Земјотресот на Хаити — вера и љубов на дело!
Земјотресот на Хаити — вера и љубов на дело!
Во вторник, на 12 јануари 2010 год., во 16.53 часот, Евелин чула силна бучава како од авион што полетува. Земјата почнала да се тресе. Можела да слушне како во близина гласно пукаат ѕидови и се рушат згради. Кога тлото се смирило, Евелин се искачила на една височинка за да види што се случило. Отсекаде доаѓал плач и лелек. Над Порт-о-Пренс, главниот град на Хаити, се издигал облак од прав.
ЗА САМО неколку секунди, беа срушени домови, објекти на владата, банки, болници и училишта. Загинаа луѓе од сите општествени слоеви — повеќе од 220.000 лица. Околу 300.000 беа повредени.
Многу од преживеаните седеа покрај урнатините од своите домови, занемени од шокот што го доживеаја. Други со голи раце избезумено копаа низ купиштата рушевини за да ги спасат своите роднини и соседи. Наскоро падна мрак, а бидејќи немаше струја, спасувачите мораа да работат на батериска ламба и на свеќи.
Во градот Жакмел, 11-годишниот Ралфенди лежеше заробен под една делумно срушена зграда. Една спасувачка екипа од тој град трескавично се трудеше да го извади. Серијата последователни потреси ги присили да се откажат од страв дека напукнатите горни катови би можеле да се срушат врз нив. Но, еден мисионер на Јеховините сведоци по име Филип не сакаше да се откаже. Тој објаснува: „Едноставно не можев да го оставам Ралфенди да умре“.
Филип и тројца други луѓе се протнаа низ тесниот простор под оштетената зграда и, педа по педа, се пробиваа до местото каде што лежеше Ралфенди, на кого нозете му беа притиснати под рушевините. На полноќ почнаа внимателно да го отстрануваат кршот. При секој потрес можеа да чујат како се поместува и пука бетонот над нив. Во 5 часот наутро, повеќе од 12 часа по земјотресот, успеаја да го извлечат Ралфенди.
За жал, не беа успешни сите обиди за спасување. Во градот Леоган, кој беше тешко погоден, Роже и неговиот постар син, Клид, успеаја да избегаат пред нивниот дом сосема да се сруши. Но, помладиот син, Кларенс, загина. Клана, жена му на Роже, беше жива и можеше да зборува, но главата ѝ беше приклештена под паднатиот таван. Роже и еден негов пријател се трудеа да ја ослободат. „Побрзај!“ викаше таа од под урнатините. „Губам сила! Не можам да дишам!“ По три часа, пристигна една спасувачка екипа. Но, кога ја извадија, веќе беше мртва.
Среда, 13 јануари, 2. ден
Утрото се виде колку разорен бил земјотресот. Поголемиот дел од Порт-о-Пренс лежеше во урнатини. Откако се рашири веста за земјотресот, многу хуманитарни организации и самопожртвувани лица од целиот
свет дојдоа да помогнат. Доброволците од канцеларијата на Јеховините сведоци во Доминиканската Република, на оддалеченост од околу 300 километри, исто така го почувствуваа земјотресот. Веднаш откако дознаа дека епицентарот бил близу густо населениот Порт-о-Пренс, каде што живее речиси третина од 9-милионското население на Хаити, Сведоците од Доминиканската Република почнаа да се организираат за да помогнат.Бидејќи во последните 150 години на Хаити немало силен земјотрес, обично се правеа градби што ќе издржат урагани и поплави, но не и земјотреси. Затоа, повеќето монтажни ѕидови и тешките бетонски покриви не можеа да го издржат земјотресот со јачина од 7 степени. Меѓутоа, канцеларијата на Јеховините сведоци на Хаити, изградена во 1987 год., беше проектирана според општоприфатените сеизмички градежни стандарди. Иако се наоѓа на источниот крај од Порт-о-Пренс, оваа градба не претрпе речиси никаква штета.
Прекуноќ, канцеларијата во Хаити се претвори во раздвижен центар за помош. Бидејќи не можеа да се потпрат на телефонските врски и на интернетот, некои членови на персоналот мораа двапати да возат до границата со Доминиканската Република за да испратат извештаи. Во меѓувреме, на имотот на канцеларијата на Хаити почнаа да доаѓаат стотици жртви, од кои многумина беа сериозно повредени. Многу други лица беа префрлени до неколкуте локални болници, во кои за кратко време снема место.
