Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Закана од нови силни земјотреси

Закана од нови силни земјотреси

Закана од нови силни земјотреси

ОТКАКО се појавија првите инструменти за мерење на јачината на земјотресите, научниците регистрираа стотици силни земјотреси. Оние што настануваат далеку од населените места не предизвикуваат голема загриженост и не добиваат речиси никакво внимание од страна на медиумите. Меѓутоа, ако земјотресот се случи во некој поголем град, штетите можат да бидат огромни. Загубата на човечки животи и материјалната штета при вакви земјотреси зависат од бројноста на населението и од неговата подготвеност за природни катастрофи.

На 12 јануари 2010 год., Хаити го погоди еден од најсилните земјотреси во историјата со оглед на загубата на човечки животи и материјалната штета. Но, тој не беше ни прв ни последен земјотрес оваа година. Следува краток извештај за некои земјотреси што се случија во првите неколку месеци од 2010 год. со ист или со поголем интензитет од оној што го опустоши главниот град на Хаити.

3 јануари: 7,1 степен — Соломонови Острови

Овој голем земјотрес, кој според првичните информации беше посилен од 7,1 степен по Рихтеровата скала, предизвика „цунами бранови со висина од 2-3 метри“. Лоти Јејтс, директор на Канцеларијата за справување со кризи, објасни дека проценките направени од воздух покажале дека настанала „тотална поплава“. Според Јејтс, 16 куќи во селото Баинара на островот Рендова се срушиле, а десетици други биле оштетени.

На тој земјотрес му претходеше послаб потрес со јачина од 6,6 степени. Многумина се исплашија и избегаа на ридовите. Ова ги заштити кога на брегот настана цунами како резултат на посилниот земјотрес што се случи два часа подоцна.

26 февруари: 7 степени — Рјукју Острови (Јапонија)

Овој земјотрес настана во 5.31 часот по локално време. Неговиот епицентар беше на 80 километри од Наха на Окинава, кој е дел од јапонскиот архипелаг Рјукју. Беа дадени предупредувања за цунами кои потоа беа повлечени. Една жена што живее на Окинава повеќе од 90 години вели дека не памети толку силен земјотрес.

27 февруари: 8,8 степени — Чиле

Ова е петти најсилен земјотрес во светот од 1900 год. наваму. Најсилниот беше исто така во Чиле во 1960 год. и имаше јачина од 9,4 степени по Рихтеровата скала. Овој земјотрес, како и земјотресот од 7,7 степени, кој го опустоши главниот град на Чиле во 1985 год., ја поттикнаа чилеанската влада да наметне строги правила на градење.

Тоа објаснува зошто во Сантјаго и во другите градови погодени од последниот земјотрес се срушија малку згради. Меѓутоа, повеќе илјади лица беа повредени и претрпеа материјална штета. Се проценува дека животот го изгубија 500 лица, од кои речиси половина загинале во цунамито по должината на брегот на Чиле.

4 април: 7,2 степени — Долна Калифорнија (Мексико)

Епицентарот на овој земјотрес беше 18 километри од Гвадалупе Викторија и 47 километри од Мексикали. Ова подрачје е зафрлено и претежно ненаселено. Меѓутоа, силниот потрес се почувствува во голем број помали и поголеми градови во Мексико и на југот од САД.

9 мај: 7,2 степени — Северна Суматра (Индонезија)

Овој морски земјотрес се случи напладне 217 километри од Банда Ацех, најсеверниот град во Индонезија. Многумина истрчаа од своите домови и извесно време од страв одбиваа да се вратат назад. Меѓутоа, нема извештаи за загинати.

Реална закана од идни земјотреси

Со оглед на тоа што во историјата редовно се забележани силни земјотреси кои ја потресуваат нашата планета, реално е да очекуваме да се појават и нови. Американската агенција за геолошки истражувања го изразува тоа најотворено кога вели: „Силни земјотреси имало и ќе има“.

Во уводната статија на еден весник беше дадена следнава интересна изјава: „Сите неодамнешни земјотреси... беа преголем предизвик за луѓето и само нѐ потсетија на ограниченоста на човекот. Тоа не значи дека не треба ништо да преземаме кога сме во можност... туку дека мораме да очекуваме големи природни катастрофи над кои ќе немаме никаква контрола“.

Оние што темелно ја проучуваат Библијата веднаш ќе се сетат на библиските пророштва кои конкретно спомнуваат земјотреси како дел од комбинираниот знак за последните денови на овој свет (Матеј 24:3, 7; Марко 13:8; Лука 21:11).

[Карта на страници 20 и 21]

(Види во публикацијата)

Некои од земјотресите посилни од 7 степени (јануари-мај)

Мексико

Хаити

Чиле

Јапонија

Индонезија

Соломонови Острови