Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто Бог не го уништува Ѓаволот?

Зошто Бог не го уништува Ѓаволот?

Што вели Библијата

Зошто Бог не го уништува Ѓаволот?

АКО можеш, дали би му помогнал некому што страда? Доброволците во акциите за помош брзаат до местата погодени од некоја катастрофа за да им го олеснат страдањето и да им го спасат животот на лица кои воопшто не ги познаваат. Затоа, некој би можел да праша: ‚Зошто Бог веќе еднаш не го уништи Ѓаволот, кој е одговорен за неописливото страдање на луѓето?‘

Еве еден пример што ќе ти помогне да добиеш одговор на ова прашање. Замисли си дека се води еден значаен судски процес. Во очаен обид да ја запре постапката, убиецот тврди дека судијата го води судењето на нечесен начин, па дури и дека ги поткупил поротниците. Ова наметнува потреба да бидат сослушани безброј сведоци.

Судијата е свесен дека оваа обемна постапка ќе биде проследена со големи тешкотии и би сакал да го реши случајот без непотребно одложување. Но сфаќа дека, за да донесе пресуда која во иднина ќе служи како преседан ако се појави слична ситуација, и на двете страни во спорот треба да им се даде доволно време за да ги изнесат своите докази.

Каква врска има оваа споредба со предизвикот што Ѓаволот, кој е наречен и „змеј“, „змија“ и „Сатана“, му го упатил на Јехова, ‚Севишниот над целата земја‘? (Откровение 12:9; Псалм 83:18). Кој е, всушност, Ѓаволот? Какви обвиненија изнел против Јехова Бог? И кога Бог ќе го уништи?

Зошто бил потребен правен преседан?

На почетокот, Ѓаволот бил совршено духовно суштество, еден од Божјите ангели (Јов 1:6, 7). Тој самиот се направил себеси Ѓавол така што се преокупирал со една себична амбиција — луѓето да го обожаваат него. Го оспорил правото на Бог да владее, па дури и индиректно кажал дека Бог не заслужува некој да му биде послушен. Тој тврдел дека луѓето му служат на Бог само кога тој ќе ги поткупи така што ќе им даде благослов и дека, кога ќе се најдат во неволја, сите ќе го ‚проколнат‘ својот Творец (Јов 1:8-11; 2:4, 5).

Таквите обвиненија од страна на Сатана не можеле да се решат едноставно со примена на сила. Всушност, ако Ѓаволот бил уништен веднаш, некој можеби ќе си помислел дека бил во право. Затоа Бог, кој има апсолутна власт, покренал правна постапка која ќе ги отстрани ваквите сомнежи од мислите на сите набљудувачи.

Во склад со своите принципи и со совршеното мерило за правда, Јехова Бог дозволил секоја страна во спорот да најде сведоци што ќе ја поддржат. Со тоа што допуштил да помине доволно време, Бог им дал на потомците на Адам можност да живеат и да сведочат во негова корист така што ќе изберат да му останат верни од љубов, сеедно со какви проблеми ќе се соочат.

Уште колку долго?

Јехова Бог е сосема свесен дека, додека трае оваа правна постапка, луѓето ќе страдаат. Сепак, тој е решен да го затвори случајот најрано што е можно. Библијата го нарекува „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Јасно е дека „Богот на секоја утеха“ нема да дозволи ниту Ѓаволот да живее подолго отколку што е потребно ниту последиците од неговото влијание да бидат трајни. Но, тоа не значи ни дека ќе го уништи Ѓаволот предвреме, односно пред да биде затворен овој судски процес од сеопшто значење.

Кога спорните прашања конечно ќе се решат, ќе биде целосно потврдено дека Јехова има право да владее. Судскиот процес против Сатана ќе служи како стандард во целата вечност. Ако некогаш се случи нешто слично, примерот на Сатана би послужил како преседан кој не ќе мора да се повторува.

Кога ќе дојде време, Божјиот Син, Исус Христос, ќе го уништи Ѓаволот и неговите дела под водство на Јехова Бог. Библијата го опишува времето кога Христос, „откако ќе ги уништи секоја влада и секоја власт и сила, ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко. Зашто, тој треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе. А како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:24-26).

Среќни сме што Библијата ветува дека низ целиот свет ќе завладеат рајски услови. Во склад со Божјата првобитна намера, луѓето ќе живеат во еден мирољубив рај! „Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир.“ Да, „праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:11, 29).

Помисли само на величествената надеж што Библијата им ја дава на Божјите слуги. Во неа стои: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).

ШТО МИСЛИШ?

● Кои лажни обвиненија ги изнел Ѓаволот против Бог и против луѓето? (Јов 1:8-11)

● Кои особини на Бог ни се гаранција дека ќе дојде времето кога тој ќе го уништи Ѓаволот? (2. Коринќаните 1:3)

● Каква надеж ни дава Библијата? (Откровение 21:3, 4)

[Слика на страница 10]

За да биде донесена пресуда што ќе служи како правен преседан, и на двете страни во спорот треба да им се даде доволно време за да ги изнесат своите докази