Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Во една енциклика (официјално писмо) на папата Бенедикт XVI стои: „Постои нужна потреба... за реформа во Организацијата на Обединетите нации, како и во економските институции и во меѓународните финансии, за да може идејата за семејство од народи вистински да заживее“ (L’OSSERVATORE ROMANO; нагласено од нив).

„Секој трет Украинец пуши просечно по една кутија цигари на ден“ (EXPRESS, УКРАИНА).

Во САД, 44 отсто од анкетираните момчиња на тинејџерска возраст изјавиле дека „виделе најмалку една слика од гола соученичка на интернет или преку мобилен“ (TIME, САД).

„Црн рекорд“

Човештвото достигна „црн рекорд“ во поглед на војните, сушите, политичката нестабилност, високите цени на храната и сиромаштијата, јавува новинската агенција Асошиејтед прес. Сега, во целиот свет има повеќе од милијарда лица што гладуваат. Според Џозет Ширан од Светската програма за храна при ОН, „светот во кој луѓето се гладни е опасен свет... Без храна, на луѓето им преостануваат само три опции: да кренат немири, да емигрираат или да умрат. Ниедна од нив не е прифатлива“. Што е уште полошо, бројот на гладни лица расте побрзо од светското население. Дури и во развиените земји, бројот на неисхранети лица се зголеми за 15,4 отсто.

Читањето пред спиење е корисно

Кога им читаат на своите деца пред спиење, родителите постигнуваат многу повеќе отколку само да ги успијат. Истражувачите велат дека оваа активност ги зголемува јазичните способности на децата, им помага да ги развијат моторните вештини учејќи ги да ги вртат страниците од книгата и им го подобрува памтењето. „Што е најважно,.. гласното читање овозможува меѓу родителот и детето да се развие посебна емотивна врска“, вели весникот The Guardian. „Тоа го прави читањето вистинско уживање“. А според проф. Бари Зукерман, кој го водеше ова истражување, „со текот на времето, кај децата се развива љубов кон книгите бидејќи ги читаат заедно со некој што го сакаат“.

Среќни крави — полни кофи млеко

„Кравите што имаат име даваат повеќе млеко од оние што немаат“, велат истражувачите од Универзитетот во Њукасл (Англија). Всушност, ако се третирани како единки, кравите годишно можат да дадат околу 280 литри млеко повеќе. Зошто? „Како што луѓето реагираат подобро на некој што се интересира за нив, така и кравите се посреќни и поопуштени ако им се посвети внимание“, вели д-р Кетрин Даглас од Катедрата за земјоделие, храна и рурален развој во склоп на универзитетот. „Нашето истражување е само потврда на она во што долго време веруваат голем број добри, грижливи сточари“, објаснува таа. „Ако им посветиме поголемо внимание на кравите, на пример, ако на животното му се обраќаме по име или комуницираме со него додека расте, не само што ќе влијаеме позитивно врз неговото здравје и врз неговиот став кон луѓето, туку и врз производството на млеко.“