Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Може ли да се спојат науката и Библијата?

Може ли да се спојат науката и Библијата?

Што вели Библијата

Може ли да се спојат науката и Библијата?

„Наоѓам смисла и радост во науката кога одвреме-навреме ќе откријам нешто ново. Тогаш си велам: ‚Значи вака Бог го направил тоа!‘“ (ХЕНРИ ШЕФЕР, ПРОФЕСОР ПО ХЕМИЈА)

СО ПОМОШ на науката, можеме многу подобро да го разбереме светот на природата. Тој ни открива ред, прецизност и сложеност кои за многумина се доказ дека постои Бог со безгранична интелигенција и моќ. Според нив, науката открива не само детали во врска со природата туку и како Бог размислува.

Таквото гледиште многупати е потврдено во Библијата. Во Римјаните 1:20 стои: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“. Слична мисла е изразена и во Псалм 19:1, 2, каде што стои: „Небесата ја објавуваат Божјата слава, небесниот свод зборува за делата на неговите раце. Секој ден зборува за тоа, секоја ноќ открива знаење“. Сепак, и покрај сите чуда што ги гледаме во природата, таа ни открива само некои работи за нашиот Творец.

Границите на науката

Има многу факти за Бог кои науката не може да ги објасни. На пример, еден научник би можел да ја опише секоја молекула од една чоколадна торта, но дали неговата анализа ќе открие зошто и за кого била направена тортата? За да добие одговор на вакви прашања, кои повеќето луѓе би ги сметале за поважни, ќе мора да го праша оној што ја направил тортата.

Австрискиот физичар Ервин Шредингер, добитник на Нобелова награда, напишал нешто слично: „Науката ни дава многу информации засновани на факти, но е необично тивка во врска со сѐ она што навистина сакаме да го знаеме, она што навистина ни значи“. Како што вели тој, во тоа спаѓаат „Бог и вечноста“. На пример, само Бог може да одговори на прашања како: Зошто постои вселената? Зошто нашата планета врие од жив свет, вклучувајќи и интелигентни облици на живот? Ако Бог е навистина семоќен, зошто дозволува да има зло и страдање? И дали смртта е крај на сѐ?

Дали Бог одговорил на овие прашања? Да, и тоа во Библијата (2. Тимотеј 3:16). Но, можеби ќе прашаш: ‚Како да бидам сигурен дека Библијата е навистина книга од Бог?‘ Од научна гледна точка, она што Библијата го кажува за светот околу нас би морало да е во согласност со научните факти, затоа што Бог не си противречи. Дали навистина е така? Да разгледаме неколку примери.

Далеку пред своето време

Во времето кога Библијата била пишувана, многу луѓе верувале дека постојат различни богови и дека тие, а не природните закони, управуваат со Сонцето, Месечината, временските услови, плодноста, итн. Но, тоа не било случај и со еврејските Божји пророци од древни времиња. Се разбира, тие знаеле дека Јехова Бог може директно да управува со природните сили и дека, во неколку конкретни случаи, тоа и го направил (Исус Навин 10:12-14; 2. Царевите 20:9-11). Меѓутоа, Џон Ленокс, професор по математика на Универзитетот во Оксфорд (Англија), изјавил дека овие пророци „немало потреба да го чистат својот универзум [од митски богови]... од едноставна причина што тие никогаш и не верувале во тие богови. Од таквото суеверие ги спасило тоа што верувале во еден вистински Бог, Творецот на небото и Земјата“.

Како ова верување ги заштитило од суеверие? Меѓу другото, вистинскиот Бог им открил дека тој управува со вселената со помош на прецизни закони, односно одредби. На пример, пред повеќе од 3.500 години, Јехова Бог го прашал својот слуга Јов: „Ги познаваш ли законите што управуваат со небото?“ (Јов 38:33). Во седмиот век пр.н.е., пророкот Еремија пишувал за „небесните и земните одредби“ (Еремија 33:25).

Затоа, сите што живееле во древни времиња и имале вера во записите на библиските пророци можеле да знаат дека со вселената не управуваат каприциозни митски божества, туку логични закони. Овие побожни луѓе ниту се клањале пред Божјите созданија, како што се Сонцето, Месечината или ѕвездите, ниту имале суеверни гледишта за нив (5. Мојсеева 4:15-19). Напротив, сметале дека од она што Бог го создал можат да учат за неговите особини, како што се мудроста и моќта (Псалм 8:3-9; Изреки 3:19, 20).

Во склад со гледиштето на многу денешни научници, древните Евреи исто така верувале дека вселената имала почеток. Во 1. Мојсеева 1:1 пишува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. Исто така, пред околу 3.500 години Бог му открил на Јов дека „ја држи земјата обесена на ништо“, односно дека таа лебди во вселената (Јов 26:7). А пред повеќе од 2.500 години, пророкот Исаија напишал дека Земјата е круг, односно сфера (Исаија 40:22). *

Да, Библијата е во склад со фактите што науката ги открива за природата. Всушност, Библијата и науката не само што не си противречат туку и многу убаво се надополнуваат. Ако игнорираме која и да било од нив, си ја скратуваме можноста да го запознаеме Бог (Псалм 119:105; Исаија 40:26).

[Фуснота]

^ пас. 14 Поопширно објаснување за тоа дали постои Бог и дали Библијата е веродостојна можеш да најдеш во брошурата Дали животот е Божје дело? и во книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Овие две публикации се издадени од Јеховините сведоци.

ШТО МИСЛИШ?

● Што ни откриваат созданијата за Бог? (Римјаните 1:20)

● Кои факти за Бог науката не може да ги објасни? (2. Тимотеј 3:16)

● Зошто пророците на вистинскиот Бог од древни времиња не биле суеверни во поглед на созданијата? (Еремија 33:25)

[Истакната мисла на страница 23]

Со вселената управуваат прецизни закони — „небесните и земните одредби“ (ЕРЕМИЈА 33:25)