Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кану — „совршеното возило“ за Канада

Кану — „совршеното возило“ за Канада

Кану — „совршеното возило“ за Канада

ФРАНЦУСКИОТ истражувач Самуел де Шамплен го преминал Атлантскиот Океан и запловил по реката Сент Лоренс на територијата на денешна Канада. По кратко време наишол на голема препрека во близина на Монтреал — брзаците Лашин. Во 1603 год., во својот дневник тој напишал дека биле залудни сите напори да помине низ нив со своите бродови. Поради густата шума, било непрактично да одат пеш. Како тогаш Шамплен и неговата група продолжиле по својот пат?

Зеле пример од домородците, и користеле кануа. „Со кануата“, рекол Шамплен, „човек може да патува слободно и брзо низ земјата, и не само по малите туку и по големите реки.“

„Совршено возило“

Реките и езерата во Канада биле идеални патишта, а кануто се сметало за совршено „возило“. Тоа им овозможувало на американските Индијанци да ја истражуваат областа, да ловат и да пренесуваат стока. Се разбира, постоеле различни модели и методи на изработка на кануата во зависност од нивната намена и од расположливите материјали. На пример, луѓето што живееле на западниот брег од Канада правеле кануа од издлабен џиновски црвен кедар. Потоа, издлабеното дрво го полнеле со вода и со жешки камења кои го омекнувале за да може соодветно да се обликува. Некои од овие кануа можеле да понесат товар и до два тона, а биле брзи и безбедни и на море, каде што се користеле за лов на големи морски цицачи, па дури и на китови.

Можеби најпознато северноамериканско кану е кануто од брезова кора. Таа содржи една супстанција наречена бетулин која ѝ дава не само трајност туку и водоотпорност, еластичност и цврстина. „Кануто од брезова кора може да плови низ брзаци кои би оштетиле кану од дрво и платно“, објаснува Дејвид Гидмарк, кој изработува кануа.

За да се направи кану од брезова кора, потребни се уште и брезово дрво, кедар, корен од смрека и смола од дрво. Бидејќи сите овие материјали можат да се најдат в шума, за поправка на кануата има изобилство од „резервни делови“. Што е уште поважно, овие превозни средства се релативно лесни, па можат да се пренесат на раце за да се заобиколат опасните брзаци и другите препреки. Освен тоа, не ја загадуваат околината. Кога едно кану ќе се исфрли од употреба, тоа се распаѓа како што се распаѓа и едно паднато дрво.

Методите на изработка се навистина импресивни. Домородците „не користат шајки и штрафови. Кај нив сѐ се шие и се врзува“, известил еден очевидец од 19 век. „Шевовите, бодовите и јазлите се толку прецизни, цврсти и убави што не би можеле да бидат подобри.“

Пред да се појават возовите, кануата биле најбрзото и најсигурно превозно средство во поголемиот дел од Канада. Дури и откако бил воведен железничкиот сообраќај, кануата не биле веднаш отфрлени бидејќи луѓето патувале и со воз и со кану.

Кануата играле толку важна улога во животот на домородците од Северна Америка што тие влијаеле врз нивната култура и верувања. На пример, има легенди според кои некогаш настанал потоп што некои успеале да го преживеат со помош на кануа, а не со арка, како што вели Библијата.

Кануата денес

Во Канада сѐ уште се користат кануа, но главно за рекреација. За жал, сѐ поретко може да се најдат брези погодни за изработка на кануа. Затоа, пак, другите материјали, како што се алуминиумот, платното, дрвото и плексигласот, ги има во изобилство.

Познатиот кануист, Бил Мејсон, опиша еден посебен аспект на оваа спортска дисциплина кога рече: „Пловењето со кану по древните водени патишта е добар начин повторно да го воспоставиме изгубениот однос со природата и со Творецот кој одамна го создал сето тоа“. Многумина од срце ќе се сложат со него!

[Рамка/слика на страница 11]

КАКО НАСТАНАЛ КАЈАКОТ

Инуитите живеат во еден дел од Канада каде што нема шуми. Но, тоа не ги спречило да измислат своја варијанта на кану. Како суровина користеле фокини и еленски кожи, како и коски и дрвени парчиња што биле исфрлани на арктичкиот брег. Чамците ги премачкувале со животински лој за да станат водоотпорни. Резултатот бил кајак.

Најочигледната разлика помеѓу кајакот и стандардното кану е тоа што кајакот е затворен и од горната страна, што му дава заштита од природните сили и не дозволува во него да навлезе многу вода, дури и ако се преврти. Современите кајаци обично се прават од плексиглас и од други синтетички материјали.

[Извор на слика на страница 10]

Library of Congress