Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Неуморното чукање на срцето

Неуморното чукање на срцето

Неуморното чукање на срцето

● Срцето е „моторот“ кој го задвижува твојот крвоток и работи многу напорно. Ако си возрасен, срцето најверојатно ти чука повеќе од 100.000 пати на ден. Дури и кога мируваш, срцевиот мускул продолжува напорно да работи, и тоа двојно поинтензивно отколку мускулите на ногата кога трчаш. А кога е неопходно, за само пет секунди, ритамот на твоето срце може двојно да се забрза. Кај возрасните, овој орган испумпува по 5 литри крв во минута, ако се земе предвид дека 5 литри е просечната количина на крв во телото. Кога вежбаш, испумпува и до 20 литри во минута.

Со чукањето на срцето управува нешто што со право се смета за чудесна творба — твојот нервен систем. Нервниот систем предизвикува преткоморите на срцето да се згрчат во делче од секундата пред неговите комори. Интересно е да се знае дека оној карактеристичен звук туп-туп, што лекарите го слушаат преку стетоскоп, настанува поради затворањето на срцевите залисци, а не поради активноста на срцевите мускули.

Милијарда отчукувања

По правило, брзината на срцеви отчукувања кај животните е обратно пропорционална на големината на нивното тело. Со други зборови, колку поголемо е животното толку побавно му чука срцето. На пример, во просек, срцето на слонот чука 25 пати во минута, а срцето на канаринец — 1.000 пати во минута! Кај луѓето, брзината на срцеви отчукувања се намалува од 130 во минута при раѓањето на околу 70 отчукувања во минута како возрасни.

Се проценува дека животниот век кај повеќето цицачи изнесува околу милијарда срцеви отчукувања. Па така, еден глушец, кому срцето му чука 550 пати во минута, може да живее речиси 3 години, а еден син кит, кому срцето му чука отприлика 20 пати во минута, може да живее повеќе од 50 години. Луѓето се исклучок. Ако се смета според бројот на отчукувања, нашиот животен век би требало да биде 20 години. Меѓутоа, срцето на здрав човек може да отчука над три милијарди пати и да доживее 70 или 80 години! *

Сепак, никој од нас не би сакал неговиот животен век да биде ограничен на одреден број срцеви отчукувања. Длабоко во себе, секој човек копнее да живее бескрајно. Всушност, оваа желба е природна затоа што Бог ја всадил во нас. Освен тоа, многу е близу времето кога гревот, кој е причина за смртта, ќе биде отстранет (Римјаните 5:12). Тогаш, „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4).

[Фуснота]

^ пас. 6 Станува збор за просек. Кај поединечни луѓе и животни може да има големи отстапувања од просекот — не само во брзината на срцеви отчукувања, туку и во животниот век.

[Графикон/слика на страница 29]

(Види во публикацијата)

НАПРЕЧЕН ПРЕСЕК НА СРЦЕ

Десна преткомора

Лева преткомора

Десна комора

Лева комора