Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Подготви се за пречките

Подготви се за пречките

Подготви се за пречките

„Решив да прекинам заради здравјето на нашето новороденче. Дома залепив знак ‚Забрането пушење‘. Но, само еден час подоцна, како цунами, ми надојде силна желба за никотин, и запалив цигара“ (Јошимицу, Јапонија)

КАКО што покажува примерот на Јошимицу, пушачите наидуваат на пречки кога се одвикнуваат. Освен тоа, истражувањата потврдуваат дека речиси 90 отсто од оние што ќе попуштат, повторно ѝ се враќаат на старата навика. Затоа, доколку се трудиш да престанеш со пушењето, веројатноста да успееш ќе биде поголема ако си подготвен за овие пречки. За какви пречки станува збор?

Силна желба за никотин: Ваквата желба е најсилна отприлика три дена откако ќе ја испушиш последната цигара, а попушта за околу две недели. Во овој период, „желбата надоаѓа во бранови — не е постојана“, вели еден поранешен пушач. Меѓутоа, дури и по неколку години, ненадејно може да ти се јави желба да пушиш. Не попуштај! Ако почекаш само пет минути, таа ќе помине.

Други симптоми на одвикнување: На почетокот почесто ќе бидеш поспан, ќе ти биде тешко да се концентрираш и можеби ќе бидеш склон кон дебелеење. Други симптоми можат да бидат болки, чешање, потење и кашлање, како и промени во расположението изразени преку нестрпливост, склоност кон гнев, па дури и депресија. Но, повеќето симптоми се повлекуваат за 4-6 седмици.

Во овој критичен период, можеш да преземеш неколку практични чекори, како на пример:

● Спиј повеќе.

● Пиј многу вода или овошни сокови. Храни се здраво.

● Вежбај умерено.

● Диши длабоко и замисли си дека белите дробови ти се полнат со чист воздух.

Искушенија: Ова се активности или чувства што можат да ти создадат желба да пушиш. На пример, можеби обично си пушел со пијалак. Ако е така, додека се одвикнуваш од пушењето, гледај побрзо да го испиеш пијалакот. Се разбира, со текот на времето ќе можеш да го пиеш со поголемо уживање.

Сепак, некои врски во мозокот може да останат долго откако телото ќе се исчисти од никотинот. Торбен, кого го спомнавме претходно, вели: „Не пушам веќе 19 години, но сѐ уште ми доаѓа да запалам цигара на паузите за кафе“. Меѓутоа, со текот на времето, ваквата врска меѓу пушењето и конкретни активности ќе станува сѐ послаба.

Со алкохолот, пак, е поинаку. Затоа, додека се бориш со пушењето, можеби ќе треба да не пиеш алкохол и да избегнуваш места каде што се служат алкохолни пијалаци бидејќи пушачите најчесто се враќаат на старата навика кога ќе се поднапијат. Зошто?

● Алкохолот, дури и во мали количини, го зголемува задоволството што го пружа никотинот.

● Пиењето во друштво најчесто е поврзано со пушење.

● Алкохолот го ослабува просудувањето и ја отежнува самоконтролата. Библијата со право вели: „Виното и ширата го поматуваат разумот“ (Осија 4:11).

Друштво: Биди избирлив. На пример, избегнувај непотребно дружење со лица што пушат или ти нудат цигари. Избегнувај ги и оние што се обидуваат да ги осуетат твоите напори да ги оставиш цигарите, можеби така што ти се подбиваат.

Емоции: Во едно истражување, речиси две третини од оние кои повторно почнале да пушат биле гневни или под стрес непосредно пред да запалат цигара. Ако одредено чувство предизвикува кај тебе желба да пушиш, оттргни ги мислите од тоа — напиј се вода, земи гума за џвакање или излези да се прошеташ. Труди се да го полниш умот со позитивни мисли. Би можел да го молиш за помош Бог или да прочиташ неколку страници од Библијата (Псалм 19:14).

Не барај си изговори

Ќе повлечам само еден дим.

Реалност: Само еден дим може да задоволи околу 50 отсто од некои рецептори за никотин во мозокот за следните три часа. Така најверојатно ќе се вратиш на старата навика.

Пушењето ми помага да се смирам.

Реалност: Истражувањата покажуваат дека никотинот, всушност, го зголемува нивото на хормонот на стрес. Секое привидно намалување на стресот се должи најчесто на тоа што моментално исчезнуваат симптомите на одвикнување.

Сега е предоцна да прекинам.

Реалност: Песимизмот ќе ти ја одземе волјата. Библијата вели: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“ (Изреки 24:10). Затоа, немој самиот да се осудуваш на неуспех. Секој што навистина сака да престане и ги применува практичните начела, како што се оние спомнати во ова списание, може да успее.

