Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Среќен, и покрај тешкиот инвалидитет

Среќен, и покрај тешкиот инвалидитет

Среќен, и покрај тешкиот инвалидитет

Раскажал Хозе Годофредо Варгес

Се родив здрав и имав нормално детство. На 17-годишна возраст почнав да работам како заварувач. Две години подоцна, заварував качен на една платформа близу до жици под висок напон, кога почна да врне. Одеднаш добив силен електричен шок кој ме турна 14 метри долу на земјата и ме онесвести. Три месеци бев во кома. Кога се разбудив, можев да ја мрдам само главата. Ми беа парализирани и рацете и нозете. Бев очаен!

НА ПОЧЕТОКОТ, бев гневен на Бог и го прашував зошто дозволи да преживеам. Помислував и на самоубиство. Пробав да најдам излез во неколку религии, но ниедна не ми даде вистинска утеха ниту одговор на моите прашања во врска со Бог. Всушност, тие дури не ги поттикнуваа луѓето да живеат според библиските учења и мерила! Во 1981 год., кога почина мајка ми, почнав да пијам и да се коцкам. Мислев дека затоа што сум инвалид, Бог ќе се сожали на мене и ќе ми прости што се опивам. Исто така, почнав да водам неморален живот живеејќи со жена со која не бев во брак.

Целосна промена на ставот

Кога имав 37 години, за првпат дојдов во контакт со Јеховините сведоци. Под влијание на негативните коментари на другите, мајка ми отсекогаш велеше дека тие се најлошата религија. Сепак, јас ги примив дома со намера да им докажам дека се во заблуда бидејќи мислев дека знам многу за Библијата. Но, на мое изненадување, открив дека знам релативно малку! Ме зачуди и тоа што тие ја користеа Библијата за да одговорат на секое мое прашање. По кратко време, бев уверен дека сум ја нашол вистината.

За жал, за жената со која живеев беа неприфатливи моите нови верувања, па затоа се разделивме. Продолжив да правам промени со цел да водам чист живот и да го менувам ставот и размислувањето за да биде во склад со библиските учења. Со Божја помош, успеав и психички и емоционално да се носам со последиците од несреќата — до тој степен што последниве 20 години среќно служам како полновремен проповедник. Со оглед на тоа што сум инвалид, многу луѓе ме прашуваат како успевам во тоа. Една работа е тоа што не сум сам. Живеам со мојот помал брат, Убалдо, кој има Даунов синдром. И тој ја прифати библиската вистина и му служи на Јехова со мене.

Ни оди многу добро и се грижиме еден за друг. Кога одиме во служба, Убалдо ја турка мојата инвалидска количка и тропа на врата наместо мене, а кога разговарам со станарите, ми помага со Библијата и избира соодветна литература. Ми помага и околу другите физички потреби. Јас, пак, заработувам за двајцата продавајќи козметички производи. Освен тоа, Јеховините сведоци од нашето собрание ни помагаат околу готвењето и домашните работи, а кога треба, нѐ носат на лекар. Јас и Убалдо многу го цениме тоа!

Во христијанското собрание имам чест да служам како старешина, а моите духовни браќа секогаш се спремни да ми помогнат кога истражувам некои библиски теми. Можам да подвлечам некои важни мисли во нашите публикации држејќи го пенкалото во устата.

Кога луѓето ќе ме прашаат дали сум среќен, со цело срце можам да кажам дека сум многу среќен! А и како не би бил кога најдов вистинска смисла во животот и со нетрпение го очекувам остварувањето на прекрасната надеж која Бог им ја дава на своите слуги — совршено здравје во претстојниот рај на Земјата (Исаија 35:5, 6; Лука 23:43).

[Слика на страница 24]

Хозе на 18 години, една година пред несреќата

[Слика на страница 25]

Јас и брат ми Убалдо сме одличен тим додека соработуваме во службата во Мексико

[Слика на страница 25]

Еден друг Сведок ми ги врти страниците од Библијата додека изнесувам говор во Салата на Царството

[Слика на страница 25]

Членовите на нашето собрание ни помагаат околу готвењето и домашните работи