Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што знаеш за Јеховините сведоци?

Што знаеш за Јеховините сведоци?

„За Јеховините сведоци често читав на интернет, слушав гласини и многу коментари од лица со предрасуди спрема нив“, напишала една новинарка-приправник од Данска. „Поради тоа имав лошо мислење за нив.“

ИСТАТА новинарка подоцна интервјуирала едно семејство Сведоци. Со каков резултат? „Моето мислење за Јеховините сведоци се смени во моментот кога го пречекорив нивниот праг!“ напишала таа. „Можеби луѓето не ги познаваат добро или можеби едноставно сме склони пребрзо да судиме. Знам дека јас бев таква. Сепак, открив дека сум била во заблуда“ (Сесилија Фејлинг, за Jydske Vestkysten).

Еден советник за персонал во еден синџир продавници во Европа, на темел на своето професионално искуство со Сведоците, смета дека тие се чесни работници. Од таа причина, бара да вработи Јеховини сведоци.

Се разбира, Јеховините сведоци се најпознати по нивното проповедање. Тие се свесни дека некои луѓе не сакаат да разговараат за Библијата, но други уживаат во вакви дискусии. Всушност, повеќе од седум милиони лица во речиси сите земји во светот редовно ја проучуваат Библијата со Сведоците, а подоцна, некои од нив и самите ги поучуваат другите за Библијата. На пример, според извештајот на еден Државен црковен совет во САД, од 25-те најголеми религии, пораст е забележан само кај четири, меѓу кои се и Јеховините сведоци.

Зошто милиони луѓе ја проучуваат Библијата со Сведоците? Како изгледа ваквото проучување? Дали од лицата што проучуваат се очекува да станат Сведоци? Дури и ако не си заинтересиран да станеш Јеховин сведок, имаш право да добиеш точни одговори на овие прашања. Затоа, наместо да слушаш гласини од лица кои се заслепени од предрасуди, испитај ги фактите. Во Изреки 14:15, Библијата вели: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“.

Овој број на Разбудете се! нека ти помогне да стекнеш поцелосна и поточна слика за Јеховините сведоци. Всушност, самото тоа што го читаш ова списание покажува дека си отворен за нови идеи и дека немаш предрасуди. Еве еден предлог — додека ги читаш наредните четири статии и рамките во нив, побарај ги наведените стихови во твојата Библија. * Тоа би било не само мудро туку и, како што вели Библијата, ‚благородно‘ (Дела 17:11).

^ пас. 7 Ако немаш Библија, а имаш пристап на интернет, можеш да ги провериш стиховите по електронски пат на www.watchtower.org. (Македонското издание на Библијата моментално не е на располагање.) На истата веб-страница може да се најде и библиска литература на повеќе од 380 јазици.