Не можам да се справам со симптомите на одвикнување.

Реалност: Се разбира, симптомите на одвикнување се силни, но обично попуштаат за само неколку седмици. Затоа, не откажувај се! Ако по неколку месеци, па дури и години, повторно ти се јави желба да пушиш, таа ќе исчезне за само неколку минути — доколку се воздржиш и не запалиш цигара.

Имам психичка болест.

Реалност: Ако примаш терапија за некое психичко нарушување, како што е депресијата или шизофренијата, замоли го лекарот да ти помогне да престанеш со пушењето. Тој можеби ќе биде спремен да ти помогне со тоа што ќе ја следи твојата состојба додека се одвикнуваш и ќе ја прилагодува терапијата што ја примаш.

Ако попуштам и запалам цигара, ќе се разочарам од себе.

Реалност: Ако си се „сопнал“ на некоја пречка и повторно си запалил цигара, што е случај со многумина кои се обиделе да престанат со пушењето, тоа не значи дека си изгубен случај. Едноставно, стани и продолжи напред. Не е неуспех да паднеш. Неуспех е да паднеш и никогаш да не станеш. Затоа, не откажувај се! Еден ден ќе успееш!

Размисли за Ромуалдо, кој пушел 26 години, но пред повеќе од 30 години прекинал. Тој пишува: „Престанав да бројам колку пати сум попуштил. Секојпат кога ќе запалев цигара, се чувствував бедно, како да сум непоправлив случај. Меѓутоа, кога цврсто решив да имам добар однос со Јехова Бог и непрестајно му се молев за помош, успеав да прекинам со оваа навика еднаш засекогаш“.

Последната статија од оваа серија дава уште неколку практични предлози кои можат да ти помогнат да станеш среќен бивш пушач.

[Рамка/слика на страница 7]

СМРТОНОСЕН ВО СЕКОЈ ОБЛИК

Од тутунот се добиваат најразлични производи. Некои од нив се продаваат дури и во дуќани за здрава храна и во билни аптеки. Меѓутоа, како што вели Светската здравствена организација, „тутунот е смртоносен во секој облик“. До смрт може да дојде поради многу болести поврзани со тутунот, како што се ракот и кардиоваскуларните болести. Мајките што пушат можат да им наштетат и на своите неродени деца. Во кој облик обично се користи тутунот?

Биди: Овие мали рачно виткани цигари обично се користат во азиските земји. Тие ослободуваат неколку пати повеќе катран, никотин и јаглерод моноксид отколку обичните цигари.

Пури: Пурите се прават од иситнет тутун замотан во лисја од тутун или во хартија направена од тутун. Алкалниот тутун од пурите, за разлика од киселкавиот тутун од цигарите, овозможува никотинот да се прими преку устата дури и ако пурата не е запалена.

Кретек, или цигари-каранфилчиња: Обично содржат околу 60 отсто тутун и 40 отсто каранфилче. Ослободуваат повеќе катран, никотин и јаглерод моноксид отколку обичните цигари.

Лулиња: Пушењето од луле не е безбедна замена за цигарите бидејќи и двете навики предизвикуваат исти видови рак и други болести.

Бездимен тутун: Тука спаѓаат џвакањето тутун, бурмутот и миризливата гутка, кои се користат во Југоисточна Азија. Никотинот навлегува во крвотокот преку устата. Бездимниот тутун е исто толку опасен колку и другите видови тутун.

Наргиле: Во оваа справа, чадот од тутунот минува низ вода пред да биде вдишан. Меѓутоа, ваквиот процес не ја намалува количината на токсини, вклучувајќи ги и канцерогените агенси кои навлегуваат во белите дробови.

[Рамка/слика на страница 8]

ПОМОГНИ МУ ДА ГИ ОСТАВИ ЦИГАРИТЕ

Биди позитивен. Пофалбите и наградите се поефикасни од прекорите и држењето лекции. Подобро е да се каже: „Мислам дека ќе успееш ако пробаш повторно“, отколку: „Пак ли почна да пушиш?“

Простувај. Труди се да преминеш преку гневот и фрустрацијата на лицето што се обидува да прекине со пушењето. Користи љубезни зборови, како на пример: „Знам дека е тешко, но многу сум горд на тебе што се трудиш“. Никогаш немој да кажеш: „Подобар беше кога пушеше!“

Биди вистински пријател. Библијата вели: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17). Труди се „во секое време“ да бидеш стрплив и љубезен кон лицето што се обидува да прекине со пушењето, сеедно во кој дел од денот и сеедно какво е неговото расположение.