Можеш да успееш!
Можеш да успееш!
СЕГА е време ‚да бидеш храбар и да почнеш‘ со одвикнувањето (1. Летописи 28:10). Што уште може да ти помогне да успееш?
Одреди си датум. На оние што решиле да прекинат со пушењето, Министерството за здравство и социјална помош на САД им порачува тоа да го сторат во рок од две седмици бидејќи така ќе задржат силна мотивација. Обележи го денот на твојот календар, кажи им за тоа на пријателите и не менувај го датумот дури и ако околностите ти се сменат.
Имај при рака белешки што ќе те мотивираат. Тие би можеле да ги содржат долунаведените информации и уште нешто што ќе ти влее додатна сила.
● Зошто сакаш да прекинеш.
● Телефонски броеви од лица што можеш да ги повикаш кога си во криза.
● Некои мисли — можеби библиски стихови, како Галатите 5:22, 23 — кои ќе ти помогнат да ја оствариш твојата цел.
Овие белешки носи ги во секое време и читај ги по неколку пати на ден. Дури и откако ќе прекинеш со пушењето, разгледувај ги секогаш кога ќе ти дојде желба да пушиш.
Разбиј ја рутината. Пред да дојде датумот да ги оставиш цигарите, прекини со сите други навики поврзани со пушењето. На пример, ако пушиш веднаш штом ќе станеш од спиење, одложи го пушењето за еден до два часа. Ако пушиш за време на некој оброк или веднаш по јадењето, одвикни се од тоа. Избегнувај места каде што се пуши. Насамо вежбај гласно да кажеш: „Не, благодарам. Не пушам веќе“. Освен што ќе те подготват за денот кога треба да престанеш, овие чекори ќе те потсетат и дека наскоро навистина ќе станеш бивш пушач.
Подготви се. Додека наближува планираниот датум, набави си замена за цигарите, како моркови, гуми за џвакање, ореви, лешници, бадеми и слично. Потсети ги пријателите и семејството за датумот и кажи им како да ти помогнат. Непосредно пред овој ден, фрли ги пепелниците, запалките и сите можни стапици, како што се цигарите што ти стојат дома, во автомобилот, во џебовите или на работното место. Многу потешко е да побараш цигари од некој пријател или да купиш една кутија отколку само да посегнеш по нив во фиоката! Исто така, продолжи да го молиш Бог да ти помага и прави го тоа уште погорливо откако ќе ја испушиш последната цигара (Лука 11:13).
Безброј луѓе го раскинале „пријателството“ со својот некогашен лажен, злобен пријател — цигарата. Истото можеш да го сториш и ти. Ќе бидеш награден со подобро здравје и со поголемо чувство на слобода.
[Слика на страница 9]
Со себе секогаш носи си белешки што ќе те мотивираат, и читај ги честопати во текот на денот