Насекаде околу болниците, по земјата имаше исполегнати раскрвавени жртви кои викаа од болка. Една од нив беше и Марла, која цели осум часа била затрупана под урнатините на една срушена зграда. Не ги чувствувала и не можела да ги мрда нозете. Соседите ја откопале и ја однеле во болница. Но, во која? Еван, лекар кој е Сведок, бил дојден од Доминиканската Република. Тргнал да ја бара Марла, но го знаел само нејзиното име.
Дотогаш, поминале повеќе од 24 часа од земјотресот и повторно се стемнило.
Пречекорувајќи ги мртвите тела што лежеле пред една болница, Еван се помолил во себе и продолжил да го повикува името на Марла. Конечно чул како некој одговара: „Да!“ Марла гледала во него со широка насмевка. Зачуден, Еван ја прашал: „Зошто си насмеана?“ „Затоа што сега сум со мојот духовен брат“, му рекла. Еван не можел да ги задржи солзите.Четврток, 14 јануари, 3. ден
Светското седиште на Јеховините сведоци, кое се наоѓа во Соединетите Држави, како и подружниците во Гвадалупе, Германија, Доминиканската Република, Канада, Мартиник, Франција и други места, се организираа за најдобро да се искористат превозните и финансиските средства, средствата за комуникација, работната сила, храната, водата, лековите и останатата хуманитарна помош. Сѐ на сѐ, дојдоа да помогнат 78 медицински лица кои се Јеховини сведоци, како и многу други доброволци. Во 2.30 часот, од подружницата во Доминиканската Република беше испратен првиот камион со околу 6.800 килограми хуманитарна помош за Хаити.
Кога пратката пристигна нешто подоцна истото утро, Сведоците од подружницата во Хаити почнаа да ја распределуваат. За да не биде украдена храната и подоцна препродавана, хуманитарните работници го маскираа товарот. Доброволците деноноќно пакуваа храна и други продукти во мали ќеси за семејствата и за поединци. Наредните неколку месеци, Јеховините сведоци бесплатно поделија повеќе од 450.000 килограми хуманитарна помош, во што спаѓаа и 400.000 оброци.
Петок, 15 јануари, 4. ден
До пладне, на Хаити пристигнаа 19 лекари, медицински сестри и други медицински лица од Доминиканската Република и од Гвадалупе кои се Сведоци. Тие брзо поставија клиника за прва помош. Во неа беа лекувани голем број повредени деца од едно сиропиталиште. Освен тоа, персоналот кој се состоеше од Сведоци го обезбеди сиропиталиштето со храна и со церади под кои можеа да се засолнат. „Благодарен сум им на Јеховините сведоци“, рече Етјен, директор на сиропиталиштето. „Не знам што ќе правевме без нив.“
Изгубена, па најдена
Кога се случил земјотресот, 7-годишната Исланде била дома. Погледнала низ прозорецот и видела како се кинат електрични кабли фрлајќи искри. Одеднаш почнале да се рушат и ѕидовите околу неа, а паднатите блокови ѝ ја скршиле ногата и ѝ нанеле тешки повреди. Откако била извадена од рушевините, татко ѝ Џони ја одвел во една болница во Доминиканската Република, близу до самата граница. Потоа била префрлена во една болница во главниот град Санто Доминго. Но, кога Џони подоцна се јавил во болницата, Исланде ја немало.
Цели два дена Џони насекаде ја барал, но напразно. Во меѓувреме, таа била однесена во друга болница, каде што една жена која помагала како доброволец ја чула како му се моли на Јехова (Псалм 83:18). „Го сакаш ли Јехова?“ ја прашала жената. „Да“, одговорила Исланде целата уплакана. „Не грижи се“, ја смирувала жената. „Јехова ќе ти помогне.“
Џони ја замолил канцеларијата на Јеховините сведоци во Доминиканската Република да му помогне да ја најде Исланде. Мелани,
која исто така е Сведок, се понудила да ја бара. Додека се распрашувала по болниците, разговорот го чула жената што ја слушнала Исланде додека се молела и ја одвела до неа. Така Исланде повторно се нашла со семејството.Операции и рехабилитација
Бидејќи мнозина од повредените не добиле никаква лекарска помош пред да дојдат во клиниката поставена во канцеларијата на Сведоците на Хаити, нивните повредени екстремитети беа зафатени од гангрена. Многу често, животот можеше да им се спаси само со ампутација. Првите денови по земјотресот, немаше доволно хируршка опрема, лекови, па дури ни анестезија. Ситуацијата беше трауматична и за самите лекари. Еден од нив рече: „Би сакал Бог да ми избрише од сеќавањето некои сцени и звуци“.
