Што велат другите
Франција
„Јеховините сведоци се граѓани кои ги почитуваат државните закони... Не се закана за јавниот ред и мир. Работат, плаќаат даноци, учествуваат во економскиот развој на својата земја и даваат добротворни донации. Задоволство е да се види како луѓе од различни раси и со различно потекло се собираат заедно во мир... Да беа сите Јеховини сведоци, ние полицајците немаше да имаме работа“ (Портпарол на Францускиот полициски синдикат).
Украина
„Јеховините сведоци им помагаат на своите деца да стекнат високи морални принципи. Тие ги учат да избегнуваат однесување, постапки, па дури и ставови кои, иако во денешниов свет се сметаат за нормални, можат да им наштетат и ним и на другите. Затоа, ги предупредуваат на опасноста од користењето дрога, пушењето и злоупотребата на алкохол. Чесноста и трудољубивоста ги сметаат за многу важни... Јеховините сведоци ги учат своите деца на морални особини, на почит кон авторитет, кон другите и кон нивните поседи, како и на послушност кон законот“ (од книгата The History of Religion in Ukraine, издадена од проф. Петро Јатроцки).
Италија
„Триесет илјади седат на Олимпискиот стадион, а глас не им се слуша... Нема отпадоци, нема врева, нема викање. Вака изгледаше Олимпискиот стадион вчера... Немаше непристојни гестикулации, немаше цигари, немаше лименки. Можеа да се видат само отворени Библии, луѓе што прават белешки и деца што мирно седат“ (од весникот L’Unità, извештај за еден конгрес на Јеховините сведоци во Рим).
„Јеховините сведоци ги учат своите деца на морални особини... и на послушност кон законот“
Британија
Коментирајќи за нивната проповедничка активност од куќа до куќа, протоѓаконот на Челтенхам рече дека на [Англиканската црква] ѝ требаат „групи од посветени поединци... како Јеховините сведоци“ (од весникот The Gazette, бискупија Глостер).
Холандија
Соседите околу Салата на Царството (како што Сведоците ги нарекуваат своите верски објекти) во градот Леварден им пратиле на тамошните Сведоци писмо во кое стои следново: „Би сакале да ве пофалиме за вашето прекрасно влијание врз изгледот на [улицата] Нордервек. Вашите членови се секогаш убаво облечени и културни. Децата се воспитани, возрасните никогаш не паркираат нелегално и не го фрлаат ѓубрето на улица, а просторот околу Салата на Царството е секогаш чист и уреден. Се надеваме дека ќе ни бидете соседи уште долго време бидејќи сме многу среќни што ве имаме“.
Мексико
Елио Масферер, професор и истражувач при Државниот институт за антропологија и историја, вели дека Сведоците им помогнале на луѓе со „тешки семејни проблеми како што се силување, злоупотреба од страна на некој член на семејството, алкохолизам и зависност од дрога“. Тој смета дека учењата на Сведоците „го зголемуваат достоинството на луѓето кои претходно имале ниска самопочит“ и им овозможуваат да „живеат без некои поголеми проблеми правејќи го она што го сака Бог“ (од весникот Excélsior).
Бразил
Во еден весник стоеше: „Организацијата на Јеховините сведоци е навистина извонредна. Местата во кои се собираат секогаш се чисти. Сѐ е толку добро организирано... Кога ќе завршат нивните собири, објектите се секогаш почисти отколку пред тоа. За време на говорите владее апсолутна тишина. Никој не се турка. Сите се однесуваат учтиво... Тоа е една навистина примерна религија. Тие знаат што значи да му се служи на Бог“ (Comércio da Franca).
Јеховините сведоци се цврсто убедени дека Творецот е тој што најдобро знае по кои начела треба да живеат луѓето (Исаија 48:17, 18). Затоа, кога нивното однесување е повод за позитивни коментари од страна на другите, тие му оддаваат признание Нему. Исус рекол: „Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 5:16).