Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Помалку од четвртина од Германците помлади од 40 години сметаат дека треба секој ден да се молат со децата, а само 40 отсто од оние што одат в црква мислат дека молитвата е важна (APOTHEKEN UMSCHAU, ГЕРМАНИЈА).

Еден донатор на сперма кај кого не била навреме откриена една генетска мутација поврзана со срцево заболување им ја пренел оваа состојба на 9 од 24-те деца за кои се знае дека се негово потомство. Едно од нив починало од срцев застој на 2-годишна возраст (JAMA, САД).

„Над 50 отсто од Русите сметаат дека корупцијата е неизбежен и непроменлив дел од животот“ (RIA NOVOSTI, РУСИЈА).

Многу малку вистински пријатели

„Просечниот Британец има само тројца вистински пријатели на кои може да се потпре“, стои во лондонскиот весник The Daily Telegraph. Според едно истражување, некои од причините поради кои еден просечен човек „со текот на годините во просек губи контакт со 36 пријатели“ се „презафатеноста“, ‚постепеното оддалечување‘ и, како што е случај кај 43 отсто од испитаниците, „несогласувањата... и одлуката никогаш повторно да не зборуваат“. Речиси една петтина им се доверуваат на колегите затоа што „нема на кого друг да му се обратат“. Еден од истражувачите го изјавил следново: „Треба да имаш нешто посебно во себе за другите да те сметаат за доверлив и да се потпрат на тебе“.

Подморници за шверц на дрога

Препродавачите на дрога од Колумбија користат сѐ поусовршени методи за да прошверцуваат кокаин во Мексико, САД и Средна Америка. Од 1993 год. наваму, колумбиските власти имаат фатено и запленето најмалку 42 подморници за шверц на дрога. Откриени се и многу работилници за изработка на вакви подморници. Иако овие пловни објекти со дизел мотор не можат да нуркаат, многу е тешко да се фатат на радар. Некои од нив можат без престан да пловат и до 3.200 километри, да носат 6-10 тони кокаин, а нивната изработка може да чини и милион американски долари.

Колку се корисни семејните оброци

Според едно неодамнешно истражување во Финска, помалку од половина од испитаниците на возраст помеѓу 14 и 16 години јадат со своето семејство. Истражувањето покажа дека многу семејства воопшто не седнуваат да јадат заедно. Но, младите копнеат по вакви редовни, опуштени моменти со семејството. На прашањето што очекуваат од родителите, бил даден јасен одговор: „Топли оброци, да јадеме заедно и да ме сослушаат и да имаат време за мене“, пишува весникот Helsingin Sanomat. Семејните оброци имаат силно влијание врз психичкото здравје на младите. Како што стои во оваа статија, „младите што јадат заедно со семејството обично се добри ученици, ретко пушат, пијат или користат дрога и многу поретко се депресивни“.