Втората седмица по земјотресот, почнаа и од Европа да пристигнуваат лекари кои беа Сведоци и имаа искуство и опрема за да извршат сложени и итни операции. Медицинската екипа изврши 53 операции и илјадници други медицински зафати. Виделин, Сведок на 23-годишна возраст, пристигнала во Порт-о-Пренс еден ден пред земјотресот. При несреќата ѝ била згмечена десната рака и морале да ѝ ја ампутираат во една локална болница. Подоцна, некои роднини ја одвеле во една болница во близина на нивниот дом во Пор-де-Пе, оддалечена седум часа од главниот град. Но, состојбата на Виделин се
влошила и болничкиот персонал кренал раце од неа.Откако дознала за нејзината ситуација, една медицинска екипа Сведоци тргнале од Порт-о-Пренс за да ѝ помогнат и да ја вратат назад за понатамошна медицинска нега. Кога другите пациенти виделе дека нејзините духовни браќа дошле по неа, почнале да аплаудираат. Со помош на семејството и собранието, Виделин добро се привикнува на новите околности.
Во Доминиканската Република, Јеховините сведоци изнајмија приватни домови кои беа пренаменети во центри за рехабилитација на пациентите испратени таму. Во нив служеа тимови од доброволци — лекари, медицински сестри, физиотерапевти и други медицински лица — кои се менуваа по ред. Овие Сведоци од срце се грижеа за потребите на пациентите додека тие закрепнуваа.
Порака на вера, љубов и надеж
Од вкупно 56 Сали на Царството на Јеховините сведоци во местата погодени од земјотресот во Хаити, поголема штета претрпеа само шест. Повеќето Сведоци кои беа раселени поради земјотресот останаа во неоштетените сали или во други отворени места. Сведоците, кои веќе се навикнати заедно да се собираат, се организираа како што тоа го прават на своите редовни собири.
„Нашето собрание продолжи редовно да ги одржува своите состаноци, а тоа им ја даде потребната стабилност и на младите и на постарите“, објасни Жан-Клод, еден од надгледниците на Јеховините сведоци од тоа место. Каков бил резултатот? „Многу ми е мило
што гледам дека Јеховините сведоци сѐ уште проповедаат“, рече еден човек. „Да не продолжевте со проповедањето, катастрофата ќе ја доживеевме уште потешко.“Сведоците ги тешеа луѓето. „Речиси секој што ќе го сретнеме верува дека земјотресот е казна од Бог“, рече еден Сведок. „Ги уверуваме дека тој беше природна катастрофа, а не Божје дело. Им го покажуваме стихот од 1. Мојсеева 18:25. Таму Авраам вели дека е незамисливо Бог да ги уништи добрите луѓе заедно со лошите. Им го читаме и Лука 21:11, каде што Исус претскажал дека во наше време ќе има силни земјотреси. Им објаснуваме дека наскоро тој ќе ги воскресне нашите блиски што умреле и ќе го отстрани страдањето. Многу луѓе се навистина благодарни за она што им го кажуваме.“ a
Сепак, многу тешкотии остануваат и понатаму. „Првата катастрофа беше земјотресот. Сега мораме да се бориме со другите што се последица од него“, вели еден лекар кој е Сведок по име Жан-Емануел. „Освен заканата од разни болести во пренатрупаните кампови кои се накиснати од дожд и во кои нема никакви санитарни услови, тука е и емоционалната траума која е потисната, но не попушта.“
Со седмици по земјотресот, во клиниката доаѓаше еден Сведок кој се жалеше на непопустливи главоболки и несоница, вообичаени кај лицата што доживеале природна катастрофа. „Да не те удри нешто по главата?“ го праша една медицинска сестра која е Сведок. „Не“, одговори тој смирено. „Загина жена ми со која бевме 17 години во брак. Но, очекуваме да се случуваат вакви работи. Исус рекол дека ќе се случуваат.“
Претпоставувајќи што би можел да биде проблемот, сестрата рекла: „Но, ти си го загубил брачниот другар. Тоа е ужасно! Не е погрешно да жалиш и да се исплачеш. Исус плачел кога умрел неговиот пријател Лазар“. Тогаш овој разжалостен човек заплакал на глас.
