓето ќе им се даде можност да го добијат она што го изгубиле Адам и Ева. * Забележи дека, според стихот од Дела 17:31 кој беше цитиран погоре, Судниот ден ќе влијае врз „целата населена земја“. Оние што ќе добијат поволна пресуда ќе живеат на Земјата вечно и во совршени околности (Откровение 21:3, 4). Така, тој ден ќе помогне да се исполни Божјата првобитна намера со луѓето и со Земјата.

Јехова го поставил Исус Христос за судија. За него Библијата вели дека ќе „им суди на живите и на мртвите“ (2. Тимотеј 4:1). Кои се „живите“ што ќе бидат судени? На кој начин мртвите повторно ќе оживеат по „целата населена земја“?

Исус ќе им суди на „живите“

Се наближува проречениот крај на сегашниов поредок кога Бог ќе ги уништи сите елементи на расипаното човечко општество и ќе ги отстрани злобните луѓе. Оние што ќе го преживеат крајот на овој систем се „живите“ на кои ќе им биде судено (Откровение 7:9-14; 19:11-16).

Во текот на овој период на суд, кој ќе трае 1.000 години, над Земјата ќе владее Христос Исус заедно со 144.000 мажи и жени воскреснати на небото. Тие ќе служат како цареви и свештеници кои, на темел на Исусовата откупна жртва, ќе им помагаат на луѓето да добијат благослови и постепено да станат физички и психички совршени (Откровение 5:10; 14:1-4; 20:4-6).

Во текот на Судниот ден, Сатана и демоните нема да вршат никакво влијание врз луѓето (Откровение 20:1-3). Меѓутоа, на крајот од Судниот ден, на Сатана ќе му биде дозволено да ја испита лојалноста на секој жив човек. Оние што ќе му останат верни на Бог ќе го положат испитот на кој паднале Адам и Ева. Тие ќе добијат поволна пресуда — вечен живот во обновениот Рај на Земјата. Оние што ќе се побунат против Бог ќе бидат уништени засекогаш заедно со Сатана и со неговите демони (Откровение 20:7-9).

Суд за „мртвите“

Библијата вели дека во текот на Судниот ден, мртвите „ќе станат“ (Матеј 12:41). Исус рекол дека „доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“ (Јован 5:28, 29). Тука не станува збор за некакви души на умрените. Мртвите не се свесни за ништо и немаат душа што продолжува да живее по смртта (Проповедник 9:5; Јован 11:11-14, 23, 24). Нив Исус повторно ќе ги врати во живот, и тоа тука, на Земјата.

Дали воскреснатите ќе бидат судени според она што го правеле пред да умрат? Не. Според Библијата, „оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Римјаните 6:7). Значи, оние што ќе воскреснат на Земјата ќе бидат судени „според нивните дела“ во текот на Судниот ден, исто како и луѓето што ќе го преживеат крајот на овој поредок (Откровение 20:12, 13). Во зависност од судот што ќе го добијат за своите постапки, за нив ова ќе биде воскресение за вечен живот или воскресение за уништување. Многумина од воскреснатите за првпат ќе учат за Јехова Бог и за неговите мерила за животот. Ним ќе им биде дадена можност да живеат во склад со Божјата волја и да добијат вечен живот на Земјата.

Судниот ден не треба да нѐ плаши

Судниот ден не е само време на поука од Бог туку и време кога секој жив ќе го применува она што го учи и ќе ужива во благословите што ќе произлезат од тоа. Замисли колку ќе бидеш радосен кога повторно ќе ги видиш своите најблиски што ќе воскреснат и заедно со нив ќе напредуваш до совршенство!

Замисли колку ќе бидеш радосен кога повторно ќе ги видиш своите најблиски што ќе воскреснат!

На крајот од Судниот ден, Бог ќе му дозволи на Сатана да ја испита лојалноста на луѓето. Но, тоа не треба да нѐ загрижува или да нѐ плаши. До крајот на Судниот ден, секој жив ќе биде потполно способен да се соочи со овој последен испит. Значи, Бог ќе се послужи со овој ден за да ја исполни својата намера и да ги отстрани последиците од првобитната побуна против Него во еденската градина.

^ Во Библијата, зборот „ден“ може да се однесува на периоди со различно времетраење. Види, на пример, во 1. Мојсеева 2:4.