Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во што е привлечноста на окултното?

Во што е привлечноста на окултното?

Во што е привлечноста на окултното?

ОДГОВОРОТ на ова прашање многу зависи од тоа каде живее некој и од неговата религија и култура. Зошто окултизмот им е интересен на некои луѓе во твоето место? Можеби поради некоја од следниве работи.

Љубопитност. Луѓето по природа се љубопитни, а окултните работи секако знаат да ја заскокоткаат љубопитноста. Некои се прашуваат дали зад окултизмот се крие некоја тајна сила. Други си гледаат на кафе или читаат хороскоп и чекаат да видат дали ќе се оствари она што го пишува. Трети, пак, бараат совети од јасновидци или одат на спиритуалистички сеанси, на кои се обидуваат да стапат во контакт со мртвите.

Забава. Во последниве години има прилив на книги, филмови и компјутерски игри кои содржат елементи на окултизам и древни пагански празноверија. Ваквата забава честопати содржи и експлицитни сцени со насилство и секс.

Загриженост за иднината. Библијата прорекла: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“ (2. Тимотеј 3:1). Ова навистина се тешки времиња и многу луѓе бараат совети од лица што се занимаваат со окултизам, како што се астролози, гатачи, луѓе што гледаат во дланка (хироманти) и јасновидци. „Овој бизнис е еден од ретките што не ги погодува ниедна економска криза“, рекол еден јасновидец. „Кога сѐ им оди добро, луѓето обично не нѐ бараат.“ Една гатачка од Канада рекла: „Одеднаш почнав да добивам телефонски повици од бизнисмени кои скришум се јавуваат од својата канцеларија или од својот мобилен телефон шепотејќи во слушалката“. Таа додала: „Тоа се луѓе кои порано беа големи скептици и тешко дека ќе отидеа кај јасновидец“.

Болест. Во некои земји, често се случува оние што се тешко болни да престанат да одат по лекари и да почнат спасот да си го бараат од разни исцелители што се занимаваат со окултизам. Овие исцелители може да им речат дека се болни затоа што некој им фрлил клетва или им направил магија. За да ја растурат магијата, роднините и пријателите на болниот може да побараат помош од окултист, кому можеби ќе треба да му платат голема сума за тоа.

Желба за заштита и среќа. Во некои делови на Африка, селаните плаќаат „пророк“ од некоја харизматична црква за да ги истера лошите духови од кај нив. При ритуалите се пијат разни напивки и „света вода“. На други места, луѓето одат кај спиритистички медиум за да им ја благослови новата куќа или гробот, зашто сметаат дека духовите на мртвите можат да им донесат среќа.

Страв за децата. Во Папуа Нова Гвинеја, некои мајки не сакаат навечер да излезат надвор со своето новороденче. Зошто? Затоа што се плашат дека злите духови можат да му направат нешто лошо. Во Уганда, за заштита од лоши духови мајките обично врзуваат врвка на рачето или на ножето на бебето, на која понекогаш има нанижано мониста и школки.

Смрт на некој близок. Британскиот писател сер Артур Конан Дојл, авторот на „Шерлок Холмс“, претрпел голема загуба. Во Првата светска војна загинале син му, брат му, братот на жена му и внук му. Очајни и избезумени од болка, Дојл и жена му оделе на спиритуалистички сеанси со надеж дека ќе стапат во контакт со својот мртов син. И денес многу луѓе одат кај спиритистички медиуми во обид да контактираат со најблиските кои им починале. Во некои земји, традиционалните религии и т.н. христијански цркви поучуваат дека смртта е злобно дело на гневни духови. Затоа, кога ќе починат повеќе души едноподруго, обично се прават неколку задолжителни, скапи ритуали за да се спречат понатамошни смртни случаи.

Страв од мртвите. Верувањата во врска со смртта и мртвите имаат силно влијание врз секојдневниот живот. Затоа, во многу земји, луѓето прават разни ритуали за да ги смилостиват мртвите или за да „докажат“ дека ги сакаат. На пример, еден таков ритуал е да се повредуваат себеси. Кај некои народи од пацифичките острови, вдовците или вдовиците мораат да носат црнина и да оплакуваат со месеци, заклучени во куќа каде што не смеат да ја јадат омилената храна на починатиот. Оние што го држат овој обичај може да паднат во депресија, да се разболат поради изгладнетост, па дури и да умрат.

Очигледно, има многу работи што ги привлекуваат луѓето кон окултното. Затоа, многу е важно да разбереме кој навистина стои зад него! Од помош ќе ни биде ако ја испитаме Библијата, единствената книга што ни ја кажува вистината во врска со тоа.