Во ова место има повеќе од 10.000 Сведоци, а во земјотресот загинаа 154 од нив. Се проценува дека над 92 отсто од жителите на Порт-о-Пренс во катастрофата загубиле еден или повеќе членови од семејството или пријатели. За да им помогнат на ужалените, Јеховините сведоци навраќаа кај луѓето кои претрпеа и физичка и емотивна траума, давајќи им можност да си ги излеат чувствата пред некого во кого можат да имаат доверба. Иако ужалените Сведоци го знаеја библиското ветување за воскресение во рајот на Земјата, сепак им требаше некој сочувствителен сохристијанин пред кого ќе се искажат и кој ќе ги утеши.
Соочување со сегашноста и со иднината
Апостол Павле напишал: „Остануваат овие три: верата, надежта и љубовта. Но најголема од нив е љубовта“ (1. Коринќаните 13:13). Овие особини им помагаат на многу Сведоци од Хаити да ги поднесат сегашните околности, да ги охрабрат другите и да гледаат на иднината без страв. Очигледно е дека меѓународната помош е резултат на вистинска вера, единство и срдечност. „Никогаш порано не сум видела толкава љубов“, вели Петра. Таа е Сведок и лекар, а дојде да помогне од Германија. „Пролеав многу солзи, но повеќе од радост отколку од тага.“
Во весникот The Wall Street Journal стоеше дека земјотресот во Хаити од 2010 год., „според некои критериуми, е најразорната природна катастрофа од која била погодена една земја“. Но, оттогаш во светот се случија и други трагични катастрофи — и природни и предизвикани од човек. Ќе им дојде ли некогаш крај на сите катастрофи? Јеховините сведоци на Хаити и низ целиот свет се уверени дека Бог наскоро ќе го исполни следново библиско ветување: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4).
[Фуснота]
a Види го 11. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, со наслов „Зошто Бог ги допушта страдањата?“ Оваа публикација е издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 15]
„Едноставно не можев да го оставам Ралфенди да умре“
[Истакната мисла на страница 19]
„Многу ми е мило што гледам дека Јеховините сведоци сѐ уште проповедаат“
[Рамка/слика на страница 17]
ДОМОВИ ЗА НАСТРАДАНИТЕ
Еден месец по земјотресот, градежни инженери кои се Сведоци почнаа да вршат испитувања за да утврдат во кои домови семејствата би можеле повторно да се вселат. На многу од оние што останаа без покрив над главата им требаа привремени домови додека да си обезбедат живеалишта.
„На темел на искуството на меѓународните хуманитарни организации, проектиравме евтини градби кои лесно се склопуваат и кои по големина се слични со домовите во кои живееја многумина“, објаснува Џон од подружницата на Хаити. „Овие градби нудат заштита од дожд и ветар, без да претставуваат опасност за семејствата во случај на повторни потреси.“ Само три седмици по земјотресот, екипа доброволци од Хаити и од други земји почнаа да градат привремени домови.
Луѓето по улиците ги поздравуваа камионите што ги носеа монтажните делови за овие домови. Додека го одобруваше увозот на градежните материјали, еден цариник рече: „Јеховините сведоци беа меѓу првите што ја преминаа границата за да помогнат. Тие навистина помагаат, а не само да зборуваат за помагање“. Во првите неколку месеци по земјотресот, Сведоците изградија 1.500 домови за оние што останаа без покрив над главата.
[Карта на страница 14]
(Види во публикацијата)
ХАИТИ
ПОРТ-О-ПРЕНС
Леоган
Епицентар
Жакмел
ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА
[Слика на страница 16]
Марла
[Слика на страница 16]
Исланде
[Слика на страница 16]
Виделин
[Слика на страница 18]
Група Јеховини сведоци од Хаити одат да ги тешат настраданите
[Слика на страница 18]
Лекар што се грижи за едно момче во клиниката што ја поставија Јеховините сведоци